Да земеме хипотетички да ги тргнеме настрана бугарските, како и грчките барања (спротивни на меѓународното право) и да ги апстрахираме како да се надминати. Дали во тој случај би биле решени сите пречки за европска интеграција на Македонија? Сите соговорници, интелектуалци, професори, аналитичари, дипломати имаат идентичен одговор и контрапрашања. Зарем Брисел ќе си дозволи поради нефункционалните наши институции дома, со нашето влегување во Унијата да се внедри уште еден голем проблем во ЕУ, покрај многуте горливи што актуелно ги решава? Дали Брисел би дозволил еден институционално нефункционален и некомпатибилен систем да биде внесен како нов паразит во и онака ранливиот организам на Унијата? Зошто Брисел би ризикувал нов товар, непотребен баласт, дополнителни проблеми, трошење на ресурсите?! Очигледно – не! Патем, ова се однесува за целиот пакет земји од ЈИЕ. Од тие причини, политичките чинители во земјава треба сериозно да се замислат, да ги тргнат настрана работите што не се поврзани со исполнување на Копенхашките критериуми и да почнат да работат на градење функционални институции и воопшто функционална држава
Општествени индикатори откриваат дека не е само Софија пречка на европскиот пат на Македонија
Повеќе од 20 години, Македонија потроши време на несуштински работи што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, за на крајот, според соговорниците, да се доведе во ситуација да стане „нефункционална држава со руинирани институции во кои граѓаните немаат речиси никаква доверба и кои служат исклучиво за удомување партиски кадри, некомпетентни, без знаење, вештини, без работни навики, неодговорни кон граѓаните и државата“.
Имено, најпрво се изгубија многу години и енергија во преговорите за разликите за името со Грција, за на крајот кога сите мислеа дека надворешните проблеми се решени и дека евроинтеграцијата ќе оди непречено, да се појави Бугарија со нејзините анахрони, надвор од меѓународното право, и условувања за прашања поврзани со историјата и внесување на минорното бугарско малцинство во македонскиот устав, и тоа како државотворно!?
Изградивме ли државни институции што
гарантираат системска функционалност
Копенхашките критериуми за членство на секоја земја во ЕУ се многу јасни, но клучен критериум за зачленување е земјата да има стабилност на институциите во гарантирањето на демократијата, владеењето на правото, човековите права и почитта и заштитата на малцинствата.
Никаде во овие критериуми не е наведено дека државата треба да го промени името, како што бараше Грција, а уште помалку дека треба да го приспособува наративот на сопствената историја со историјата на соседните земји, на што сега инсистира Бугарија. Во критериумите од Копенхаген нема критериум што дозволува мешање во внатрешните работи на една суверена земја и барање таа да го промени Уставот и да внесе некое малцинство.
Од друга страна, и Грција и Бугарија, иако се членки на Европската Унија, не ги почитуваат Копенхашките критериуми, особено во делот на слободите и правата на малцинствата.
Имајќи го предвид сето ова, јавноста во земјава со право се прашува зошто се изгуби толку време на задоволување на барањата на соседите, кои немаат никаква врска со европските критериуми, а се запостави градењето на институциите внатре во државата, која се доведе во ситуација да биде сè помалку функционална.
Токму тоа крие уште една нова замка што може да биде сериозна пречка на патот кон членство во ЕУ, бидејќи овој пат Брисел може да ја блокира Македонија поради нефункционалните институции.
Потврда дека е можно ваквото сценарио е неодамнешното предупредување на Европејците до властите на Црна Гора дека ќе ги прекинат пристапните преговори со оваа поранешна југословенска република доколку не бидат воспоставени функционални институции во земјата.
Ова само покажува дека на крајот може да се случи Македонија да ги задоволи и бугарските барања, односно да ги внесе Бугарите во Уставот и повторно да биде блокирана, овој пат од Брисел поради нефункционалните институции дома.
Од тие причини, политичките чинители во земјава треба сериозно да се замислат, да ги тргнат настрана работите што не се поврзани со исполнување на Копенхашките критериуми и да почнат да работат на градење функционални институции и воопшто функционална држава, која утре ќе биде кредибилен и респектабилен партнер во секакви преговарања и договарања.
Крајно време е веднаш да почнеме да си ги средуваме работите дома, да градиме силни и моќни институции
– Одамна се заложувам за тоа дека мора да си ги средиме работите дома. Точно е, изгубивме премногу енергија на прашања што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, но точно е дека тука никој не нè спречуваше да ги градиме институциите дома. Мора да се фокусираме на нашите работи, да си ја средиме земјата заради нас – вели Солза Грчева, универзитетска професорка и аналитичарка.
Таа додава дека ние сме длабоко завлезени во една тотална нефункционалност на институциите и дека утре, како што Брисел сега ја предупредува Црна Гора, така може и ние да бидеме блокирани поради руинираните и нефункционални институции.
– Кај нас има крах на сите системи, дали станува збор за здравство, образование, социјала, култура, инфраструктура, енергетика, ние пропаѓаме на сите полиња. Нема план, нема стратегија. Затоа е крајно време веднаш да почнеме да си ги средуваме работите дома, да градиме силни и моќни институции. Се разбира, тоа не може прекуноќ да го направиме и затоа ни требаат вистински резови во политичкиот систем, не ни треба шминка – истакнува Грчева.
Според неа, мора да дојдат луѓе со политичко знаење, кои ќе можат да ги компарираат искуствата на тие системи од Европа, од САД и од другите развиени земји, за да може да ги имплементираме кај нас и да почнат да функционираат тие модели.
– Кога ќе ја поставите државата на здрави основи, со здрави институции, цената ви е многу повисока и имате повисока вредност во секое преговарање. Секој сака да види една развиена, правно средена земја, некорумпирана, економски моќна, каде што владее правото, а не врските. Секој ќе сака таква држава во свое друштво и цената на таквата држава ќе биде многу повисока од оваа сега. Сега сме на ветрометина, ние само бараме милостина. Секој утре може да најде причина да нè блокира ако не си ја средиме државата, но со вакви нефункционални институции, всушност самите ќе се блокираме. За доброто на нашите граѓани, самите треба да си ја средиме државата – потенцира Грчева.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, смета дека одговорноста за нефункционалните институции е исклучиво наша бидејќи, без оглед на потрошеното време во преговорите со Грција и со Бугарија, никој не нè спречувал да си ги средиме состојбите дома.
– Ако не успееме да покажеме резултати во правосудството, едноставно нема да ги исполниме легитимните критериуми. Има институции што треба да се занимаваат со Бугарија, но има институции што треба да се занимаваат со себеси. Прашање е дали сите овие години ние ги користевме преговорите со Грција и сега со Бугарија како изговор за тоа што не сме ги средиле работите дома – заклучува Кацарска.
И другите соговорници се согласуваат дека нефункционалните институции ќе бидат нашата најголема блокада на патот кон ЕУ бидејќи го немаат потребниот капацитет да ги спроведат потребните реформи.
– Додека некој нè убедуваше дека мора да се насочи сета енергија во решавање на надворешните прашања, домашните институции во меѓувреме ништо не работеа, се полнеа со партиски кадри и резултатот го гледаме сега. Речиси извесно е дека дури и да направиме уште една отстапка за Бугарите, Брисел ќе нè блокира оти немаме функционално судство и обвинителство, како и дека сме висококорумпирана земја. Само ова е доволно за спуштање на рампата – додаваат соговорниците.