И гувернерката и економските аналитичари посочуваат структурни реформски политики преку кои ќе се дејствува на три клучни фактори од кои зависи долгорочниот раст. Кои се тие фактори

СТРУЧНИ ПРЕДВИДУВАЊА И АНАЛИЗИ ЗА ЕКОНОМСКА ПРЕРОДБА

Неизвесноста во економијата и за растот на БДП повторно ќе биде присутна и во 2022 година, а на тоа ќе влијаат неизвесната епидемиолошка состојба, растот на цените на енергентите, застојот во синџирите на снабдување во глобални рамки, но и можното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови. Сепак, Македонија и пред ковид-кризата не успеа да оствари многу високи стапки на раст. За да се постигне побрз и одржлив економски раст и да се достигне европскиот просек, потребно е економијата де факто да се турка кон модел во кој ќе доминираат екстензивните дејности и гранки со високо учество на трите фактори, труд, физички обем на капитал и продуктивност. Наедно, потребни се радикални промени на полето на економијата и реструктурирањето и модернизацијата на македонската економија.
– Побрз и одржлив економски раст на земјава е можен доколку се зголеми потенцијалот за раст, а тоа може да се постигне само преку структурни политики со кои позитивно ќе се дејствува на трите фактори од кои зависи долгорочниот раст – трудот, физичкиот обем на капитал и продуктивноста – истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Според неа, независно од предизвиците поврзани со пандемијата, не смееме да ги оставиме структурните реформи настрана, процесот на отстранување на структурните пречки мора да се одвива непрекинато.
– Корона-кризата уште повеќе ги нагласила старите, а откри и нови структурни проблеми со што се доведе во прашање одржливоста на одредени бизнис-модели во постпандемискиот период, како и потребата од преквалификација на работната сила, промени на професионалните профили на пазарот на трудот со нови професии на иднината, а сето тоа во контекст и на забрзаната дигитализација – посочува Ангеловска-Бежоска.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески за „Нова Македонија“ истакна дека на долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата за да може да ја помрдне Македонија оваа ниска стапка на раст, која нѐ следи со години.
– Првиот фактор што сметам дека ќе го помести долгорочниот раст за економијата е производната база во економија, која со влезот на странските фабрики може да се зголемува и структурно да се поместува – вели Петрески.
Професорот споменува дека вториот фактор е човечкиот капитал, каде што ние значајно потфрламе.

– Ќе може да имаме поголем раст на долг рок ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – смета Петрески.
Како што нагласува тој, зајакнувањето на институциите е важно за да осигури праведен и еднаков амбиент за работа и стопанисување на сите.
– Ако ги поставиме овие темели на економијата, тогаш ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме растот над 5 отсто, па и повеќе на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението – посочува Петрески.
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, смета дека во 2022 година Македонија нема да постигне некој позабележителен економски раст, т.е. растот би се движел околу 4 отсто.
– Мојот скептицизам доаѓа од неколку сознанија. Прво, последиците од корона-кризата ќе бидат и понатаму присутни и во најдобар случај тие би се надминале во втората половина од годината. Второ, ќе имаме бурни политички случувања, кои воопшто не одат во прилог на економијата. Партизацијата на земјата и антагонизмот помеѓу двете најголеми македонски партии и понатаму е пречка за изградба на консензус за најважните економски теми.

Трето, енергетската криза ќе врши голем притисок за раст на цените на многу производи и само ќе ја засилува инфлаторната спирала, која е поттикната од огромните трошења на буџетски средства за одржување на потрошувачката и за справување со здравствената и економската криза во текот на 2020 и 2021 година. И четврто, високиот јавен долг од над 61 отсто од БДП, растечките трошоци за камати и високите потреби за рефинансирање на долгот нема да дозволуваат како во минатото преку големи инфраструктурни проекти да го поттикнуваме економскиот развој – објаснува Димитров.
Тој додава дека македонскиот буџет е под голем притисок поради високата даночна евазија и сивата економија на приходната страна и на високите трансфери спрема ПИОМ за исплата на пензиите, огромните трошоци за плати на тромата партизирана администрација, растечките трошоци за социјална помош и високите трошоци за камати на расходната страна.
– Во вакви услови во иднина нема да можеме да се потпираме на нови задолжувања од странство, туку средствата за развој на економијата ќе мораме да ги бараме и во домашно штедење и намалување на непродуктивните трошоци. И ако во земјава не се создаде доволна критичка маса за потребите од реформи, тогаш ништо од забрзан економски развој – укажува Димитров.
За забрзан економски развој, како што вели тој, покрај капитал, потребни се и реформи во образованието. Наместо на квантитет во високото образование ќе мора да се свртиме кон квалитетот на образованието.
– И на крајот за да бидеме реални во нашите анализи и идни планови не треба да поаѓаме од нашите желби и амбиции, туку од реалната состојба во која се наоѓаме и енергијата да ја насочиме кон конкретни реформи и мерки што треба да ги преземеме за да ја промениме сегашната состојба – нагласува Димитров.