Три децении меѓу минатото и иднината

Оспорувана, напаѓана, забранувана и во Бугарија и во Македонија како терористичка организација, со падот на југословенскиот комунизам и повеќепартизмот во Македонија, во минатите три и пол децении партијата минуваше низ сериозни предизвици, поделби, кадровски чистки, меѓусебни предавства… Оптоварена со наследен братоубиствен и крвав багаж од минатото, движејќи се меѓу спомените и реалностите и барајќи место во новото време, партијата израсна во главен политички фактор во Македонија. Сега и во сосема нова форма, со разбирање на историјата и приклонување кон континуираните општествени динамики на регионот и пошироко во Европа…

Делови од ненапишана историја: 35 години ВМРО-ДПМНЕ:

Историјата е полна со недораскажани приказни и прекинати мелодии: ни дава само фрагменти од животите на луѓето, од бојни полиња, победи и порази, измами и јунаштва. Со херои и кукавици, со смели борци и предавници. Историјата може да нѐ лаже нас, но ние живите не би требало да ја лажеме блиската македонска историја и лажна да им ја оставиме на идните генерации, да ја пишуваме поинаку одошто навистина било.

Поглед кон ВМРО-ДПМНЕ, од денот на самото основање…

Уводните реченици ги наведувам како мотив и повод да се осврнам на 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, еден топол јуни во веќе далечната 1990 година. Причини има повеќе, а ДПМНЕ го заслужува тој осврт. Од денот на самото основање, од одлуката дека ДПМНЕ е наследник на историската ВМРО, прифаќајќи го датумот на солунската организација и спојувајќи го името со новосмислената додавка, партијата си ги наметна врз себе сите контроверзии што ја следеле низ историскиот период од безмалку сто години. Дали таа определба била смислена стратегија или случаен избор, нема сериозни показатели, но едно е сигурно – погоди во центар, разбранувајќи ги националните чувства на еден добар дел кај Македонците, особено кај антикомунистите. Таа атмосфера се совпадна со почетните отворени процеси на распадот на Југославија и со дејствувањето на странските агентури да се оствари таа цел. Нивната првична намера беше уривањето на комунизмот како систем, а подоцна, ако се одвиваат нештата во добра насока, и со разбивање на државата. Во Република Македонија таа задача ја имаше новата партија на која антикомунизмот и национализмот ѝ беа главните оружја, под тие развиорени знамиња го уриваа системот. Поддржана од странски служби, германски, американски и бугарски, донирана со странски пари од македонски емигранти во Германија, Канада и Австралија, координирана со нивните амбасади во соседните земји, ВМРО-ДПМНЕ експресно израсна во силна партија. Од една страна како партија, од друга како полувоена организација подготвена да употреби оружје доколку е потребно.

Конгломерат од разни групи и струи

Првото, неселектирано, ВМРО-ДПМНЕ, за чиј духовен основач се смета емигрантот Драган Богдановски од кумановско Клечовце, беше конгломерат од разни групи и струи. Него го сочинуваа припадници на емиграцијата, сѐ уште живи лица што во Втората светка војна беа на поразената страна, семејства настрадани во колективизацијата, убедени антикомунисти, илјадници незадоволници од системот и од сопствениот општествен, социјален и материјален статус во него. Освен нив, во партијата влегоа и припадници на македонските тајни служби, активни и пензионирани полицајци, некои како противнички агенти и провокатори, некои како вистински членови. Уште од најавата за основање, односно реобнова, партијата го развиори бајракот на бугарштината во Македонија, доведувајќи ја постепено и во фази до невидени размери. Нејзиниот челник, тогаш младиот Љупчо Георгиевски, првиот јавен необугарин во независна Македонија, самиот призна дека поголем дел од неговото раководство било со бугарско самочувство. ВМРО–ДПМНЕ тие први години од независноста ги правеше опасни години. Не само неизвесни што ќе се случува, туку и опасни по кревката држава и по граѓаните во неа. Партијата наметнуваше одмаздничка и милитаристичка атмосфера. Функционираа тајни комитети што бележеа куќи, станови и луѓе што би биле затворени или физички ликвидирани. Во еден период пред повлекувањето на ЈНА беа минирани касарните во Штип, Кичево, Куманово и во Струмица. На сите масовни митинзи на Љупчо една третина од учесниците беа под некакво оружје. На митинзите во Скопје сите високи згради околу плоштадот беа полни со полиција и снајперисти. Сѐ можеше да се случи, една искра ќе беше доволна тогашна Македонија да биде денешна Украина. За жал, малку се знае, малку или воопшто не се отвораат тајните архиви за да се знае дека во неколку критични денови Македонија беше на прагот на граѓанска војна. Не беа лажни ниту информациите дека Хрватска, под власта на Туѓман, која беше во војна со Србија, од ВМРО бараше да отвори таканаречен јужен фронт. Војната беше речиси на прагот. Сѐ можеше да се случи, една искра ќе беше доволна тогашна Македонија да биде денешна Украина. За среќа, тие сценарија не се остварија.

Она што не се случи во 1991-1992, се случи десет години подоцна…

Приврзаниците на теориите на заговор може да речат дека она што не се случи во 1991-1992, се случи десет години подоцна, кога изби војната со Ослободителната народна армија (ОНА – УЧК). Тогаш државата беше водена од двоецот Љупчо Георгиевски, како премиер, и Борис Трајковски, како претседател, и двајцата членови на ВМРО-ДПМНЕ. За нивно време во Македонија „пукна пушка“ по цели 55 години. Македонската страна беше поразена, беше потпишан Охридскиот рамковен договор, по што следуваше територијалната поделба при која Македонците од Западна Македонија своите градови и општини не ги чувствуваат како свои. Во својата 35-годишна историја кормилото на ДПМНЕ го држат само тројца претседатели со кои партијата помина низ неколку идејни, политички и лидерски трансформации. По Георгиевски, на тронот застана Никола Груевски, а по него Христијан Мицкоски. Во овој период во ВМРО-ДПМНЕ, полека, но сигурно, се гаснеа митовите што ја одржуваа партијата во политичкиот врв на државата без разлика дали била на власт или во опозиција што се бори да победи на избори. Плус помина неколку фази низ кои се скротуваа егзалтирачкиот национализам, антикомунистичката омраза, негирањето успеси на Македонија во социјализмот и бескрупулозните напади врз неистомислениците. Најпрво стивна митот за обединета Македонија, а заедно со него „Солун е наш, Солун е Македонија“. (Друга приказна е што СДСМ со Зоран Заев ја стави таа идеја во погребен ковчег и го закова.) Потоа фати пајажина и идејата со Александар Македонски, заедно со антиквизацијата. Од тој процес останаа само објектите на Скопје 2014, но и гласините за една недокажана импозантна финансиска афера, во која многу партиски членови, високи и ниски функционери, во времето кога беа власт, и во мандатот на Георгиевски и во мандатот на Груевски, со буџетски пари, израснаа во мултимилионери, не во денари туку во марки, евра и долари, со што некои членови одвнатре го урнаа митот дека ДПМНЕ не е партија на корумпирани. Со доаѓањето на Никола Груевски на чело, по краткото лутање меѓу минатото и иднината, партијата почна да се одделува од својата родена револуционерна кошулка, пред сѐ со своите економски ефикасни и делотворни потези влечени од надежниот премиер. Наместо идеологијата на комитаџиството да ја наметнува идеологијата на парите, на странските инвестиции, помодерно да се менаџира, да се технократизира, да се цивилизира и пограѓанува, сѐ до фаталната антиквизација и до откривањето на аферата со прислушуваните разговори. Неговиот личен пад беше поболен од оној на Георгиевски, ВМРО-ДПМНЕ доживеа деценискиот водач да го доживее срамот во својата земја, да оди понижуван по судови и затвори и да заврши како азилант во Унгарија.

Мицкоски – функционален спој меѓу идеологијата и практиката, меѓу минатото, сегашноста и иднината…

Христијан Мицкоски е третиот претседател во 35-годишната партиска историја. Ако се гледа реално, освен оригиналноста што ја поседува, манифестира еден микс граден меѓу политиките на Георгиевски и Груевски. Својата партиска и премиерска функција ја гради меѓу идеологијата и практиката, меѓу минатото, сегашноста и иднината. За Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е легитимен и идеолошки наследник на историското ВМРО и тој како лидер стои зад историската грамадност на оваа организација, која ќе продолжи да се бори за каузата што се вика Македонија. За разлика од Георгиевски, кој не го признаваше АСНОМ, Мицкоски на овој светол акроним, на тој светол настан, гледа како на продолжение на вистинското македонско дело, како спој на илинденците, партизаните и сегашната, современа македонска генерација. Она што, според него, оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како најсилен стожер. Тоа е едната негова страна. Другата ја карактеризираат ангажираноста околу обезбедување инвестиции, изградба на капитални објекти и засилен економски развој. Сепак, него на власт го донесе упорниот став за името на државата, особено за односите со Бугарија поврзани и со Договорот за пријателство и со потпишаните протоколи, односно за запишувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот. Таа константа не попушта, барем засега, што неговите критичари ја употребуваат како оружје за давање негативни оценки поврзани и со напорите за почнување разговори со Европската Унија.

ВМРО заедно со ДПМНЕ ни покажува дека духот на таа организација формирана пред сто и дваесет години е жив меѓу Македонците

Она што е суштинско за овие 35 години е што ВМРО-ДПМНЕ од партија калемена на бугаризмот се претвори во строга заштитничка на македонизмот. Незадоволниците и противниците на таквиот епохален пресврт обвинуваат како може од партија најотворен и жесток противник на југословенството, на комунизмот и на српските влијанија во Македонија, сега да негува добри односи со остатоците од тие системи и со нивните држави. Поострите опоненти одат дотаму што тоа го користат да го обвинат Мицкоски за предавство на изворните идеали на партијата, особено што воспоставил наводна братска врска со Унгарија и со Србија, сѐ до Русија. Историјатот на ВМРО заедно со ДПМНЕ ни покажува дека духот на таа организација формирана пред сто и дваесет години е жив меѓу Македонците, со сите нејзини успеси и историски крвави товари. Оспорувана, напаѓана, забранувана и во Бугарија и во Македонија како терористичка организација, со падот на југословенскиот комунизам и повеќепартизмот во Македонија повторно се појавува на политичката сцена. Во минатите три и пол децении партијата минуваше низ сериозни предизвици, поделби, кадровски чистки, меѓусебни предавства. Оптоварена со наследен братоубиствен и крвав багаж од минатото, движејќи се меѓу спомените и реалностите и барајќи место во новото време, ДПМНЕ израсна во главен политички фактор во Македонија. Сега и во сосема нова форма, со разбирање на историјата и приклонување кон континуираните општествени динамики на регионот и пошироко во Европа.