Темата на суверенитетот сега, за разлика од минатиот текст, драг читателу, ја префрламе целосно на македонски терен. Него веќе пред тоа го дефиниравме фигуративно со сликата на Болен Дојчин од народната песна легнат на смртна постела. Ама рековме, додека сепак тој пред самата смрт го остварува својот подвиг победувајќи го злото, но сега ние не гледаме на хоризонтот таков јунак. Не видовме ни еден таков во македонската политичка елита од 1990 година до денес. А не се ни вести некој на повидок. Одамна кај нас е закопана во заборавот, во мувлата на кукавичлакот лозинката на знамето на илинденските комити и асномските партизани „Слобода или смрт“ за да се премине работ на граничната ситуација во која и денес сме ништени од сите страни, однадвор, но и однатре, што е екстремно опасно. Ние целосно го заборавивме идеалот на саможртвата и буквално им се помочавме на хероите што во најтешки историски услови го бранеа заложувајќи го сопствениот живот идентитетскиот суверенитет на својот род, неговата длабока генеза проектирана во нивната визија и како иднина под сонцето што свети, како што го разбираа тоа тие, еднакво за сите народи, па и за Македонците. Ама од нашите политичари Македонци од 1990 година наваму, сè до денес, никој немаше таква визија на саможртва за доброто на родот, некогаш славен а сега доведен до сликата на, како што рече Конески, „смачкано племе“. Напротив, сведоци сме на моралната хипокризија на нашите политичари, толку многу одлепени од народот во низините што изгубија елементарно чувство и за неговата насушна социјална егзистенција, зголемувајќи ги своите плати со катастрофични 78 проценти додека се ценкаат со покачување од 5 отсто на екстремно сиромашните пензионери. Итн. Боже мил, како да се затворат очите и дали е можно тоа пред ова богохулие. Па, потоа ќе бараме од луѓето од власта некаков и најмал знак на саможртва, првин за општото социјално добро, еднакво леб за сите, а потоа за други цели, како што е тоа одбрана на суверенитетот на родот од сите аспекти, без разлика на силите што се навртеле како хиени на него однадвор и однатре.
Да. А и тоа влегува во категоријата суверенитет, драг читателу, социјален суверенитет, пред да прејдеме, време е, на генеричкиот суверенитет, кој го „штити“ правото, уште од Јустинијан и пред него, она природното на Бог во архаичните цивилизации до она модерното на Француската револуција, на која новиот француски Маркиз де Сад, Макрон, со неговата оксиморонска француско-бугарска рамка за идентитетски гибел на Македонците му стави крст. Но тука има недоразбирање. Идентитетот од големите европски либерални елити денес, што е погрешно, е сведен на поимот држава, кој има застрашувачка метафизичка аура. Феномен што ја задушува индивидуата на човекот до бесвест, оставен како Јозеф К. на Кафка во нејзините „правни“ лавиринти во кои е суден и осуден без да знае зошто (хипотезата на Кафка за државата како метафизичка фикција на тоталитаризмот). И нема излез од нив, освен еден, кој се појавува на крајот од процесот, излезот кон каменоломот на полноќ под полна месечина, сведок на дистопичната случка, кога Јозеф К. го убиваат со касапски нож две сиви неидентификувани фигури на метафизичката институција Држава, Таа која и Маркс немилосрдно прецизно ја идентификува како „апарат за угнетување“. Сјајно. Не треба повеќе. Фигуративно deus ex machina во античките трагедии, која управува со судбината на човекот, она што сега го прави тоа државата одделена од Бог и законот на етиката со божествено потекло, за што пледираше Кант, повикувајќи се на Бог како гаранција на неговиот етички концепт, иако реално не веруваше во него, сфаќајќи го само како некој вид на есенција на битието.
Така. Но важно во нашиот контекст на Марксовата дефиниција на државата како „апарат за угнетување“ е дека таа откровенска дефиниција, дистопична докрај, е карактеристична не само за одделни држави туку и за цела една цивилизација чиј социјален пророк бил, имено, Маркс. А тоа е неговата дијагноза во тој контекст на западната цивилизација како „апарат за угнетување“, како систем на експлоатација на цели белосветски народи и култури. Тоа е цивилизацијата, драг читателу, за која толку многу испишани страници и мисии потрошивме јас и ти, цивилизацијата со ариевски сурат што го достигна врвот во нацистичка Германија на Хитлер и која денес преоблечена во божем нова хуманистичка и космополитска облека е курдисана во Брисел. И така, изгледа дека она „државата е апарат за угнетување“, сега со лажната ЕУ во сите елементи е трансформирано во „цивилизацијата е апарат за угнетување“.
Да. И тоа функционира одлично во контекст на македонскиот пример со таа бездушна, сега бриселска ЕУ-цивилизација, драг читателу. Таа, посебно од Колумбо наваму, со своите славни португалско-шпански конквистадори, а потоа и со Англосаксонците и Французите, пред сè, но и со Холанѓаните и Белгијците, уништи за сопствена удобна егзистенција цели цивилизации и опљачка цели континенти, најмногу по Јужна и Северна Америка, во која Англосаксонците убија 15 милиони Индијанци земајќи им ги имотите, а потоа беше сè до денес од сите нив безмилосно пљачкана Африка. Е, тоа е таа цивилизација, драг читателу, сега сместена во Брисел, велелепно изграден и со опљачканите богатства на од нив колонизираниот Конго со нивниот крвожеден крал Леополд, со опљачканите дијаманти од конгоанските рудници. И тоа е сега вистинската со метафизички шмек слика на бриселската ЕУ-цивилизација на која налетавме несреќно и ние Македонците како Инките, Маите и Ацтеките. Таква е таа и затоа и не треба да се чудиме за нејзиниот канибалистички однос кон нас и за нивната темна страст за наша ликвидација во сите возможни елементи, да се избрише докрај нашиот генерички код на племе од Менделеевата таблица на идентитетските елементи на народите.
Постојат неколку типа на суверенитет на еден народ. Ние, драг читателу, тука имаме четири во видното поле: Историски, идентитетски, национален и државен. Првите два, историскиот и идентитетскиот, се врзани садови, компатибилни. Разликата е во тоа што историскиот има хронолошка временска линија низ која еден генерички идентитет се остварува како културно-цивилизациска слика што го потврдува и афирмира него и, според таа слика, нејзиниот опфат и културолошки и антрополошки сјај тој својата креативна енергија со нејзините духовни плодови ја прелева преку просторните и временски граници на народот од кој извира и кој го застапува него пред лицето на Господ и светот. Културолошката енергија на македонскиот идентитет ја задолжи цивилизацијата, особено западната, со духовните дарови што ѝ ги подарил нејзе тој со космополитски елан-витал, почнувајќи од античката епоха на Филип и Александар, па потоа во новата по Христос со мисијата на апостол Павле и Македонците за христијанизација на европскиот континент и потаму, на што девет столетија по него се придодава и мисијата со сесловенски карактер на Кирил и Методиј, а потоа и на нивните славни ученици Климент и Наум, основачи на Охридската книжевна школа, која има знаци и на прв универзитет во Европа, неколку столетија пред оној во Болоња, Италија. И тоа се само некои од најсветлите цивилизациски блесоци во стил на културолошка поплава карактеристични за македонското колективно битие. За македонскиот космополитски и културолошки идентитет, кој меѓутоа денес е оспорен од Европа како ЕУ‒блудница на колонијалистите во Брисел. Европа која веќе, почнувајќи од Букурешт 1913, повеќе од едно столетие се мачи и физички и идентитетски да ги ликвидира Македонците. Сега од 1990 наваму, пак, сите нејзини карти на тој план се фрлени на идентитетска ликвидација, најстрашната смрт за еден народ или племе од сите возможни видови на гибел. Тоа се случи со нас со погубниот Преспански договор 2018. Но таа македонска идентитетска смрт наменета за Македонците од цивилизацискиот џелат во Брисел и од неговиот балкански крвожеден предатор за македонска крв Грција се случи 16 години пред тоа, иако нашите европолтронски политичари не ја препознаа катастрофата, а и никогаш длабински до денес не спознале што е тоа идентитет и име, нивната онтолошка и културолошка вредност.
Толку во куси црти за историскиот и идентитетскиот наш суверенитет, драг читателу, кои со варварски политички акт, но и физички и секакви други закани ако мрдаме, ни се одземени и пречкртани со еден нацифашистички акт на Европа сите права на идентитетско постоење, првин со нејзината Лисабонска декларација, а потоа со Преспанскиот договор реализиран од нашите квислинзи, велепредавници Заев и Димитров, како и од со реализацијата на тој смртоносен антицивилизациски акт партијата СДСМ што го покажа своето фашистичко лице кон македонскиот народ. Толку. Сега нешто во сета оваа страшна идентитетска хаварија за државниот и националниот идентитет на Македонија и Македонците како државотворен народ во неа, односно суверенитет, категоријата со која оперираме во текстов како со Аладинова ламба за да ги осветлиме болните точки на историската, идентитетска, национална и државна егзистенција на Македонците. За историскиот и идентитетскиот суверенитет кажавме. Катастрофа. Но не помала катастрофа се и националниот и државниот суверенитет на младата и, според анемичните и лукративни политичари, божем самостојна македонска република, или држава. Оти уште од првиот ден на таа „самостојност“ почнавме со БЈРМ, а завршивме трагично со Северна со целосно ограбен историски и културолошки идентитет од антиката и средниот век, па сè до денес, во што во грабежот, потпомогнати од Европа, по Грците „лицем светци срцем волци“ (Прличев), е вклучена бугарската хиена. Но да не се оддалечуваме од националниот и државниот суверенитет. Тие се, рековме понапред, во катастрофична состојба, колку и да мижиме, особено политичарите и бедниот дух на интелектуалците, пред фактите. Македонскиот национален суверенитет де факто и де јуре (и едното и другото) не постои. Од државотворен народ, за што се изборија храбрите асномски партизани, со Охридскиот капитулантски договор ние Македонците станавме заедница со и меѓу другите етнички заедници во државата. За тоа, да се дозаврши докрај катастрофата, пак, стави печат најкатастрофичната партија за Македонците, СДСМ, која, рака на срце, немаше сериозен противник со моќна енергија да ѝ се спротивстави на нејзините уривања на македонскиот идентитет и државен суверенитет. ДПМНЕ ни оддалеку не беше на нивото на задачата што ја постави историјата пред неа. Не беше никогаш на нивото на илинденците со чиј славен акроним се користи како опиум за народот. Не, за жал. Така СДСМ, покрај непреченото реализирање на Преспанскиот договор, го исфрли од Уставот и суверенистичкиот државотворен акт на АСНОМ, исто така без видлив отпор освен бесплодни лити обвиненија на нејзината македонска „патриотска“ опозиција.
Така стојат работите, драг читателу, но во растурањето на македонскиот национален и државен суверенитет штедро учествуваа од 2001 до денес и албанските политичари, кои од почетокот агресивно се поставија кон тие две битни категории, без да бидат загрозени во што било од Македонците, кои штедро го отворија срцето за косовската трагедија со бомбардирањето на НАТО на Србија и примија кај себе стотици илјади Албанци од Косово. И потоа, саркастичен парадокс, за тоа како благодарност само по две години од трагедијата во 2001-та од Албанците им беше вратено со тероризмот на ОНА. Многу кукавички. Но зад сето тоа пак стоеше Западот, со цел да се деморализираат и доведат до апатија Македонците за побрза реализација на замислената од Брисел, Вашингтон и Атина идентитетска ликвидација на Македонците, што и се случи во Преспа 2001. За да биде силен тој притисок, западните планери на тероризмот во 2001 со славниот француски правник Бадинтер го создадоа и таканаречениот Бадинтеров закон, кој во сите елементи е антидемократски и го нема никаде на друго место во светот, ни во некоја француска колонија, а камоли во самата Франција за француските Арапи, кој и ними како на нашите Албанци ќе им овозможи примена на волшебниот пак антидемократски изум „балансер“. Итн. А потоа дојде од Вашингтон виа Тирана – Скопје и Тиранската платформа за уривање на суверенитетот на македонскиот како државен јазик. Така, чекор по чекор, со брзо темпо отиде јабана, драг читателу, македонскиот државен и национален суверенитет. Меѓу другото по голема заслуга и на двете мастодонтски партии на Македонците канибалистички настроени една кон друга без никаков национален консензус за заштита на македонските национални и државни интереси, обратно од албанските партии.
Уште нешто како факт за албанската агресивност конкретно и кон македонскиот мемориски идентитет, која тече како порој без застој и никој на тоа не реагира ниту од македонските политичари во власта ниту пак анемичните македонски интелектуалци. Станува збор на бришење нешто со перверзната француска гума на Бадинтер, а нешто и самоволно варварски, на македонските топоними и улици во албански. А сето тоа отворено има елементи на тивок идентитетски геноцид. Има во тоа нешто многу дрско и варварско, за кое за жал се молчи. Така пред неколку години дознавме дека во реканското село Ростуше името на основното училиште, кое го носеше името на најголемиот македонски преродбеник Ѓорѓија Пулески, е избришано и заменето со името на локален албански бизнисмен. Но не е застанато на тоа. Сменети се како од шега стотици македонски топоси и имиња на улици со македонски дејци, заменети со албански. За илустрација од многуте ќе приложиме како финале на овој текст неколку од нив: улицата „Војдан Чернодрински“ е заменета со „Хоџа Ајтула Куртеши“; „Втора македонска бригада“ со „Адем Демачи“; „Атанас Бабата“ со „Фатах Ефенди“; „Добри Даскалов“ со „Таки Дервиши“; „Лазар Томев“ со „Укшим Хоти“; „Лазар Трповски“ со „Неџат Драга“; „Љуботен“ со „Бајрам Цури“; „Македонски кралеви“ со „Неџат Аголи“; „Никола Мартиновски“ (е, драг мој сликару, што доживеа во родната земја) со „Јусуф Гавела“; „Јордан Чопела“ со „Ментоз Алибегу“; „Солунска“ со „Јаја Паша“; „Александар Турунџев“ со „Дране Бојаџиу“. Итн.
Навистина импресивен помор. Го читав (фрагменти) говорот на нашиот премиер по повод прославата на Охридскиот рамковен договор со пофалби за него како некаква наша мировна, цивилизациска придобивка и слично. Но дали и ова понапред се вклопува во сето тоа? Или мижиме, а вода го носи државниот и националниот суверенитет на народот, кој толку многу драгоцени жртви даде за него посебно во илинденскиот период и во Втората светска војна?
ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ
(крај)

































