Првиот меѓусебен договор на Бугарија и Македонија беше повлечен по барање на Софија, вториов нека се повлече по наше барање
Договорите меѓу државите не се неменливи. Тие во основа треба да ги поддржуваат интересите на две или повеќе договорни страни, а доколку една страна не е задоволна, договорот може да се менува во сите фази и за тоа се предвидени меѓународноправни механизми. На пример, Бугарија е првата што отстапи од договореното со Македонија токму во Берлин, кога македонската и бугарската страна постигнаа договор за тргање на бугарското вето, но подоцна официјална Софија се премисли и побара нов договор. Германија тогаш поддржа нов договор! Така што нема причина зошто повторно да не поддржи нов договор, во кој би се испочитувале сите принципи на обостран интерес (не едностран и асиметричен), како и принципите на меѓународното право. Тезата дека „нема да има друга понуда“ или, пак, дека „нема да има нови преговори“ едноставно не држи вода, а една од причините се пошироките геостратегиски интереси на ЕУ, кои Унијата токму сега уште повеќе ги истакнува
Пат-позицијата во која се најде процесот на уставни измени во Македонија покажува дека таканаречениот „француски предлог“ наместо да придонесе за откочување на македонскиот евроинтегративен процес, всушност уште повеќе ја закомплицира ситуацијата заканувајќи се да предизвика уште подлабока политичка криза во земјава.
Проблемот настана во оној момент кога најпрво беше потпишан асиметричниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија во 2017 година, а потоа под притисок на официјална Софија сите обврски од овој договор станаа дел од преговарачка рамка, која во ниту еден дел не кореспондира со европските критериуми, туку е адаптирана на начин што ѝ овозможува на бугарската страна да има целосна контрола врз македонскиот преговарачки процес. Истовремено, тоа ѝ дава можност на официјална Софија во кој било момент да го стопира преговарачкиот процес, повикувајќи се на наводно неисполнување на критериумите од Копенхаген, но од друга страна, создава фрустрација во македонското општество дека некоја друга земја ѝ диктира како и кога да го уредува сопствениот устав.
Затоа и настана куршлусот и одбивањето во Македонија да се направат уставни измени онака како што ги замислила Бугарија бидејќи на тој начин се нарушува суверенитетот на земјата и одлуките се диктираат од надворешни центри.
Еднострана и асиметрична понуда не е договор, туку ултиматум
На гореспоменатиот факт предупредија голем број експерти, професори, аналитичари, кои се добро упатени во европските процеси и кои јасно ставија до знаење дека ваков договор и преговарачка рамка се спротивни на сите европски принципи и ниту една земја досега не пристапувала под вакви услови. Од тие причини, стручната фела во земјава јасно ја повикува Европската Унија добро да размисли и да ја приспособи преговарачката рамка во согласност со сопствените принципи, а не врз анахроните принципи на една нејзина членка.
Застојот во процесот на уставни измени очигледно не е во планот на европските бирократи, па на постојаните изјави што доаѓаат од одредени кругови во земјава дека преговарачката рамка е таа и дека не е возможен нов договор со бугарската страна, почнаа да се надоврзуваат и одредени меѓународни претставници, кои во принцип сакаат само да затворат уште едно отворено прашање не водејќи премногу сметка за последиците.
– Нашиот предлог го дадовме пред една година и оттогаш чекаме одговор од Скопје. Нема да има други преговори, ниту друга понуда. Го кажувам тоа секогаш кога сум во Скопје. Можете да ја прифатите оваа понуда или не. Дури и да се појават идеи за нови преговори со Бугарија, ние нема да ги поддржиме. Нема да ја менуваме преговарачката рамка. Во спротивно, тоа ќе се претвори во бескрајни преговори само затоа што некаде има нова влада – изјави неодамна специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, говорејќи за македонско-бугарските односи во интервју за Бугарското национално радио.
Германскиот пратеник очигледно заборава дека договорите не се Библија и дека можат да се менуваат и дека Бугарија е првата што отстапи од договореното токму во Берлин, кога македонската и бугарската страна постигнаа договор за тргање на бугарското вето, но подоцна официјална Софија се премисли и побара нов договор. Германија тогаш поддржа нов договор, така што нема причина зошто повторно да не поддржи нов договор ако двете страни меѓусебно се договорат.
Тезата дека нема да има друга понуда или, пак нови преговори, едноставно не држи вода бидејќи кога се во прашање пошироките геостратегиски интереси на ЕУ нема никаква шанса Македонија да се остави настрана од евроинтегративните процеси, без оглед дали ќе ги направи уставните измени или не. Впрочем, неодамна тоа јасно го кажа и високиот европски претставник за безбедност и надворешна политика Жозеп Борел, порачувајќи дека уставните измени не се дел од пристапниот процес. Истото го повтори и холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп, кој рече дека реформите се многу поважни отколку уставните измени.
Македонија треба да опстои на ставот дека преговарачката рамка, со вклучени бугарски барања, е неправедна
Сето ова остава доволно простор да се седне заедно со Бугарија и да се изнајде начин како да се надминат меѓусебните недоразбирања, а таквиот нов наратив несомнено ќе го одблокира процесот на уставни измени и ќе внесе нова свежина во македонско-бугарските односи, кои сега се на најниското можно ниво.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски е мошне дециден околу прашањето за менливоста на договорите и преговарачката рамка.
– Cè што луѓе направиле, луѓе може и да го изменат, дополнат или поништат. Не се менуваат само природните закони, физички или биолошки. Македонија треба да опстои на ставот дека преговарачката рамка, со вклучени бугарски барања, е неправедна – смета Боцевски.
Став и на другите соговорници, од кои дел биле вклучени во дипломатски активности подолго од три децении, е дека дипломатијата, меѓу другото, постои и да ги решава отворените прашања меѓу земјите.
– Ниту Договорот со Бугарија, ниту преговарачката рамка се Библија, па да не можат да се променат. Потребни се политичка волја и вештина во преговарањето, а не само беспоговорно да се прифаќа сето она што ќе биде понудено. Најдобар начин е да се постигне договор со Бугарија и ЕУ нема што тука да се меша бидејќи и самата има доволно проблеми со војната во Украина, а следниот мај има и европски избори, така што Европејците се повеќе фокусирани на тоа. Затоа сега е потребна дипломатска умешност да се воспостават каналите на комуникација со Софија и да се изнесе нашата позиција, дека вака како што се поставени работите само ќе се влошуваат македонско-бугарските односи, а тоа воопшто не е во прилог на двете соседни земји.
Мора да се исфрлат сите непотребни елементи од договорот и од преговарачката рамка, кои генерираат конфликти, и да најдеме една форма што што ќе значи европска димензија на нашите балкански односи – порачуваат соговорниците.