Повикувањето на постоење „специфична состојба на Европа“ предизвика во Македонија и во регионот низа прашања што повторно бараат одговори, со кои можеби би се откриле повеќето слоеви што ги содржеше пораката на претседателот на Европскиот совет, Мишел. Дали тоа значи дека ЕУ всушност директно порача до сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ги и Украина и Молдавија, дека во пакет ќе пристапуваат во Унијата или, пак, заедно ќе добијат некакво придружно членство, без ингеренции во одлучувањето? Енигматичноста на изјавите на високите функционери во Унијата продолжува, за жал на граѓаните и државите од Западен Балкан, кои повторно секој од свој агол си ги толкува и пренесува…
Повеќеслојноста на пораката од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел
По самитот на ЕУ, со кој практично заврши шпанското претседателство со Советот на Унијата, речиси сите земји од Западен Балкан добија неодредени одговори за напредувањето во сопствените евроинтеграции. Се покажа, како и што се очекуваше, дека фокусот на интересот за проширувањето во Унијата на овој самит беше насочен спрема Украина, која доби почеток на преговори, и тоа без преговарачка рамка, како и Молдавија, а Грузија се стекна со кандидатски статус. ЕУ покажа дека кога станува збор за геополитичкиот интерес не е формалист во однос на процедурите за проширување, на кои толку „беспомошно“ инсистира кога станува збор за пристапувањето на Македонија, која 18 години од добивањето на кандидатскиот статус не може да ги започне преговорите.
На традиционалниот состанок-самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан
Пред официјалната сесија на Советот на ЕУ беше одржан веќе „традиционалниот“ (од 2020) состанок-самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан. По завршувањето на средбата на лидерите на Унијата и на државите од западнобалканскиот регион во Брисел, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, порача дека „проширувањето е процес базиран на заслуги, но притоа мора да се има предвид специфичната состојба во која се наоѓа Европа“. Апелирањето на „специфичната состојба на Европа“, во Македонија и во регионот предизвика прашања, со кои можеби би се откриле повеќето слоеви од пораката на Мишел. Дали тоа значи дека ЕУ всушност директно порача до сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ги и Украина и Молдавија, дека во пакет ќе пристапуваат во Унијата или заедно ќе добијат некакво придружно членство, без ингеренции во одлучувањето?
– Главниот репер за иднината на проширувањето на ЕУ сѐе уште е изјавата на францускиот претседател Макрон од 17 октомври 2019 година (кога стави вето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, и тоа по Преспанскиот договор) – дека ЕУ треба прво да се реформира, па да се проширува. Четири години подоцна се покажува дека тоа не било празна реторика. Тој процес на реформирање на институциите на Унијата, за да може да прифати и да функционира со нови членки, би траел најмалку една деценија. Но досега не се гледаат ниту контурите на принципите и начинот на кој бе се случувале тие реформи во ЕУ. Сѐ уште е нејасно кој концепт на реформи би бил применет, а се зборуваше за концепти „центар и периферија на ЕУ“, па „ЕУ во повеќе брзини“. Одлуките што се носат сега во контекст на проширувањето се засновани на геополитичкиот интерес, кој го има потиснато мерит-системот на заслуги во ЕУ – вели поранешниот министер и амбасадор Марјан Ѓорчев.
ЕУ продолжува да раскажува „несреќна бескрајна приказна“ за Македонија
Во контекстот на одлуките за проширувањето што ги донесе ЕУ на својот последен самит, Ѓорчев цени дека во однос на Македонија, Унијата продолжува да се однесува како кон една „несреќна бескрајна приказна“, но и самата не знае како ќе се справува со предизвиците на пристапувањето што ѝ ги понуди на Украина. Во оваа геополитичка ситуација, според Ѓорчев, ЕУ се однесува како да го бара клучот од отворената Пандорина кутија.
– Иако Македонија според реформите што ги спроведува(ше), според мерит-системот, беше многу понапред од земјите во регионот, од геополитички причини соседните земји, барем формално, напредуваа во евроинтегративниот процес. Некои станаа и членки (Хрватска), а Црна Гора и Србија повеќе од десетина години преговараат, но тоа не ги смени многу работите на планот на реформите во тие земји. Во тој контекст, Македонија изгледа како „несреќна бескрајна приказна“ за ЕУ, но и целиот процес на проширување, со новите земји од Истокот што добија покана за почеток на преговори, добива димензија на процес на кој не му се гледа крајот. ЕУ во овој миг не знае што ќе се случува со Украина, на која очигледно ѝ се загрозени границите, изборите се суспендирани, има немерлива корупција… Од 35 услови според мерит-системот на ЕУ, оваа земја не може да исполни ниту еден. Украина доби статус за почеток на преговори, но не доби преговарачка рамка, а ние сме блокирани зашто не прифаќаме преговарачка рамка во која се вградени билатерални прашања како услов. Во мигов ЕУ нема клуч за Пандорината кутија што ја отвори во интерес на геополитиката и неизвесно е кога и на каков начин ќе го најде преку сопственото реформирање. Во такви услови, ние, како Македонија, треба да се посветиме на внатрешните реформи за економска самоодржливост, но и на реформи во контекст на владеење на правото, на судството на администрацијата. Нашиот адут за пристапување кон ЕУ, сепак, е мерит-системот на вредности. Премногу сме мали за да бидеме геополитички важни – проценува амбасадорот Марјан Ѓорчев.