фото: Архива

Моментално нивото на загадување е 14, што е надвор од нормалата, и е приближно 10 пати поголемо од дозволеното. Обврзани сме да ги исклучиме изворите на Лешница и сме обврзани да се снабдиме од старите извори, кои реално се многу малку и има многу малку вода, вели Љуљзим Шаќири, раководител во ЈКП „Тетово“

Во Тетово нивото на загадување на водата за пиење е приближно 10 пати повисоко од
нормалата

Тетовчани деновиве повторно се соочија со можноста да останат без вода за пиење. Обилните дождови што деновиве го зафатија Тетовскиот Регион ја заматија Пена, па автоматски беше исклучена филтер-станицата што ја прочистува водата од која се снабдуваат жителите на Тетово.
Од ЈКП „Тетово“ велат дека за нормално водоснабдување на градот се потребни 310-320 литри вода во секунда, но сега дотокот е околу 220 литри, кои се добиваат само од изворите од Шар Планина и од бунарите во градот.
– Поради хидрометеоролошката состојба и обилните дождови што паднаа деновиве дојде до заматување во делот на водоснабдувачкиот систем од месноста Лешница, па во пречистителната станица се случи автоматско исклучување на овој извор за водоснабдување. Ако горната граница на заматување на водата е 2, по обилните дождови достигна 14, поради што автоматски е запрен дотокот на вода низ овој систем со цел да се заштити здравјето на населението. Поради ова, градот остана без околу 120 литри вода во секунда и се јави недостиг ог вода за пиење во одделни реони на градот што добиваат вода од овој систем. Најпогодени се повисоките станбени згради и оние што немаат инсталирано хидрофори – истакна Љуљзим Шаќири, раководител во ЈКП „Тетово“.
Калта во цевководот, која се наталожи како последица на обилните врнежи од дожд, сега ја чистат вработените во претпријатието, а, за среќа, рестрикции нема да има бидејќи се очекува брзо да биде завршена работата.
Во моментов, изворите на Лешница се десет пати позагадени од дозволеното ниво.
– Моментално нивото на загадување е 14, што е надвор од нормалата, и е приближно 10 пати поголемо од дозволеното. Обврзани сме да ги исклучиме изворите на Лешница и сме обврзани да се снабдиме од старите извори, кои реално се многу малку и во нив има многу малку вода – рече Шаќири.

Активирани се и алтернативните извори, но количеството вода и понатаму не е повеќе од 220 литри вода во секунда, поради што голем дел од тетовчани немаат вода.
– Имаме недостиг од околу 140 литри вода во секунда. Со исклучување на системот на Лешница од употреба ние изгубивме 140 литри, а тоа е потребното количество за градот. Моментално имаме вкупно 220 литри од сите извори. Рестрикцијата е најтешката форма што треба да ја преземеме бидејќи се соочуваме со застарен систем и по секое запирање на водата се појавуваат големи дефекти, затоа и не ја запираме бидејќи за 10 часа од чистењето на системот губиме многу и затоа е нелогично. Најмногу ќе настрадаат горните делови на градот, или периферниот дел, иако се обидуваме да имаме снабдување барем да ги полниме резервоарите, но реално ќе настрада целиот град – нагласи тој.
Според Шаќири, временските услови, кои се некарактеристични за овој период од годината, ја имаат главната улога во создавањето на новата состојба.
– Ова е нешто ново што ни се случува оваа година. Веќе е ноември и наместо горе на планината да има ниски температури и снег, имаме обилни дождови, кои минатите години ги имавме во октомври – рече тој.
Тетово се снабдува со вода преку три системи: Шарските Извори, водоснабдувачкиот систем „Лешница“, кој од мај до септември не се користи, и неколкуте бунари, кои се активираат во кризни ситуации, но кои се со помал капацитет. За нормално снабдување на градот се потребни околу 320 литри вода во секунда.