Официјална Софија смислено креира тензична атмосфера во македонското општество. Имено, интересен поглед во врска со тоа имаат одредени политички аналитичари, кои аргументираат дека станува збор за бугарско сценарио наметнувано во македонското општество за создавање што поголема мешаница, отпор и инциденти. Со тоа, официјална Софија поради таквите нејзини подметнувани и поттикнувани искри што потоа ги распламтува ја претставува Македонија пред меѓународната заедница како нестабилна и некооперативна страна во која „постојано расте говорот на омраза кон Бугарија и бугарскиот народ и дека се спроведува и дискриминација врз Бугарите во Македонија“. Зошто ѝ одговара таквиот начин на Софија и која подлабока цел се крие зад тоа?
Бугарија повикува на уставни измени, а влече потези како да сака тие да не се случат
Официјална Софија продолжува да го реализира планот за намерно креирање тензична и високополаризирана атмосфера во македонското општество во однос на Бугарија, само за да ја остави Македонија надвор од евроинтегративните процеси. На тој начин таа добива време за креирање амбиент „за што подолго и полесно да ги спроведува и да ги реализира своите хегемонистички политики кон земјава“. Со растечките радикални политики на некои политичари во Софија е изразен ставот дека „токму сега е климаксот кога систематски спроведуваниот долгорочен план спрема Македонија треба да се реализира и затоа не треба да се отстапи, туку да се продолжи и да се интензивира поттикнување на нередот и да се претстави Македонија како неодржлива држава“.
Колку подолго трае хаосот, толку повеќе време за спроведување асимилаторски политики
Наративот дека македонските евроинтеграции ќе продолжат кога ќе бидат внесени Бугарите во македонскиот устав е добро смислена приказна со која бугарската страна сака да се покрие вистинската намера, блокадата да продолжи по секоја цена, додека „целосно деноминацијата и денационализацијата на Македонците не заврши“ во очите и апетитите на Софија.
Тоа стана јасно во оној момент кога во македонското општество се отвори некаква дебата за внесување на бугарското малцинство во Уставот и кога расположението кај македонските граѓани беше во насока да не се противат на уставни измени, но само ако тоа биде последна отстапка направена кон официјална Софија.
Очигледно таквиот развој на настаните не одеше во прилог на официјалната бугарска политика, која очекува многу отстапки, па набрзо започнаа провокациите со таканаречените бугарски културни клубови, продолжија со скандалозните изјави на бугарски политичари среде Скопје, сето тоа дополнето со засилените активности на разните претставници на бугарското малцинство во земјава, кои намерно ги прескокнуваат македонските институции и за своите проблеми разговараат директно со Брисел.
Сето тоа е провидно сценарио, чија главна цел е во македонското општество да се создава што поголем отпор кон уставните измени за тие никогаш да не се случат, а официјална Софија да ја претстави Македонија пред меѓународната заедница како некооперативна страна во која постојано расте говорот на омраза кон Бугарија и бугарскиот народ и истовремено дополнително се спроведува и дискриминација врз Бугарите во земјава.
– Нашата заедничка цел е да го намалиме нивото на тензија, секојдневно да се бориме со овој застрашувачки јазик на омраза што се излева во С. Македонија во однос на Бугарија и бугарскиот народ, против сите обиди за дискриминација на Бугарите во земјата. Какви и да се постапките на РС. Македонија, каква и пропаганда да има, ние нема да отстапиме од договорите што ги имаме. И ако Бугарите не бидат вклучени во Уставот на земјата, нема да има ни педа напредок во преговорите на РС. Македонија за европско членство – изјави викендов бугарската потпретседателка Илијана Јотова по средбата со претставници на бугарската заедница во Македонија, која се одржа во зградата на бугарската амбасада во Скопје.
Истиот рецепт на Бугарија и за Косово
Таа претходно беше во посета на Косово, каде што од косовските власти побарала признавање на косовските граѓани со бугарска самосвест и идентитет како бугарска заедница со загарантирани права, со што Бугарија покрај обидите за асимилација на македонското малцинство во Албанија, сега истото го прави и во Косово.
Несомнено овие активности ја откриваат главната бугарска цел, Македонија да остане блокирана додека во меѓувреме ќе се засилува процесот на асимилирање на сè она што е македонско, каде и да се наоѓа.
Некои од соговорниците со кои се консултира весникот се согласуваат дека Бугарија е таа што намерно креира атмосфера на отпор во македонското општество кон уставните измени, бидејќи тоа не е нејзината главна цел.
– Ако Бугарија искрено сакаше Македонија да напредува во евроинтеграциите, немаше да ја блокира две години. Неа ѝ одговара оваа статус кво ситуација за да ја остварува својата хегемонистичка политика. Веќе се во мисија на асимилација на македонското малцинство во Албанија и Косово, а во Македонија се во фаза на воспоставување бугарска заедница, која полесно ќе ги артикулира плановите на Софија на терен. Ова е повторување на историјата, само малку поинаку спакувано – велат соговорниците.
За директорката на Институтот за европски политики, Симонида Кацарска, кога веќе е искреирана тензична атмосфера меѓу Македонија и Бугарија, тогаш е тешко да се очекува политичарите во земјава да седнат и да постигнат консензус по прашањето на внесувањето на Бугарите во Уставот.
– Со ваква ескалирана ситуација на релацијата Скопје – Софија, многу е тешко за кој било политички актер во земјава да може да ја отвори дискусијата за уставните измени, а притоа таа да не го контаминира нивниот дискурс – вели Кацарска.
Таа смета дека Бугарија ќе продолжи да ги употребува алатките на уцени и блокади дури и да се направат уставните измени.
– Бугарија сега го гради својот случај за да може подоцна да постави повисоки форми на одредници во контекст на нашиот пристапен процес, пред сè во првиот кластер, каде што и онака се наоѓа поглавјето 23, во кое Европската комисија се занимава со прашањето на човековите права. Тука ние го имаме како посебен инструмент дополнителниот акциски план, кој ќе треба да го направиме за промоција и заштита на правата на немнозинските заедници, со посебен фокус на говорот на омраза, образованието итн. и очекуваме дека во тие области тие ќе креираат притисок преку сите инструменти, барем додека политичката клима во Бугарија е таква да може тоа да се искористи, а имајќи го искуството од изминатите неколку години, веројатно таа клима ќе биде доста долго присутна, барем во некој среднорочен план ќе може да очекуваме дека ќе имаат многу поконкретни барања во контекст на нашите акциски планови – посочува Кацарска.
Таа, во изјава за „Европат“, нагласува дека Македонија не треба да се откаже од евроинтегративниот процес, но мора да биде исклучително внимателна бидејќи ако ги внесе Бугарите во Уставот, ќе добие малцинска заедница чија матична држава е членка на ЕУ.
– Тука ќе се креира еден нов однос на кој ние не сме навикнати, а тоа е однос да имате заедница во Македонија чија матична држава е земја-членка на ЕУ. Тоа е однос што е споредлив на она што се случува во Босна, кога делумно е критикувана од Хрватска за нејзиниот однос кон хрватската заедница во таа земја. Но да се надеваме дека Бугарија нема да го има тој интерес и бугарската заедница во Македонија не е толку бројна за да може да има такво влијание како што постои хрватското во БиХ, меѓутоа несомнено ќе се креира нова динамика на односите за кои ќе треба ние да бидеме многу подготвени – нагласува Кацарска.
Таа истакнува дека и во текот на преговорите, кога и да се случат, македонските институции ќе мора многу тесно да се координираат за да можат да се справат со случаите што Бугарија и во иднина ќе ги отвора.
– Треба да се внимава многу на сите случаи што ќе бидат отворени, а очекуваме како што беше случајот со Пендиков да има многу директни случаи на кои ќе треба да се посвети многу внимание од многу институции – потенцира Кацарска.