Рецидивизмот (или повратништвото кон криминалните поведенија) е еден од најсложените, најзначајни и најтешки проблеми за спречување, сузбивање и превенирање во областа на криминолошката, казненоправната, пенолошката и криминално-политичката наука и во практиката. Феноменот „рецидивизам“ се доведува до најтесна релација со најчесто изрекуваната казна – затвор. Засега, иако постојат случаи од минатото идентични со последниот случај (проневера на европски фондови), никој „значаен“ не е повикан на одговорност, а уште помалку санкциониран со казна – затвор. Во еден таков контекст, „рецидивизмот“ можеби е престрога категорија за квалификација на делата, но повторувањето на делото – апсолутно ни е реалност!
Консеквенциите од институциите на ЕУ, односно на Европската комисија, за проневерените средства во Македонија од европските фондови за образовната програма „Еразмус плус“, веќе се конкретно упатени до Националната агенција за образовни програми и мобилност. На адреса на агенцијата е доставено официјално известување, во форма на дебитна белешка, со кое се бара враќање на 2,2 милиони евра во период од 30 до 45 дена, што значи дека веќе тече рокот во кој треба да се вратат проневерените средства. Станува збор за средства што Европската комисија ѝ ги доделила на агенцијата за таа да ги доделува во форма на грантови за организации, училишта и универзитети, во периодот од 2016 до 2018 година. Оваа проневера е утврдена со истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), при што се констатирани неправилности во врска со проекти – досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“, финансирани од Европската комисија. Констатираните злоупотреби од страна на ОЛАФ (кои не се потврдени од домашниот суд) се однесуваат на тоа што училишта, еден државен универзитет и невладини организации, наместо да управуваат самите со овие средства, склучиле договори на тендер со фирми што раководеле со целосните суми.
Кој пие, кој плаќа… од и за европските фондови
Иако станува збор за откриена манипулација со средства од европски фондови уште пред седум години, истрагата на ОЛАФ е спроведена по пријава од 2019 година, на поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова, откако државниот јавен обвинител на Македонија не постапил по нејзината пријава и доставената документација. Димова беше разрешена од функцијата во 2020 година и заработи кривична пријава за злоупотреба на средства во висина од 400.000 евра европски пари. Таа тврди дека токму овие проневери, утврдени од ОЛАФ, биле причина поради кои била сменета, преку монтирање непостојни афери. Поранешната директорка на Националната агенција директно ги обвинува тогашниот премиер Зоран Заев и националната координаторка Нола Исмаиловска Старова за притисоци кон неа за да ја повлече кривичната пријава. Импликациите за политичко влијание и притисоци за злоупотреба на европските фондови создаваат една дополнителна негативна перцепција за доверливоста на македонските институции пред европските институции, а во домашната јавност предизвикуваат прашања за тоа кој ќе понесе морална, но и кривична одговорност за ваквите финансиски манипулации, но и конечно, на кој начин ќе бидат вратени проневерените средства, што сега ги побарува Европската комисија.
Токму повторувањето на делото со проневера на европските пари од образовната програма „Еразмус плус“ наведува на перцепција во македонската јавност, а особено кај оние што успеваат да добијат проекти со европски фондови, за неказнивост по вакви финансиски престапи. Поедноставено кажано, се создава амбиент за „уверувањето“ дека доколку се проневерат европски пари и тоа се открие од европските институции, средствата ќе бидат вратени од државниот буџет, т.е. од парите на македонските даночни обврзници
Актуелниот директор на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Марко Ѓеоргиевски, ја признава итноста на ситуацијата и вели дека во тек се заеднички напори со Министерството за финансии за да се олесни враќањето на злоупотребените средства. Ѓеоргиевски ја истакна улогата на техничката влада и изрази уверување дека ќе се обезбедат потребните средства, особено по ребалансот на буџетот по претстојните избори.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ открива дека Владата се зазема да се поправи ситуацијата. Тој вели дека се прават напори за враќање на дел од присвоените средства, а се планира да се надомести остатокот од идните распределби на проектите. Маричиќ истакнува дека се работи и на предавањето на релевантната документација на истражните органи и на Обвинителството, очекувајќи брза акција за идентификување на одговорните.
Од изјавите на директорот на агенцијата и на претставниците на Владата станува јасно дека проневерените средства ќе бидат вратени во европските фондови од државниот буџет, што значи на сметка на граѓаните.
Недозволива е неказнивост за финансиски проневери
Дополнителната тежина на овој случај со проневера на средства од европските фондови и компромитацијата на Македонија пред европските институции е во фактот што ова не е прв финансиски инцидент со злоупотреба на истиот фонд за програмата „Еразмус плус“. И во 2013 година, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност морала да врати средства во буџетот на Европската комисија. Тогаш станувало збор за два проекта, кои заеднички вределе 152 илјади евра. Повторувањето на делото наведува на перцепција во македонската јавност, а особено кај оние што успеваат да добијат проекти со европски фондови, за неказнивост по вакви финансиски престапи. Поедноставено кажано, се создава амбиент за „уверувањето“ дека доколку се проневерат европски пари и тоа се открие од европските институции, средствата ќе бидат вратени од буџетот, т.е. од парите на македонските даночни обврзници.
– Сите што биле вклучени во одобрувањето на средствата од европскиот фонд за програмата „Еразмус плус“, го мониторирале процесот и го потпишале завршниот извештај за искористените средства не треба да сносат само морална (или политичка) одговорност, туку треба и кривично да одговараат. Ако од Националната агенција за образовни програми и мобилност знаеле дека треба да се вратат средствата во европските фондови, агенцијата треба да ги тужи тие конкретни субјекти што проневериле и од нив да ги наплати средствата. Конечно, зошто Владата да враќа средства во европските фондови за некој што извршил криминал?! На посреден, но и на директен начин тоа е кражба и на парите од македонските даночни обврзници, кои го полнат буџетот. Не смее да се дозволи некој да краде од ЕУ, но и од македонските граѓани, а државата да ги враќа украдените средства. Сторителите на проневерата треба да бидат откриени, да одговараат кривично и од нив да бидат наплатени средствата што се (или ќе бидат) вратени во фондовите на Европската комисија – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.