По растечкиот тренд на пласирање целосно неточни, искривени, неаргументирани и штетни тези во однос на уставните измени од страна на различни структури, меѓу кои политичари, претставници од невладиниот сектор, професори, правници, па дури и судии, а во пресрет на почетокот на собраниската дебата за уставните измени, направивме пресек на најчесто употребуваните лажни тези на кои ги спротивставивме вистинските аргументи и факти. Зашто јавноста и граѓаните едноставно мора да ја знаат вистината. Тоа, всушност, оди најмногу во прилог на демократизација и европеизација на државата, но истовремено и на заштита на националните и државните интереси. Во продолжение издвојуваме серија најчесто користени паушални и искривени тези со цел манипулација на граѓаните, наспроти реалните факти, кои се темелат на меѓународното право и демократијата

ВО ПРЕСРЕТ НА ДЕНЕШНАТА СЕДНИЦА НА КОМИСИЈАТА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА

Во Собранието на Македонија за денеска е закажана првата седница на Комисијата за уставни прашања, на која ќе се дебатира за предлогот за пристапување кон измени на Уставот на државата. По дискусијата во комисијата, иницијативата за уставни измени треба да помине и низ поширока стручна и собраниска дебата, а на 18 август е закажана и првата пленарна седница во однос на ова прашање. Во меѓувреме, и особено деновиве, во пресрет на собраниската дебата во јавноста сѐ позасилено се пласираат целосно неточни, искривени, неаргументирани и штетни тези во однос на уставните измени. Како трансмитери или сеачи на оваа политичкоправна магла се јавуваат различни структури, меѓу кои: политичари, претставници од невладиниот сектор, професори, правници па дури и судии. Со цел расчистување на маглата направивме пресек на најчесто употребуваните искривени, а и лажни тези. Ним соодветно им спротивставивме аргументи и факти. Сметаме дека токму едно вакво соочување на паушалните и лажни тези наспроти реалноста, меѓународното право и вистината е повеќе од потребна за граѓаните и јавноста да ја добијат вистинската слика во однос на планираните уставни измени и последиците што истите тие може да ги имаат врз граѓаните и државата. Се разбира доколку процесот се турка брзоплето и изнасилено, наместо осмислено и аналитички, при што интересите на македонскиот народ и на државата секогаш ќе бидат во прв план.


ТЕЗА 1: Бугарски или „европски“ диктатз

Изминатиот период во јавноста многу често се правеа обиди за замена на тези, односно барањата и уцените од Бугарија да се претстават како оригинерни европски барања. Па така, за да се добие впечаток дека спроти нас е „европскиот Голијат“, кој не може да се победи, се вели дека засегнати страни во овој процес, наводно, се само Македонија и Европската Унија.
Тоа е погрешен, дефетистички приод, погрешна теза што оди токму во интерес на Бугарија. Имено, тоа е практично и стратегијата на Софија – целиот проблем да го префрли во дворот на Европа и практично ЕУ да ја стави во улога на фаворит против кој не се може, односно дека Унијата како целина е промотор на бугарските асимилаторски и негаторски политики кон Македонија. Тоа донекаде и успева, со вметнувањето на францускиот предлог во преговарачката рамка, како и протоколите и билатералните договори. Но тоа во никој случај не значи дека Европа е како интегрален организам што ја игра валканата асимилаторска политика на Бугарија. Зашто ставот на прогресивната демократска и стручна јавност во Европа е јасен, а тоа е дека билатералните прашања не смеат да се користат како пречка во евроинтеграциите.
Европа не смее да прифати подметнување кукавичино јајце во својот двор, зашто со тоа се руши самата себеси. Тоа треба да биде и клучниот аргумент на Македонија во однос на оваа теза. Односно Македонија јасно треба да предочи пред Брисел дека асимилацијата и негацијата воопшто не се во духот на ЕУ и дека тоа излегува надвор од меѓународното јавно право. Македонија штитејќи ги своите национални интереси ги заштитува европските вредности, принципи и меѓународното право, особено перемпторното право, кое е над сите правни норми.


ТЕЗА 2: „Отворената врата“ од порано и затворената врата за државотворниот народ

Следна од често користените погрешни тези изминатиот период е дека уште првите уставотворци ја оставиле вратата отворена да се додаваат и други народи. (?!) Демек вратата е отворена и сега секој може да влегува во Уставот, кога сака и како сака, во кое било својство и да вметнува произволни, аналфабетски формулирани делови на реченици или изрази, кои ниту имаат политичка, ниту правна, а ниту лингвистичка основа! Да не е трагично би било смешно. Тезата дека ако некој згрешил порано сега ви дава за право да запаѓате во уште поголеми грешки (?!) е погубна за Македонија. Со едно такво размислување дополнително се разградува националниот супстрат и се деноминира државата. Тоа е процес што е започнат уште од рамковниот договор, па наваму со сите штетни договори што ги внесовме во Уставот.
Токму таа погрешно отворена врата во Уставот, за сѐ и сешто, сѐ повеќе ја затвораше вратата за заштита на националните интереси на македонскиот народ во сопствената држава.
За тоа мора да се води сметка. Не може задоволувањето на барањата за некое малцинство, кое во последниот случај се мери со 0,1 отсто од вкупниот број жители во државата, да биде на штета на апсолутно мнозинскиот народ во државата. А тоа е македонскиот народ.


ТЕЗА 3: Од „незагрозени“ идентитетски прашања – до целосна асимилација и бугаризација

Следната крајно контроверзна и неточна теза што се пласира во јавноста е дека, наводно, „со уставните измени не се загрозени идентитетските прашања за македонскиот народ“ (!?). Тоа е провидно, неточно и крајно манипулативно бидејќи токму со предложените уставни измени и внесување на Бугарите како народ во Уставот се остава можноста во следните фази да се исполнат вековните бугарски соништа за целосна асимилација на македонскиот народ. Токму на оваа опасност изминатиот период укажува редица истакнати домашни и странски експерти.
– Внесувањето на Бугарите во Уставот е гаранција дека ќе започне процес на агресивна асимилаторска политика на Бугарија кон Македонија – вели професорката Мирјана Најчевска.
Притоа ако некогаш и влеземе во ЕУ тоа нема да биде како Македонци туку како нешто сосема друго, предупредуваат експертите. Бугарија јасно порачува дека не нѐ признава како посебен народ, не ни ги признава јазикот, историјата, идентитетот. Како може тогаш слепо да се верува дека ќе нѐ пуштат во ЕУ како Македонци? Затоа мора претходно самите целосно да се заштитиме и преку уставните измени и на секој друг начин. Точка.


ТЕЗА 4: Лично чувство за по дома и колективни права во устав

Во контекст и на претходната теза со идентитетските прашања се пласираат и тези дека, наводно, било многу тешко да опстојува мисла за негирање идентитет што е лично право, кое секој има право да го изнесе и нема што тука да се дискутира околу тоа. Со други зборови, секој лично може да се чувствува како сака. Но во случајот со Македонија се прават уставни измени со кои не се работи за лични поединечни чувства, туку за давање законски права на други колективитети, односно (делови од) народи (!?) како конституенти на државата, на штета на македонскиот народ! На Македонците им се остава личното чувство, а другите народи ги добиваат уставните права.
Мнозинскиот народ се изедначува со малцинствата, што е апсурдно и спротивно на меѓународното право и праксата во другите држави во светот. Не треба да се дозволи тоа.


ТЕЗА 5: Про и контра ЕУ или про и контра Македонија

Политички најкористена и наедно најманипулативна теза во однос на уставните измени е поделбата на оние што се за и тие што се против. Притоа, со цел добивање политички поени, поделбата оди до крајност на про и контра Европа, што е навистина неточно и небулозно.
Европската определба на државата е јасно дефинирана и во однос на тоа не треба да има никакви дилеми. Мнозинството граѓани во државата својата иднина ја гледаат во ЕУ. Оттаму поделбата на про и контра ЕУ е неточна, лажна и манипулативна. Зашто тука не станува збор за контра Европа, туку за заштита на македонските национални интереси, што е во сржта на демократија. Впрочем, деновиве еден домашен искусен политичар и аналитичар сосема искрено и отворено проговори во врска со ова.
– Против смена на Уставот не е само ВМРО, како што секој ден повторуваат Ковачевски, Маричиќ, Бујар и Груби. Против е, со исклучок на Албанците, огромното мнозинство на македонскиот народ од сите слоеви – порача поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, што наиде на голем број коментари на одобрување во јавноста.
Ако се земе предвид тезата на Хајредини, тогаш крајно време е да се постигне сеопшт политички консензус со цел да се заштитат македонските национални интереси и државотворниот статус на македонскиот народ.


ТЕЗА 6: Заблагодарување кон македонските великани и борци, а не кон окупаторите

Голема полемика во јавноста предизвика и заблагодарувањето во преамбулата на своите предците за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба без притоа да се утврдува кој, колку и како ги остварува заложбата и борбата за самостојност и суверенитет на Македонија. Од работната група за уставни измени сметале дека нема потреба да се впуштаме во таква дебата. Но дали е баш така?
Во актуелните околности кога Бугарија се обидува да присвои сѐ што има македонски национален предзнак, го присвојува Илинденското востание, ги негира придобивките од АСНОМ, ја негира македонската историја, себеси се претставува како администратор, а не како фашистички окупатор за време на Втората светска војна, мора многу да се внимава кому и за што му се заблагодаруваме. Зашто на македонскиот народ му е позната улогата на илинденците и на партизаните, а од друга страна и на нацистите и на окупаторите. Македонија треба да им се заблагодари на своите илинденци и на партизаните, кои се бореле за независна и самостојна Македонија, но истовремено да ги осуди врховистите, колаборационистите, окупаторите и нацистите. Зашто во спротивно може да се протолкува дека им се заблагодаруваме на Бугарите. Односно дека Бугарите со генерации се бореле за создавање самостојна и суверена држава Македонија, што не е точно. Не смееме да си дозволиме на кој било начин да го негираме македонското славно минато за кое имаме и живи сведоци.


ТЕЗА 7: Последното и (до) следното бугарско барањеќ

Прашањето на кое никој во моментов не може да одговори и кое е исто така предмет на голем број шпекулации и лажни тези е дали уставните измени се практично и последното бугарско барање или ќе има нови. Од ЕУ никој ништо не ветува, додека Софија јасно порачува дека ова е само почетокот. Во работната група за уставни измени воопшто не се дискутирало тоа прашање?! Нив не ги интересирало тоа (?!).
Но многу го интересира македонскиот народ. Зашто токму македонскиот народ и држава преку уставните измени се впуштаат во долга и неизвесна авантура. А кога влегувате во таков еден процес, неопходни се сигурни и цврсти гаранции. И од дома и од надвор. Тоа и го очекуваме од сите политички актери во следниот период. Изнесување и соочување на вистинските факти и аргументи наместо расфрлање со празни претпоставки и лажни надежи.