Светот е сцена

По Вангоговите „Сончогледи“, која пред десетина дена климатските активисти ја полеаја со супа од домати, на нишан во неделата беше сликата „Стогови сено“ на Клод Моне, изложена во германски „Барберини“ во Постдам. Активистите овој пат ја испрскаа сликата со пире од компири, за да предупредат на драматичните климатски промени.
– Ако е потребно на сликата да истуриме пире или супа од домати за да го потсетиме општеството дека сите нѐ убива трката по фосилни горива, тогаш и ќе го направиме тоа – рекоа активистите, кои се припадници на движењето „Ласт џенерејшн“, и објавија видеоснимка од својот протестен чин.

Платното „Стогови сено“ на францускиот импресионистички сликар е дел од збирката на милијардерот Хасс Платнер. Сликата е купена на аукција во 2019 година, за 111 милиони долари. Активистите фрлија пире врз сликата, па зазедоа иста положба како и активистите што го направија тоа на 14 октомври во лондонската Национална галерија – клечејќи, со грбот свртени кон сликата и залепени со по една рака на ѕидот зад себе.
– Зарем треба да се фрли пире за да нѐ сослушате? Оваа слика нема да вреди ако мораме да се тепаме за храна – рекол еден од активистите пред да ги приведе полицијата.
Од музејот наведуваат дека сликата е заштитена со стакло и додаваат дека, според процената на стручњаците, не е оштетена.
„Стогови сено“ повторно ќе биде изложена за посетителите од денеска.
Делото на Ван Гог „Сончогледи“ го полеаја со супа две активистки припаднички на движењето „Џаст стоп оил“ и ја повикаа тогашната премиерка Лиз Трас да ја прекине експлоатацијата на рудниците на јаглен во земјата. Станува збор за одлука да се забрза експлоатацијата.
„Сончогледите“ не се оштетени, а помали оштетувања се нанесени на рамката на сликата.