Зелено пладне Пелагонија
Зелени корење од водите на Црна Река
растат зелени долини
надоаѓаат и одминуваат.
Долини имам в дланки,
тоа насмеаните денови
в плускавец се збрале,
се разбраниле и се
претвориле
в зелени пламење.
И зората гори во тоа
зелено море…
Земјата не може да ги скрие лисјето
зелен сон на ноќта што зрее
в тивки зелени ѕвезди –
Пелагонија се бранува
в зелени пламење.
Зелена сум везба,
зелен лист,
небесно сум зелено око,
зелен говор и
зелен извор –
Пелагонија се бранува
в зелени пламење.
Зелени гранки на песна
од кој ли зелен оган растат?
Од кое зелено небо
одекнуваат? –
Пелагонија се бранува
в зелени пламење.
Зелен сум оган, зелен сон,
зелено што светли –
Пелагонија се бранува
в зелени пламење.
Евгенија Шуплинова
Вардарски пејзаж
Над сини води
врбите расплеле коси,
утрото убавина носи.
На брегот тополи
извишени –
девојки во зелено
променети.
Понатаму жита
набуени – раззеленети.
Над реката птица
в синило вивната,
со песна
ги милува брановите
и рамнината ширна
во недоглед пливната.
Од Вруток до Егеј
сказна за љубовта
разгорена, нестивната.
Перо Миленкоски
Вевчани
Крај изворот во Вевчани
темјанушки жолти, сини,
дојди гледај и уживај
само немој да ги кинеш.
Наоколу зеленгора,
кокичиња, цвеќа разни,
штом ги видиш, сам ќе
речеш:
– Ова е за бајки, сказни….
Тивко шуми Јабланица,
птици пеат крај водата,
за вевчанци, храбри момци
и за Ставре војводата.
Тој што барем еднаш дошол,
убавина што е сфатил,
па повторно, добредошол,
во Вевчани пак се вратил.
Блазе си ти мило дете,
што те роди таква мајка,
во Вевчани лично, ликум,
ти да растеш ко во бајка…
Наум Попески
Боите на татковината
Белата боја е за чистотата
и душата нејзина,
а сината за небото
бескрајно
што се огледа во езерската ширина.
Зелената е за плодните
полиња
и шумите борови и дабови,
а кафената е за земјата
што нѐ храни и чува
со векови.
Аловата е за јунаците
што родината ги дала,
а црната за годините
на ропството
и борбата за слободата сонувана.
Жолтата е за сонцето сјајно
што нѐ грее и живот
ни дава,
а сребрената
и златната боја
се за книгите во кои приказната нејзина е запишана
и со крвта на поколенијата запечатена.
Марија Таушанска