Извесна Тетјана Глињана, сопственичка на повеќе компании што набавувале храна за украинската војска, во есента 2023 година станала корисничка на три фирми во Хрватска, а во 2016 година ја основала и компанијата „Назарии“. Тетјана Глињана е на чело на една од најголемите бизнис-групи што доставуваат храна за вооружените сили на Украина од декември 1995 година… Министерството за одбрана на Украина објави индикатори за основано сомнение за извршено противправно дело „проневера на средства“ за набавка на храна за вооружените сили на Украина
Хрватска: Индиции за корупција и перење валкани пари од Украина во Хрватска од сомнителни зделки пред и за време на руско-украинската војна
Сопственичка на компаниите што набавувале храна за украинската војска по повисоки цени во 2023 година поседува хотели во туристичкиот град Сплит во Хрватска. Според истражувањето објавено во украинскиот медиум „НВ бизнис“ на 6 јануари годинава, нивен репортер ѝ влегол во трагата на Украинката Тетјана Глињана, сопственичка на компании, која купила четири хотели во Сплит во вредност од десет милиони евра.
Националното Биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) уште во јануари 2023 година соопшти дека започнало истрага за можна корупција во набавката на храна на Министерството за одбрана.
Според податоците од јавните регистри, во Хрватска може да се утврди дека Глињана во есента 2023 година станала корисничка на три локални фирми, а во 2016 година ја основала и компанијата „Назарии“, чија сопственичка извесно време била нејзината ќерка Ирина Кут. Овие компании сега ги поседуваат сплитските хотели „Мирари“ (со 18 соби, ресторан и базен на покривот), „Ора“ (со 24 соби, ресторан и конгресен центар за 50 лица), „Лукс“ (со 30 соби, ресторан, спа-центар и конференциска сала за осум лица) и „Пош“ (со шест соби, базен на покривот, спа). Хотелите на слични локации со 18 или повеќе соби чинат од 2,5 до 3 милиони евра. За купување на четирите хотели во центарот на Сплит биле потребни повеќе од 10 милиони евра, пишува порталот „НВ бизнис“, повикувајќи се на информациите за цените на недвижностите објавени во агенциите за недвижности во Хрватска.
Украинскиот портал пишува и дека Тетјана Глињана од Била Черква, град во централна Украина, е на чело на една од најголемите бизнис-групи што доставуваат храна за вооружените сили на Украина од декември 1995 година.
Украинските медиуми претходно пишуваа дека една од тие компании („Гранд консалт“) му продавала храна на Министерството за одбрана по многу високи цени. Името на Тетјана Глињана се споменуваше и во аферата од 2015 година, кога полковник на Националната гарда беше обвинет дека го наместил изборот на јавен тендер за конзервирана храна за војската во замена за 10 отсто од сумата на договорот.
Министерството за одбрана на Украина објави индикатори за основано сомнение за извршено противправно дело „проневера на средства“ за набавка на храна за вооружените сили на Украина. На 21 јануари 2023 година, еден друг украински портал објавил напис на новинарот Јуриј Николов, во кој се тврди дека лица од Министерството за одбрана на Украина се вмешани во кражба на средства за набавка на храна за вооружените сили на Украина.
Украинското министерство за одбрана соопшти дека се шират лажни информации за набавка на храна за војската по напумпани цени, со цел намерна манипулација и измама. Велат и дека повеле внатрешна истрага, чии резултати ќе бидат проследени до украинската тајна служба, заедно со извештај за свесно ширење лажни информации.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска