Кој и да го смислил, дистрибуирал и да го пласирал најновиот серијал прикажуван на политичкиот екран, го направил тоа умешно и успешно доколку сакал да покаже дека е нешто многу гнило во државата што си го уби името и сега се вика Република Северна Македонија. Со најновото мешање на картите веќе не се знае кој пие и кој плаќа, кој губи, а кој добива. Во казиното Македонија се вклучени сите апарати, нонстоп, 24/7. Во игра се сите политички коцкари, познати имиња на поранешни и сегашни претседатели на држава, претседатели на влада, лидери на партии и разни други кибицери и собирачи на пиксла.
Пендаровски, Груевски, Мицкоски, Николовски, Али Ахмети, Талат Џафери, Изет Меџити, Ѓорѓе Иванов, Љупчо Георгиевски, Зоран Заев, Димитар Ковачевски се појавија на стартната линија во еден интересен натпревар за да се одбранат од обвинувањата што направиле или не направиле за некои предлози, за закони, за акции, за решенија. Рано е за плејофот, до часот на финалето се очекува вклучување и на други играчи од прва и од втора класа, а со самото тоа комплицирање на почнатата трка. Едни трчаа со бомби други со „стикчиња“.
Од каде извира, каде мириса гнилежот?
Како од топ е исфрлена информацијата дека бегалецот Груевски од Будимпешта се договарал со Заев, со Ахмети и со актуелното раководство на СДСМ околу наводни измени во Кривичниот законик и за донесување закон за амнестија. Човек гонет од законот прави закони заедно со власта. Нивното склучено братство, во нормални околности и за нормални луѓе, би било рамно на паѓање на астероид во рамна Пелагонија. Сигурно ќе имаше третман на шпекулација доколку тоа не падна како вистина. А падна. Законикот е изменет, амнестијата следува. Само наивните може да сметаат на случајност.
Новата слика на теренот покажува дека СДСМ за таа цел е подготвен да соработува и да се сојузува и со црниот ѓавол, а за таков до вчера беше сметан токму Никола Груевски. Од таа партија поранешниот премиер го честеа со зборовите криминалец, арамија, убиец, „злото што не смее да се повтори“. Ама се повторува, зашто СДС истото го направи и со Љупчо Георгиевски, најголемиот идеолошки противник кого го прибра во своите коалициски редови и со кого спроведува иста заедничка програма.
Од Марс се гледа дека главен влог во танцот на ѕвездите се уставните измени, односно впишување на Бугарите во Уставот.
Но, спомнатите закони, брзината и начинот на донесување, како и аферите што се нижат дополнително го компромитираат тој уставен процес и инаку проследен со редица нејаснотии и сомневања. Го компромитираат и го дискредитираат пред очите на јавноста. Покажуваат дека власта не избира средства за да дојде до потребните осумдесет гласа во Собранието. Го компромитираат и самото Собрание бидејќи власта ги сведува пратениците на топовско месо што треба да крвави на олтарот на интересите на друга земја. Законите се подредуваат на политичарите наместо политичарите да подлегнуваат на законите.
Од 18 август оваа година, од денот кога во Собранието е одложено во недоглед усвојувањето амандмани и промена на Уставот целата постапка за да се постигне целта поприма димензии на илегалност и нелегитимност. Владата што го нема потребното двотретинско мнозинство за својот предлог, владејачките партии и нивните сателити дејствуваат главно вонинституционално. Бега од средби во официјалните државни институции и ги крши постулатите за демократија, транспарентност, државничка лојалност и одговорност пред граѓаните и гласачите. За тие пројави сведочат тајни средби во четири очи или групни средби, заткулисни игри, фабрикување афери, дисквалификации на цели групи и поединци.
Македонските граѓани се сведоци дека своевремено за вакви крупни прашања имаше официјални средби барем меѓу партиските шефови и нивни екипи. Свежи се сеќавањата на Пржино 1 и 2, на учество на експерти што се присутни, но чиј глас ретко се слуша, на странски посредници, дури и некои љубители на мачки. Сега отсуствува таков состав, отсуствува таа асистенција, што може да значи странска незаинтересираност или пуштање низ вода на домашниот владејачки фактор.
Од друга страна, „славен“ е случајот со промена на името и начинот на кој таа промена е направена во Собранието. До денес е останат горчливиот вкус дека колку тој чин бил заматена политичка манџа исто толку биле додавани криминогени, агентурни, парични, митаџиски и коруптивни мирудии. Тешко е да се поверува дека може да се повтори тоа, но не е исклучена и таа реприза ако на власта ѝ дојде нож до коска. За такви игри богато искуство имаат и ВМРО и СДС и ДУИ. Сега уште поголемо и побогато.
Владата, таква каква што е, не сака да го признае поразот, опозицијата нема сила да го претвори тој пораз во своја победа. Всушност, ако се гледа објективно, јасно ќе се види дека Владата се покажа неспособна да го протурка проектот за уставните измени, обврска што ја има преземено со таканаречениот „француски предлог“. Нема легална сила и затоа употребува нелегални средства. Или донесува закони што таа нелегалност треба да ја претворат во легалност и легитимност. Од горенаведените и од други причини, наместо да се намалуваат, се зголемуваат сомневањата во вистинските намери за целите на уставните измени. Што и да се случува понатаму засекогаш ќе остане да рие црвот за нерегуларност во постапките.
Во секоја демократска земја кога во нејзиниот парламент не поминува некој крупен владин предлог се знае дека таа влада паѓа во истиот момент кога не го добива потребниот број гласови. Тоа се случува кога не се усвојува предложен буџет, кога не се изгласува баран референдум, прекршен е деловник, Владата паѓа дури и за многу поситни пропусти. Тоа е засновано на фер игра, на фер политички односи, на востановени традиционални принципи, кои не се доведуваат во прашање. Такви се европските политички и морални начела во кои напразно се колнеме.