До воведувањето на новото клупско натпреварување, Конференциската лига, пет клуба ги освоија дотогашните главни меѓународни трофеи (четири во натпреварувањата на УЕФА и пехарот за светската титула), и тоа Јувентус, Баерн, Ајакс, Челси и Манчестер јунајтед. Од нив, Ајакс сезонава може да го освои и новото натпреварување на УЕФА, Конференциската лига, на Атлетико Мадрид му недостига трофеј во Лигата на шампионите, а на Милан во Лига Европа
ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ
Во трите европски фудбалски купа натпреварите ги продолжија вкупно 15 некогашни европски прваци, и тоа во Лигата на шампионите (ЛШ) во осминафиналето се осум клуба со европска титула (актуелниот Манчестер сити, како и Реал Мадрид, Баерн, Барселона, Манчестер јунајтед, Порто, Борусија Дортмунд и ПСВ Ајндховен), за трофејот во Лига Европа (ЛЕ) ќе настапат пет поранешни европски шампиони (Милан, Ливерпул, Бенфика, Марсеј и Феенорд), како и два во Конференциската лига (Ајакс и Астон вила). Меѓу нив се шесте најтрофејни клубови во најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, Реал Мадрид (14 титули), Милан (седум), Ливерпул, Баерн (двата по шест), Барселона (пет) и Ајакс (четири).
АЈАКС ВО ТРКА ПО РЕКОРДНА ШЕСТА МЕЃУНАРОДНА ТИТУЛА
Ајакс може да стане првиот клуб што ги освоил сите главни трофеи во меѓународните клупски натпреварувања, во кои спаѓаат куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА) и натпреварите за светската клупска титула, ако сезонава слави во Конференциската лига. Холандскиот клуб сезонава ја почна во плејофот за пласман во Лига Европа (ЛЕ), каде што потоа како третопласиран во групата се префрли во Конференциската лига (КЛ) и ќе игра во плејофот за пласман во осминафиналето.
До воведувањето на новото клупско натпреварување, Конференциската лига (сега се игра третата сезона, досегашни победници се Рома и Вест хем) Ајакс беше во групата од пет клуба кои ги освоија сите дотогашни клупски купови на УЕФА, во кои спаѓаа Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите), Лига Европа (порано Куп на УЕФА), Купот на победниците на куповите (натпреварување кое во 1999 година се спои со Купот на УЕФА) и Суперкупот на УЕФА, како и трофеј за светската титула. Во таа група клубови се и Јувентус (Италија), Баерн (Германија), Челси и Манчестер јунајтед (двата од Англија).
Холандскиот клуб досега четири пати беше европски првак (1971, 1972, 1973 и 1995 година), по еднаш славеше во Лига Европа (1992 година) и во Купот на победниците на куповите (КПК, во 1987 година) и двапати го освои Суперкупот на Европа (1973 и 1995 година), а двапати беше и светски клупски шампион (1972 и 1995 година).
МИЛАН, АТЛЕТИКО МАДРИД…
За дополнување на трофејната сала ќе игра и Атлетико Мадрид од Шпанија, кој е во осминафиналето на Лигата на шампионите. Клубот од Мадрид претходно по трипати победи во Лига Европа (во 2010, 2012 и во 2018 година) и во Суперкупот на УЕФА (во 2010, 2012 и 2018 година), еднаш во КПК (во 1962 година), а еднаш ја освои планетарната клупска титула (играјќи на местото на тогашниот европски првак, Баерн, во 1974 година).
Италијанскиот Милан, пак, ќе игра за трофејот што му недостига, тој во Лига Европа, откако претходно седум пати победи во Лигата на шампионите (во 1963, 1969, 1989, 1990, 1994, 2003 и во 2007 година), двапати во КПК (во 1968 и во 1973 година), пет пати во Суперкупот на УЕФА (во 1989, 1990, 1994, 2003 и во 2007 година) и четири пати ја освои светската клупска титула (во 1969, 1989, 1990 и во 2007 година).
Ждрепката на двојките за сите три европски купа треба да биде влечена в понеделник.
Н.М.
Одново рекорден број земји во нокаут-фазата
КЛУБОВИ СО ТРОФЕИ ВО ПЕТ НАТПРЕВАРУВАЊА
КЛУБ ЛШ ЛЕ КПК СК СП
Јувентус 2 3 1 2 2
Баерн 6 1 1 2 4
Ајакс 4 1 1 2 2
Челси 2 2 2 2 1
Манчестер Ј. 3 1 1 1 2
СЕЗОНАВА МОЖАТ ДА ОСВОЈАТ ПЕХАР ВО ПЕТТИ КУП
Милан 7 – 2 5 4
Атлетико М. – 3 1 3 1
ЛШ – Лига на шампионите; ЛЕ – Лига Европа; КПК – Куп на победниците на куповите; СК – Суперкуп на УЕФА, СП – Светско првенство за клубови