Кога во „Прохор Пчињски“ македонските партизани на заседанието на Антифашистичкото собрание за ослободување на Македонија (АСНОМ) ги носеа клучните документи за оформување на првата државност на македонскиот народ, кога се донесуваа историските одлуки, во селото Долани се одвиваше една крвава семејна, селска, вистинска македонска драма во режија на бугарскиот окупатор. Во еден ден, во еден час, на исто место, се погубени браќата Станое и Методи Даневи и нивните соселани Ристо Стојков и Крсто Митев
Потсетување на бугарското злосторство во штипското село Долани
Историјата нѐ учи дека злосторствата врз луѓето не се забораваат. Некои, во име на мирот,, се простуваат но не се забораваат. Едно такво вистинско злосторство е направено во штипското село Долани. Ден 3 август 1944, токму кога во „Прохор Пчињски“ македонските партизани на заседанието на Антифашистичкото собрание за ослободување на Македонија (АСНОМ) ги носеа клучните документи за оформување на првата државност на македонскиот народ. Токму тогаш кога се донесуваа историските одлуки, во селото Долани се одвиваше една крвава семејна, селска, вистинска македонска драма во режија на бугарскиот окупатор. Во еден ден, во еден час, на исто место, се погубени браќата Станое и Методи Даневи и нивните соселани Ристо Стојков и Крсто Митев. Без татковци останаа 14 деца, голи сирачиња од две до седум години. Од Крстевци беа осум, од Даневи четири. Ликвидатори – бугарски фашистички војници со помош на домашни селски предавници.
Селото Долани, седум километри од Штип, на патот за Радовиш, до Втората светска војна важело за комитско, а во војната за партизанско и комунистичко. Главно бунтовно, во борба за македонски правдини. Неговите куќи и околина биле единствена сигурна партизанска база во Штипско, во него доаѓале речиси сите познати партизани и комунисти од тој крај – Ванчо Прке, Герас Цунев (од Струмица), Славчо Стојменски, Димче Беловски, Љупчо Арсов, Фируз Демир, Салтир Кошевалиски, Мирко Шеќерински и многу други познати и помалку познати учесници во НОБ и дури активисти, помагачи во борбата.
Главата на селото бил младиот Станое Данев, со партизанско прекар Стариот, човек што во селото го донел првото црвено знаме и ја пропагирал идејата за слобода на Македонија, идеја што всушност му ја всадил неговиот учител Тодор Ангеловски–Тошо Даскалот од битолското село Лавци, еден од првите учесници во НОБ. За Даскалот подоцна е снимен и играниот филм со наслов „Македонски дел од пеколот“.
Станое Данев ја држел врската меѓу Штип и Долани, ја проповедал борбата за слобода на Македонија, растурал пропаганден материјал за револуцијата и комунизмот, собирал оружје за можни акции ги обиколувал соседните села, создавал конспиративни врски, внесувал нови луѓе, Македонци, Турци и други во организацијата, пренесувал пораки и директиви, ја ширел мрежата на симпатизери на партизанското движење, се грижел за логистика и обезбедувал храна за илегалци, припадници на отпорот. Висок, наочит, убав, строг (по што го носеше и партизанското име Строгов), храбар, не знаејќи да премолчи и да премине преку неправди, беше паднал во очите на полицијата. Го зедоа на око и го следеа бугарските агенти, а го поткажуваа домашните кодоши. И него и дел од неговите роднини и соселани.
Но не останало само на тоа. Допрва се токмело злосторството. Пред Илинден 1944 ги затворија во штипскиот затвор Станое и брат му Методија, како и нивните другари Ристо Стојков и Крсто Митев. За да биде иронијата на судбината поголема, Станое Данев наместо во затвор, требало да биде во манастирот „Прохор Пчињски“ заедно со другите македонски делегати. Тој бил избран за делегат на заседанието на АСНОМ како претставник на сите штипски села, како еден од најактивните револуционери и учесници во народното востание. За тоа сведочи зачуваниот оригинален примерок од ракописното писмо (известувањето) што во врска со делегатскиот избор му го испратил соборецот Салтир Кошевалиски-Тило.

На ден по Илинден, врзани со лисици, ги однесоа во селото со намера да ги натераат да кажат каде е скриено оружјето што се собирало и да посочат на други „шумкари“. Претрес бил направен во сите куќи. Никаде ништо не нашле, никој ништо не кажал, никој ништо не предал. Разлутени, разбеснети, полицајците предводени од крвникот Борис Жуглов, бугарски полициски водич, го сковале планот за ликвидација на доланчаните.
Враќајќи се за Штип по неуспешниот обид за откривање на оружјето, застанале кај местото викано Балевица, наводно за краток одмор. Според проверени сведоштва, Жуглов издал наредба за ликвидација на четворицата апсеници. За тоа до каде може да оди човечкото ѕверство сведочи начинот на кој ја организирал ликвидацијата. На своите четворица подредени полицајци им определил по еден апсеник во кого треба да стрелаат. Русев ќе пука во Крсто, Господинов во вториот, Караколев во третиот, а Џони во четвртиот. Секој пукаше и му го одзеде животот на својот затвореник. Безмилосно се убиени луѓе без пресуда, со врзани раце, цивили, без какво било сведоштво за учество во борба или направен деликт. Едно од многуте бугарски злосторства без преседан за време на окупацијата на Македонија во периодот на 1941 – 1944 година.
Тоа беше последниот чин. Но пред тоа се одиграла уште една немилосрдна претстава. Според очевидци, а ги имало повеќе, четворицата биле тепани, мачени, безмалку масакрирани. Во „Нова Македонија“ во август 1997 година е објавено сеќавање на Трајко Донев, во кое се кажува дека убиените не можеле да бидат распознаени. „Крсто бил речиси распаднат во телото, а од ударите што му биле нанесени на главата бил целосно обезличен. Лежел во локви крв, фрлен во грмушките. И главата на Ристо била разнесена од удари. Браќата Станое и Методи биле најдени во близина на едно ладанче. Устие им биле наполнети со земја, а во очите набиени шилци“.
Последен долг на селаните и на ожлостените домашни беше убиените да си ги пренесат и погребаат на своите христијански гробишта. Испратиле емисар во општината во селото Лакавица да побараат одобрение за такво испраќање во вечниот живот. Биле одбиени со зборовите дека „такви партизански кучиња не се за христијански гробишта. Ќе се закопаат таму каде што се убиени. Така и било. Оној што одбил, што не дал да се закопаат во селото, бил Македонец, човек од соседното село, познат на семејството Даневи, но соработник на окупаторот.
Набрзо дојде ослободувањето. Тогаш кај месноста Балевица се насобра многу народ, другари, селани, роднини и соборци оддавајќи им почит на загинатите херои. Во организација на борците и Општина Штип ги есхумираа посмртните останки и ги пренесоа во заедничка гробница во селото. По повод 35-годишнината од стрелањето на местото на извршеното злосторство, блиску до патот за Радовиш, е подигнато спомен-обележје по проект од академскиот вајар Александар Смилков. Споменикот ја изразува и благодарноста на Република Македонија кон самото село и неговите жители за придонесот во народноослободителната борба.
Долани ја извојува слободата, ја врати правдата, ја исправи неправдата. Остана запаметено дека браќата Станое и Методи, како и Ристо и Крсто, јунаците од Долани паднаа за големото дело на слободата. Ги положија своите животи за подобра иднина на својот со векови поробуван и намачен народ. И денес, иако мртви, сведочат за борбата во Македонија против тогашниот бугарски окупатор, без разлика дали тој окупатор така или поинаку се именува во денешните политички околности.
За крвавиот настан во Долани весникот „Нова Македонија“ има пишувано во повеќе наврати низ текстови на дописниците од Штип. Оттогаш се поминати многу години. Денешниот текст е едно потсетување, не како историско сведоштво туку како прилог кон минатото и вистината за него.
Херојската, истовремено трагична судбина на двајцата браќа Даневи и на нивните соселани Крсто Митев и Ристо Стојков сум ја слушал неколкупати од нивни наследници.
Живи синови на Методи Данев се Драги и Михаил Данев. Кога е стрелан татко им, Драги имал две години, а брат му Михо три. Драги е еминентен доктор – професор на Машинскиот факултет во Скопје, поранешен ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“, југословенски министер за транспорт и врски, познат во пошироки научни кругови. Михо Данев бил во два мандата градоначалник на Штип, во време кога се изградени клучни инфраструктурни и општествени објекти, поранешен секретар на претседателството на Сојузот на комунистите на Македонија. Професор, доктор на ветеринарни науки, највисоко вреднуван на ранг-листата во својата струка. Ангел Митев, синот на Крсто Митев, беше стопанственик, познат лик во Штип и околината.