Дваесетина нации од Корзика до Нова Каледонија се обединија за да се ослободат од колонијална Франција. Дали ќе успеат во тоа? Ќе видиме, но искуството вели дека 12 држави од Африка стекнаа независност, но на Франција ѝ плаќаат колонијална такса секоја година вкупно околу 500 милијарди долари. И Македонија мора да влезе во процес на деколонизација – ги има Макроновиот колонизаторски договор (потписник е Бугарија) за членство во ЕУ и геноцидната Преспанска спогодба зад која стои Грција. И тоа не значи дека ако се поништат тие договори и ќе се умре. Напротив, смртта е токму во нивното почитување
Во август 2022 година во австралискиот федерален парламент се случи инцидент и токму на давањето заклетва на една пратеничка што е припадничка на еден од домородните народи. Секоја паралела на тој настан со давањето заклетва на претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, е добронамерна. Врските на тие два настана, на два оддалечени континенти, но енергетски, мисловно, па и судбински се поврзани, ако ништо друго туку и по женската енергија и правото на протест. Правото да станеш и слободно да се претставиш кој си.
„Јас суверена Лидија Торп, свечено и искрено се колнам дека ќе бидам верна и вистински ќе ѝ служам на Нејзиното Височество колонизирачката кралица Елизабета Втора“. Токму тоа го кажа Торп, но проблем е што во заклетвата никаде не пишува „колонизирачка“. Лидија Аманда Торп мораше неволно и со доза резигнација да ја повтори заклетвата онака како што е запишано, плус со крената десна рака, оти на Западот се верува дека ако ја кренеш десната рака, а левата ја ставиш на Библијата, ја говориш вистината и само вистината. Еднаш напишав дека лицемерството е смртен грев, но дека за тој грев не може да се најде достоен извршител според договорот направен со Господ. Па, ќе си тераме со гревови, со купишта гревови.
Мандатот на Торп го обележа и еден немил настан кога „откопаа“ нејзина љубовна врска со некојси бајкер, многу опасен тип. Затоа секој што мисли да се занимава со политика треба да знае дека секогаш во вратот му дува некој Валкан Хари што ќе го апси. Ти го прашуваш: А за што? – Имаш дрога во автомобилот. Па немам, бе, не се занимавам со тоа. А, Хари вади едно најлонче со дрогичка и ти вика – е сега имаш. Готов си.
Во австралиската политика нема многу претставници на Абориџините, а и нема ни многу абориџинско население. Ако некогаш кога се колонизирала Австралија биле околу еден милион, околу 300 години подоцна не се ни толку. Според пописот се околу 980.000, од вкупно околу 26 милиони население, од кои повеќето се во северните територии. Сега имаат и свое знаме, за кое повеќето од Абориџините велат – вие (модерните Австралијци) ни го измисливте знамето, тоа не е наше. Имаат и свој парламент поставен пред зградата на стариот парламент во Канбера, тоа се неколку шатори што симболизираат отпор кон колонизаторите. Ама, времето е немилосрдно, па дозволете да бидат и циничен и да кажам дека иселените Македонци од сите делови и краеви на Македонија можеби се веќе на број колку и Абориџините. А Македонците, како и Грците, Италијанците, Хрватите… се соколонизатори на Австралија заедно со Британците и круната на Обединетото Кралство. Тоа е факт.
Како ќе се одвиваат нештата во Австралија е неизвесно, досега имаше само обиди тој прекрасен континент, чии ресурси безмилосно се исцрпуваат, да стане република. Но некои народи веќе сигурни во своите сили и намери тргнаа во ослободување, односно деколонизација од Франција. Замислете што се крие зад она славно „либерте, егалите, фратерните“ – француски колонии распослани секаде, кои со децении и децении стенкале во ропство. Сега дојде време да се ослободуваат. Притоа не значи дека слободата задолжително мораат да ја платат со крв, со смрт, зашто и онака веќе доста платиле. Дваесетина нации од Карибите, Азископацифичкиот Регион и од други региони постигнаа договор да се обединат за еден голем идеал – ослободување, ослободување од Франција и од она што тие го викаат француски прекуокеански колонии. Ослободување бараат и Корзика (што би рекол на ова Наполеон?) и Нова Каледонија, која е поблиску до Австралија и е на цели 17.000 километри од Франција. Токму во Нова Каледонија избувнаа протести и состојбата сѐ е уште нејасна, хаотична. Ќе треба време да се создаде критична маса меѓу силите про-Париз и контра. Тоа што некогаш го поминуваа африканските колонизирани држави, сега ќе го поминуваат „прекуокеанските колонии“. Дали ќе успеат целосно да се ослободат? Многу тешко прашање, затоа што најверојатно ќе треба да се угаси стариот светски поредок на западната доминација, која ги пишуваше законите (па еве ние сме победниците и ние ќе кажуваме што и како) и да се воспостави нов меѓународен поредок, за кој веруваме дека е неопходен и кој треба да биде многу поправеден.
Едно потсетување колку е „слободна“ Африка – само Франција годишно собира на име „колонијална такса“ 400-500 милијарди долари, податок од 2023 година. Тие одат директно во касата на Париз. Плус таа ги контролира финансиските текови, нивните централни банки. Зошто? Па мораат да го исплатат тоа што некогаш им го изградила Франција!? Бенин, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Гвинеја, Мали, Нигер, Сенегал, Того, Камерун, Централна Африканска Република, Чад, Конго, Екваторијална Гвинеја и Габон се државите што плаќаат колонијална такса. И пак Франција се жали и пак немаат доволно пари, немаат пари за социјала, за наставниците (протестот на Жолтите елеци)… Колку, пак, собира Обединетото Кралство од своите колонии? Страв ми е да помислам дали воопшто постои таква цифра. И тоа не им стига, па запленуваат приватен имот, имот на држави, замрзнуваат милијарди, запленуваат резерви на злато. Наскоро ќе ја приватизираат и вселената, оти тоа е логиката на мултинационалните корпорации – да имаат сѐ, ама баш сѐ. Тие сметаат дека ако имаш пари, имаш сѐ. Помоќни биле и од државите.
Да се навратиме на почетокот и на случките со заклетвите. Тие се потврда дека и Македонија може и мора да се најде во оваа (де)колонизаторска матрица. Настаните велат дека откако го преспавме падот на Берлинскиот ѕид (немавме достојни политички визионери), новиот милениум ни почна лошо, со конфликтот во 2001 година, но не им тргна ни на Американците (нападот на кулите во Њујорк…) ако е за утеха. Затоа мора да го фатиме духот на времето, кога и малите народи веруваат во себе и се борат против колонизаторите од секаков вид. Од колонизаторска Франција ние немаме само гробови околу Македонскиот фронт (има и британски и бугарски), туку и Макроновата европска рамка со тешки услови што мора да се исполнат за да станеме членка на ЕУ. За нас како нација самоубиствени услови. Ја имаме и колонизаторската, таа оди рамо до рамо со асимилација, Преспанска спогодба, која ги брише Македонците како нација, ги брише како наследници на сѐ што ни оставиле во наследство нашите прапрадедовци и баби. Ако не се деколонизираме сега, отидовме, ќе нѐ снема, ќе ја снема сета наша меморија, нашето сеќавање. А како се казваше башта ти? Лелеее! Ова не е сон, ова е грозоморна реалност за која мораме да имаме одговор, достоинствен за една нација, единствена во светот, која се вика македонска. За да се биде слободен Македонец не значи и да се умре. Не значи дека ако се поништат антимакедонските договори и ќе умреме. Не, напротив, ќе продолжиме да живееме и да се развиваме слободни. И да не му плаќаме никому никакви колонијални такси. Никому не му должиме, а ни должат многу.