Секое време си има свои олимпијци, свои херои, свои верзии на приказните, па така, и ние сега сме Снежана и чекаме, иако знаеме, да си каснеме од јаболкото што ни го носи кралицата, сега Урсула фон дер Лајен
Секое време си има свои херои. На секое време му требаат нови олимпијци (Морено). Па така, и приказните добиваат нови верзии. Нашава е поврзана со една од најздодевните – членство во ЕУ. Еден процес на малтретажа што може да трае вечно. Но ако си мајстор во раскажување, може да добие и интересен пресврт, како во случајот со Македонија, која во оваа верзија не е едно од седумте џуџиња. Во таа приказна Македонија е Снежана, а простете, но претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неизбежно ја има улогата на таа што ќе донесе со себе отровен чешел или отровно јаболко. Смртоносни подароци. И неизбежно Снежана ќе се отруе од јаболкото, иако знае дека е отровно. Снежана мора, поради својот архетип на чиста убавина и бистро расудување, да го земе јаболкото, затоа што на тој начин покажува сочувство со Урсула (лошата кралица). И таа верува дека е бесмртна. Потсвесно знае дека ќе дојде принцот и ќе ја бакне (вистинска љубов), по што таа ќе оживее. Арно ама… модерно време, нови наративи и нема принц. Аш!
Па, Снежано, Снежано, ќе го гризнеш ли јаболкото? Ако го изедеш, пази, само едната половина е отровна и токму таа е подадена за тебе, ќе се отруеш! Ако мислиш дека во оваа верзија смртта има одложено дејство, се лажеш. Приказната други ја напишале и во неа нема принц. Ако сакаш да има, пишувај си ти свои приказни. Чекаме од денеска, па натаму да дознаеме како ќе се одвива оваа нова верзија на Снежана и седумте џуџиња. Од утре улогата на Снежана некоја друга земја ќе ја игра, а ние ќе се најдеме во друштво со кепеците (наречени земји кандидати – леле каков статус!).
Според Урсула, нејзината посета на Балканот значи дека нејзината ЕК му дава големо внимание на процесот на проширување, вратите остануваат отворени, а можно е некој да влезе во елитниот клуб во 2030 година.
Навистина Фон дер Лајен покажува внимание за Балканот, европската црна дупка без која Европа не би била цела (така викаат од Брисел), ама никако да ја пополни таа дупка. Таман ќе дојде време, а дупката се проширила, сега отишла кон Молдавија, Грузија, Украина. Идејата Европа од Лисабон до Владивосток стана од Лисабон до Одеса, па ајде да видиме, да ја чекаме среќна Нова 2023. Ако Снежана остане жива до тогаш.
Што има на радарите во време кога Урсула од Тирана доаѓа во Скопје, па оди за Белград, Подгорица, Сараево… Ептен многу силни сигнали. Самитот на БРИКС во Казањ, Руска Федерација, каде што изолираниот Путин ги собра најмоќните лидери на денешницата, предводници на најмногубројните нации – Кина и Индија, па членките Бразил и ЈАР, генералниот секретар на ООН, Гутереш, земји што сакаат да станат членки на тој економски блок, како Турција. На масата во Казањ е план како ќе изгледа новиот светски поредок во идно време кога главниот глобален хегемон Америка ги губи својата сила и глобалното значење. Се предлага трансформација на Советот за безбедност на ОН со вклучување земји од глобалниот југ, на пат се да го заменат доларот со нова валута. Бараат мирно решение за Газа, бараат трајно мирно решение за Украина. Мора да се бара мир откако се изедоа тони и тони отровни јаболка и сервирани колачи во сребрени тацни. Мир. Можен ли е мир?
На радарите вчера е фатен договорот за воена соработка (инаку тоа порано се викаше пакт) меѓу Лондон и Берлин. Двете земји воено ќе соработуваат за да го засилат источното крило на НАТО (ние сме во јужното). Си ги отвораат воените комплекси за соработка – читај производство на оружје. Германската авијација ќе може да ги користи базите на Британците. Бај, бај Јалта. Договорот од куќата на тројството предвидува воена соработка на копно, на море, во воздух и во кибернетскиот простор со фокус на долгострелните проектили. Русите треба да се одвратат од воен авантуризам кон Европа. Ова е прв ваков значаен договор на Британците откако излегоа од ЕУ. Претходно воен пакт имаат постигнато со Франција, плус силен договор на полето на нуклеарниот потенцијал. Звучи страшно.
Радарите можат да фаќаат уште сигнали, но ова е сосема доволно за да ги разбереме сликата, бојата, тонот и целата атмосфера. Интересен е моментот со џуџињата, па морам да се навратам на делот наменет за Молдавија. Дали референдумот е наместен или не, ќе решаваат судиите. Ќе пресудат. И нашите референдуми ни пресудија, можеме да правиме паралели, но џабе е тоа ако не играме поинаку откако сме ја научиле лекцијата. Но ние пак и пак се лепиме на лентата што фаќа муви на влезот на ЕУ. Како изгледа резултатот од референдумот во Молдавија за идно членство во ЕУ – „за“ 50,46 проценти, „не“ 49,54. Неверојатно, разликата е толку мала што со голо око не може да се види, таа е речиси 50-50, фифти-фифти. Ама фотофинишот (ВАР-технологија) вели поинаку. Победник мора да има. Интересно е што со пребројани 90 проценти од гласовите против биле 55 проценти, а „за“ 45. Како во последните десет проценти добројани ливчиња се успеало да се надмине убедливата разлика, кога се гледа дека трендот одел кон одбивање?!
Додека шефицата на ЕК оди на турнеја по Балканот, на радарите се фаќаат силни
сигнали, како тие од Казањ. Силниот БРИКС ја црта мапата на новиот светски поредок, умира стариот Договор од Јалта откако Лондон и Берлин потпишаа нов воен пакт, многу силен. Многу јак сигнал стигна и од Молдавија – таму на референдум со промили победи кампот за членство во ЕУ и земјата, слично како и атлетичарот Ноа Лајлс, влезе во сферата, матриксот на Господ, каде што нештата не се гледаат со голо око. Ние од поодамна сме во тој матрикс, некоја нова димензија на исчезнувањето
на реалното време
Во секој случај многу чудно, но и интересно за анализа затоа што влегуваме во една нова сфера на нашето време (да си жив и здрав Едгар Морено) – да бидеме во временска зона зад нулата. Во некој друг матрикс што не се гледа со голо око. Тоа се случувало повеќепати во историјата на олимпизмот (тој стана спорт без дух), а последниот највпечатлив пример беше трката на 100 метри на Олимписките игри во Париз. Не беше урнат светскиот рекорд на Болт, но урнат е рекордот во најблиска трка, мртва трка, фотофиниш. Светскиот шампион Ноа Лајлс победи со резултат од 9,79 секунди, а втор беше Кишејн Томпсон од Јамајка, кој заостана само пет илјадити делови од секундата. Тоа се три нули, па пет зад 79-те десетинки на Лајлс. Резултатот, односно разликата на победникот во однос на второпласираниот е во зона на матриксот на кој ние материјално не припаѓаме и мораме да влеземе во светот, односно сферата на Господ. Така ми се чини и Молдавија е влезена во сферата на Господ, во сферата на божјата честичка и затоа мора да се честита. И ние одамна сме влезени во тој матрикс и можеме слободно на Молдавците да им бидеме партнери во танцот со Брисел.