Во што е разликата меѓу католиците и православните?

Со право може да се прашаме за што се расправаат тие со векови. Одговорот секако не е во теологијата, туку во нешто што католиците и православните го сакаат многу повеќе

Со векови на овие простори живеат заедно католици и православни, главно во неслога, наспроти тоа што досега нивните црковни водачи сакаат да мантраат за сестрински цркви. Сите можат веднаш да набројат многу разлики меѓу нив, но работите изгледаат поинаку кога ќе се погледне малку подлабоко. Тие што површно ја познаваат теологијата веднаш ќе го споменат судирот во толкувањето на Тројството. Доктрината што претставува убав пример на удар врз здравиот разум ја развиле источните теолози, каде што во првите векови биле средиште на христијанската мисла. Со појавата на Августин имаме и на Запад големо име во теологијата, а всушност тој е заслужен за таа наводна голема разлика во разбирањето како тројца можат да бидат едно.
Нему ни на памет не му доаѓало да му се спротивстави на високото свештенство од Истокот. Само не му била јасна разликата меѓу искажувањето на Духот и Отецот и раѓањето на Синот од Отецот (не му е јасно никому, да не се лажеме). Поради тоа мислел дека Духот се разликувал од Синот со тоа што Синот „излегува“ од Отецот, а духот од Отецот и Синот. Патем, Августин и денес православните го сметаат за авторитет во теологијата.

Знаете за тоа кога Адам и Ева го изеле забранетото овошје и по тоа ги изгубиле и вечниот живот и способноста за вистинско морално однесување? Додека на Западот мислат дека Адам и Ева биле совршени, за православните тие допрва требале да станат совршени. Падот е нешто како кај талентираниот спортист што си дозволил неколку дена да се препушти на алкохол или на лоша храна, а кога ќе ја намали формата, потоа ќе мора повеќе да вежба за да се врати во нормала, а потоа и да напредува. Тој и натаму е талентиран спортист, кој еден ден ќе стане врвен и ненадминат, но моментално се оддалечил од таа цел.
За католиците ова однесување е грев, толку страшен што тоа бара откупување на овој или оној начин. Кај нив се јави и мислата дека Исус морал да умре во најтешка смрт за да ја плати казната поради нашата непослушност. Вистина, никогаш таквото толкување на го прифатиле како догма (тоа ќе се појави дури кај протестантите), развиле и поинакво објаснување од идејата дека правдата се задоволува со тоа што невиниот плаќа за казната наместо виновникот. Кај православните главната идеја е постоењето на човек Бог во смисла на совршенство на карактерот, тоа што тие го нарекуваат теосис (обоготворување). Адам и Ева сѐ уште не биле во таа смисла совршени.
Во католичката мисла некој морал да го „откупи“ човекот и Исус дошол за да ја изврши таа мисија, која својот врв го достигнува со неговата смрт на крстот. Како тој точно го откупи човештвото, католиците намерно не го дефинирале докрај.
Далеку од тоа дека за православните крстот е неважен. Тие во него гледаат пред сѐ симбол на победата на Исус над Сотоната. Но за нив главниот настан е всушност Исусовото отелотворување, станувањето на Бог во човек. Тоа докажува како теосис е можно, бидејќи ако Бог може да постане човек, тогаш е можно и човекот да стане Бог. Поради тоа, тие Марија ќе ја воздигнуваат како таа што го родила Бог, додека католиците најголем акцент ставаат на нејзината вечна невиност.
Како што и знаете, православните немаат папа. Причината не е толку теолошки колку што е историска, бидејќи цариградскиот патријарх ја изгубил својата моќ по падот на Византиското Царство. Во случај тоа да се одржело, во своите граници од времето на Јустинијан, цариградскиот патријарх би бил православна верзија на папата. Кај православните не се сите патријарси еднакви, има четворица главни, а меѓу нив најголемата чест ја ужива римскиот бискуп, односно папата. Меѓутоа, не му се признава правото да пресудува во догмите, тие единствено може да се донесат на собор, со заедничка одлука. И православните и католиците ги признаваат одлуките на првите седум екуменски (сеопшти) концили и за вистински цркви ги сметаат само оние што ги прифатиле тогаш изгласаните догми.

Православните и католичките свештеници најмногу се разликуваат според тоа што православните носат бради и се оженети, а католичките свештеници се избричени и во целибат. Но тоа е многу површно сфаќање. На почетокот, на старите слики, католичките свештеници и папи до неодамна пуштале брада. Кога станува збор за целибатот, тоа во католичката црква не е догма, туку вековна практика. Во суштина, двете цркви гледаат на целибатот како на посебен духовен дар, само што кај православните овој дар не мора да го поседува секој свештеник. Меѓутоа, доколку свештеникот не се ожени до своето „свештенство“, тој останува во целибат. Двете цркви мислат дека животот без секс е знак на некоја посебно духовна возвишеност.
Секако, ни едната ни другата немаат свештенички, тоа е доведено на ниво на догма. Бидејќи, знаете дека Исус имал дванаесет апостоли, исклучиво мажи. За разликите меѓу двете цркви може да се напише цела книга, но ако се заграбе длабоко под површината, ќе се види дека станува збор само за поинакво нагласување и за површни појави (литургија, храм, обликот на крстот). Да не ги споменуваме многубројните западни теологии што исто така се склони на идејата на теосис. Сега со право може да се прашаме за што се расправаат тие со векови. Одговорот секако не е во теологијата, туку во нешто што католиците и православните го сакаат многу повеќе.

(Индекс.хр)