Некој ни ја украде радоста. Некој ни ги украде снегот и чистиот воздух. Воздухот, не за долго. Вардар грга од вода. Во Гостивар се употребува изразот „вози“. Тоа е кога електроцентралите „Вруток“ и „Равен“ „возат“, односно интензивно произведуваат електрична енергија. Ја истеравме годинава со нешто дожд, кој и не полни извори како снегот што се топи со денови, ама благодарност и за скапоцените дождовни капки што ќе потпомогнат во тоа. Најстрашно е ако некој ни ја краде и електричната енергија (не мислам на уличните ајдути), оти сега масовно се произведува ама е и во транзит. Добро е што во секој момент може да се купи на пазарот. Сѐ се претвори во пазар. Пазарна економија, нели? Ако може да се купат душата, здравјето, лицето и што уште не, тогаш може да се набави и електрична енергија што живот значи. Впрочем, има само големи и мали. Ништо од грижата на големите за малите ако немаат есап. Практично сурово. Кој ни е кабает што сме мали? Вардар сведен на биолошки минимум не чини. Вардар што грга од гневна вода, пак не ни чини. Старата приказна на итриот Насрадин, кој по посетата на двајцата зетови на сопругата рекол дека едниот од нив ќе настрада. Причина, еден од нив бил воденичар, па му бил потребен дожд, а другиот бил ќерамитчија, односно тулаџија, па нему му било потребно сонце за сушење на тулите.
Живеевме во социјализам (се разбира, кој како), па пекавме. Демек, не ни чинеше. Ајде – ајде, се втурнавме во веќе испробан западен тип капитализам, кој во меѓувреме стана мошне либерален и по малку хаотичен. Брзо се навикнавме и на плурално размислување. Со ова не треба да се сфати дека во овој и ваков систем, може кој што сака и како сака да дејствува, па дури и надвор од законот. Ама важно се испокаравме и тоа нѐ одржува во живот. Има судови и зандани и таму е лекот за размислување. Ситни џепчии, крупни далаверџии и политички затвореници под иста железна капа. Нога пред нога, заедно го премеруваат затворскиот круг со своите чекори, кои всушност и ги довеле до тоа дереџе. Армијата со некогаш црвени партиски книшки со кои членовите се гордееја иако одбегнуваа да платат членарина, прекуноќ се претвори во капиталистичка авангарда. Претприемачи, визионери, бизнис-сорта од прв ред, риби во вода, мешетари и партиски икони, најумни на овој маглив свет, мошне бргу се приспособија на виорот на времето. На „суво“ останаа диносаурусите, кои полека исчезнуваат од сцената за која не беа подготвени. Кој им е крив за тоа? Главата не е само за потстрижување, вели Русе ќеаја – галичанецот, мојот пријател.
Нова година некако ја истеравме. Исто пак исто. Минималец на минимум иако е во согласност со формулата за споредување со животните трошоци, спротивставени ставови на линијата синдикати-работодавци-влада. Трка како во формула еден. Цените молскавично нагоре, работодавците во теснец поради порастот на цените на суровините и на работната сила, која исчезнува на запад иако сите знаат дека таму сонцето тивко заоѓа. Сите бараат помош од државата, а во теоријата кобајаги таа треба да изумре. Се слуша, бранови на корпоративни банкротства во САД слично како пред големата рецесија. Човеку, не треси глупости! Еве и една убава вест. Пензионерите добиваат шанса за ново вработување и докажување. Јуначки, нема што. Внучињата, пак, ќе имаат забрзан раст. Потребна ни е стручна младост за пополнување празнини. За извоз? Ама не! Патем, овие вработувања ќе бидат добредојдени за оние што цел живот го преспале на работното место. Сега ќе мора да влезат во мегдан со гревови од Сирија, Палестина, Камбоџа, Малезија и од каде не. Ова некако му доаѓа како ново пазарно миксирање. Ајде да не останеме и без добри вести за време на празничниот јануари. Чудата се можни. Ете, прекуноќ исчезнаа маглата и гадлоците. Се случува и тоа!
Науката за настанувањето, градбата и составот на земјата позната под името геологија, секако ќе биде предмет за изучување од страна на идните генерации. Од Гостивар до Охрид, тие ќе дојдат до големи откритија за промените на релјефот и климата, и тоа како последици на процесите што сега се одвиваат на територија бисер од еколошка и визуелна чистотија и убавина. Сигурно ќе бидат збунети поради насилното ќелавење на голем број планински темиња од кои се вади чакал за постилање автостради. Но едно е сигурно; прогресот, односно напредокот си го зема својот данок. Како и со Насрадин, утре ќе велиме дека е прекрасно да се патува за Охрид низ еден величествен амбиент.
Сигурно сте чуле за Големиот раскол. Во 1054 година, папата Лав IX и патријархот Михаил Први, се разделуваат еден од друг во црквата. Халкидонското христијанство е поделено на католицизам и православие. Основна причина, борбата за црковна власт помеѓу римските папи и патријарсите на Цариград. Но освен тоа, постоеле и големи разлики во организацијата и начинот на изведување на обредите. Со еден збор, теолозите од запад акцентот го фрлиле на правните црковно-религиозни прашања додека источните сметале дека за основа за понатамошно развивање и усовршување на верата е филозофијата со нејзините решенија. Од друга страна, пак, папата тврдел дека има авторитет над четирите источни патријарси. Тие возвратиле дека улогата на римскиот патријарх е само почесна и дека неговиот авторитет се однесува на западните христијани. За уште поголеми разлики се погрижиле латинскиот јазик користен на запад и грчкиот користен на исток.
Како и да е, во понатамошниот тек и развој, религијата, организирана како синоним за вера, е подложена на интензивни поделби како и световната власт. Кога во шеснаесеттиот век Мартин Лутер се обидел да ја реформира Римокатоличката црква, доаѓа до нов раскол. Протестантите се издвојуваат и бараат да се оттргнат од строгите правила и традиционализмот на Католичката црква и верниците да се концентрираат на Исусовото учење од Новиот завет на Библијата наместо на Стариот завет. Ако се инсистира на поделби наметнати од којзнае какви причини, тогаш сигурно ќе се најде причина за раскол.
Дел од православните цркви, меѓу кои и нашата, го користат јулијанскиот календар на броење на времето и годините, кој доцни 13 дена зад грегоријанскиот. Дел од нив го прифатија грегоријанскиот календар. Вселенската патријаршија во Истанбул го нема статусот неприкосновена како папата туку само како прва меѓу еднаквите. Тоа го оспорува Руската православна црква, а другите се секоја за себе, но и со посебни релации меѓу себе. Раскол или…? Единството на сите од источното православие засега е само најава.
Како и да е, чистотата на душата и духовните вредности се основа за вистинска верба во доблесните патеки на христијанинот. Впрочем, како и во темелите на другите религии. Верата и религијата треба да бидат патоказ кон единството и почитта кон преостанатите од другите религии. Чистата душа е носител на вистински вредности, а човекот е човек доколку го почитува човекот. Недозволиво е и во најмала рака чудно, духовното царство сѐ повеќе да ги презема белезите на световното. Во тој случај, главен играч е политиката.
Ние ќе си го славиме Рожденството Христово на 7 јануари следејќи ги неговите поуки и учењето, библиските пораки и влијанието на Десетте Мојсееви заповеди вклесани во карпите на Синај. Отстапувањата се погубни за духовноста и верувањата на поединецот и народите. Ако некој те гаѓа со камен, врати му со леб. Веројатно ќе го почитува тој гест. Секоја божиќна порака започнува со љубов, почит и верба, а потоа свое место ќе си заземат и другите доблесни карактеристики. Доста со расколи. Христос се роди, вистина се роди!
Љубомир Јованоски
Авторот е писател

































