Извори што се во бизнисот со огревно дрво алармираат на добро разработените шеми, според кои шумите намерно се потпалуваат, за потоа, користејќи ги законските слабости, на одредени претпријатија да им се овозможи, под мошне поволни услови, да ги соберат опожарените, а покрај нив и здравите трупци

Неопходни се законски измени
во делот на казните и забраната за продажба на дрва од опожарени подрачја

Додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пред некој ден, говорејќи за лицето што го подметнало неодамнешниот шумски пожар во Мармарис, најави можност за воведување смртна казна за подметнувачите на пожари, а во Сирија, на пример, лани во октомври беа погубени 24 лица осудени за истото дело, во Македонија е дијаметрално спротивно со кривичните дела чиј директен објект на заштита се шумите. Додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пред некој ден, говорејќи за лицето што го подметнало неодамнешниот шумски пожар во Мармарис, најави можност за воведување смртна казна за подметнувачите на пожари, а во Сирија, на пример, лани во октомври беа погубени 24 лица осудени за истото дело, во Македонија е дијаметрално спротивно со кривичните дела чиј директен објект на заштита се шумите. Имено, дури и по минатогодишните катастрофални шумски пожари и огромните штети што тие ги предизвикаа, како и по зачестените примери на недозволената сеча, останува општиот впечаток дека сторителите, најчесто, се извлекуваат неказнето или барем дека не им е определена соодветна казна.

Јавноста треба да знае кој и како бил казнет за уништувањата на шумите

Повеќе од јасно е дека примерот со смртната казна во Македонија за кривичните дела чиј директен објект на заштита се шумите не доаѓа предвид ниту да се размислува за тоа, но дебатите на социјалните мрежи веќе подолг период укажуваат дека јавноста навистина би сакала да знае кој и како бил казнет за уништувањата на шумите. И јавната осуда е еден вид превентивна мерка за да се спречи понатамошно извршување на некое казниво дело, дури и столбот на срамот како инструмент за јавна осуда понекогаш дава и подобри резултати од казнената политика на институциите. Но тука има уште еден битен елемент на кој ни укажаа и алармираа познавачите на проблематиката со управување на шумите. Имено, тревогата се вклучи кога ја добивме информацијата за „добро разработените шеми, според кои шумите намерно се потпалуваат, за потоа, користејќи ги законските слабости, на одредени претпријатија да им се овозможи, под мошне поволни услови, да ги соберат опожарените, а покрај нив и здравите трупци“! По трагата на информацијата, за оваа појава разговаравме и со екоактивисти и членови на доброволните противпожарни друштва, кои ни потврдија за постоењето на основи на сомневање за функционирањето на ваквите криминални шеми. Од друга страна, според досега процесираните случаи, најчесто се гонат и се осудуваат само поединци, често со дијагноза за психичка непресметливост, а организираните шеми на криминална експлоатација на дрвна маса засега се во „темната бројка на криминалитетот“. Вистина, има и осудени службени лица, припадници на Шумската полиција, Министерството за внатрешни работи и на шумските стопанства, но, како што објаснуваат упатените, тие добиваат само условни казни и остануваат на своите работни места. Поради поделените и испреплетените надлежности и начинот на кој се водат евиденции и статистики, тешко е да се добие целосна официјална слика за шумскиот криминал, но тие што имале увид во она што се случува во практика велат дека искуствата се поразителни.

Тие што треба да ги чуваат шумите се инволвирани во бесправната сеча?!

– За жал, ние многу често откриваме дека тие што, според законската надлежност, треба да ги чуваат шумите, како што се Шумската полиција, припадниците на редовната полиција и на шумските стопанства, се инволвирани во бесправната сеча. А уште попоразително е тоа што токму ним им се изрекуваат условни казни, без притоа да се поведе дисциплинска постапка против нив за да бидат отстранети од работа. Таквата толерантна политика кон службените лица, како и несинхронизираноста на наделжните служби, во сите фази, од превенирањето до гаснењето на пожарите, како и во откривањето и процесирањето на сторителите, доведе до оваа состојба. Поентата, значи, не е да се зголемат казните, туку да се синхронизираат службите – објаснува вишиот јавен обвинител од Штип, Тодор Витларов.
Инаку, на одамна пратените конкретни прашања до Државното јавното обвинителство не добивме одговор за поднесените пријави за уништување на шумите.
Во судските статистики не се води посебна евиденција за пресуди во ваквите случаи. Во казненото законодавство, кривични дела чиј директен објект на заштита се шумите се: пустошење шума член 225-а, предизвикување шумски пожар член 227 и шумска кражба член 235, ставовите 3 и 4.
За првото и за третото дело е предвидена затворска казна во траење до пет години, а за второто казната изнесува најмалку осум години затвор. Се разбира, притоа се предвидени и различни износи на глоби и одземање на средствата во зависност од ситуацијата.

Исто така, како што објасни обвинителот Витларов, голема разлика постои во тоа дали делото ќе биде квалификувано како тешко кривично дело против општата сигурност или само како дело против животната средина.
По минатогодишните пожари низ земјава, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, зборувајќи дури и за можен тероризам, како и за политички и за бизнис-заднини, меѓу другото, рече и дека „би требало да се направат измени во законодавството во делот на казните и забрана за продажба на дрва од опожарени подрачја“.
Но, во меѓувреме, како единствен механизам за превенција остана практиката за воведување делумна забрана за движење низ шумите во текот на летниот период.
Инаку, во изминативе месеци, од страна на невладиниот сектор и на разни меѓународни фактори во земјава, сѐ почесто се иницираат дебати за заштита на шумите, но поради неусогласените информации и активности на надлежните служби, многу е тешко сликата од теренот да се потврди со прецизни податоци од кои би можело да се тргне понатаму во однос на елиминирање на многубројните системски недостатоци поради кои сето изречено не може да се реализира. Д.М.М.


МВР со 16 кривични пријави за ланските пожари

Министерството за внатрешни работи вчера информира за поднесените кривични пријави за предизвикувањето на шумските пожари во текот на минатото лето.
– Поради зголемениот број пожари во летниот период од 2021 година, беше прогласена кризна состојба со пожари во периодот од 1.7 до 30.9.2021 година, се презедоа засилени мерки и активности за превенција и заштита од пожари на шумите, пасиштата и други отворени простори. Само во наведениот период беа поднесени 16 кривични пријави за сторени 14 кривични дела „предизвикување општа опасност“ и две дела „предизвикување шумски пожар“, против 14 физички лица, од кои две лица државјани на Република Албанија, едно правно лице и три одговорни лица во правното лице – се вели во информацијата на МВР.