Дека може да се променат меѓународни договори потврдува и праксата на Европската Унија. Преку меѓународните договори ЕУ настојува да ги оствари и заштити своите политички цели. Советот на Европската Унија игра важна улога во преговорите и склучувањето договори меѓу ЕУ и земјите што не се членки на ЕУ или меѓународните организации. Советот на Европската Унија исто така може да донесе и одлука за суспендирање на примената на меѓународен договор или за раскинување договор. Доколку Европската Унија настојува преку меѓународните договори да ги заштити и спроведе своите политички цели, тогаш е логично и Македонија како држава, нација и општество да настојува да ги заштити своите интереси
Да нема дилеми. Секој правен договор може да се измени, дополни, суспендира или да се раскине, вклучувајќи ги и обврзувачките меѓународни договори, во согласност со меѓународното право (правото на нациите). Во пракса, до измени или до раскинување на одреден договор најчесто доаѓа кога една од двете страни смета дека договорот е на нејзина штета. Доколку станува збор за меѓународни актери, како што се државите или нациите, тогаш настојувањата за измени или за раскинување одреден меѓународен договор се и уставна обврска. Не смееме да заборавиме дека власта (институционална моќ) произлегува од волјата на граѓаните и доколку одреден меѓународен договорен е спротивен на интересите на граѓаните, тогаш власта мора да настојува да го измени или да го суспендира тој договор.
Во еден ваков контекст треба да се разберат и изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека т.н. Договорот за добрососедство со Бугарија може повторно да се преговара или искажувањето на македонската претседателка Гордана Силјановска–Давкова дека ниту еден член од Договорот со Бугарија не вели дека треба да го смениме Уставот. Со ова се искажува една политичка волја и така треба да се толкува. А не да се влезе веднаш во техникалии, како може, а на кој начин не може да се постапи кон Преспанскиот договор. Волјата за измени е најбитна, техниките се утврдуваат натаму…
Како и да е, барањата за измени на т.н. Договорот за добрососедство со Бугарија или на преговарачката рамка со Европската Унија, која произлегува од т.н. француски договор, се легитимни, бидејќи се спротивни на интересите на македонските граѓани. Впрочем, нема никакви гаранции дека Македонија еден ден ќе стане полноправна членка на Европската Унија, нема никакви гаранции дека Бугарија или некоја друга држава нема да стави ново вето и покрај потпишаните меѓународни договори. Договорот за добрососедство со Бугарија мора да претрпи измени и дополнувања, бидејќи директно се меша во внатрешните работи на Македонија и наметнува апсурдни идентитетски и историски прашања. Оттука мора да се внесат и барањата на македонскиот народ, односно дека ќе постојат гаранции дека ќе се почитуваат неговите национални особености – јазик, историја, култура итн.
Македонските настојувања за повторно преговарање и измени на т.н. Договор за добрососедство со Бугарија или измени на преговарачката рамка наидоа на дипломатски месарски нож од бугарска страна. Најпрво бугарскиот претседател Румен Радев нагласи дека „неопходно е познавање на меѓународното право. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира“. Во овој наратив се придружи и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која рече „не сакам да верувам дека нашите соседи го менуваат својот курс во однос на вистинското членство во Европската Унија. Препорачувам внимателно да се прочитаат документите на ЕУ, одлуките на Советот, врз основа на францускиот предлог, кој долго време е официјална одлука на Европската Унија, резолуциите на Европскиот парламент, во кои јасно се споменува значењето на Договорот за добрососедство и Договорот од Преспа, кои се елемент од преговарачкиот процес“.
Наративот дека македонската страна не го познава меѓународното право или дека треба внимателно да ги прочитаме документите на ЕУ немаат основа. Меѓународните договори произлегуваат од меѓународното право (правото на нациите), кое вели дека секој меѓународен договор може да се дополни со амандман. Во меѓународното право под терминот амандман се подразбира формална промена на одредбите од договорите што ги засегаат сите страни во конкретниот договор. Ваквите измени мора да се извршат со истите формалности, кои присуствуваа на првичното формирање на договорот, во согласност со Виенската конвенција за правото на договори од 1969 година. Меѓународното право исто така вели дека меѓународен договор може да биде изменет со договор на страните, односно секоја страна на договорот има право да учествува во преговорите за амандманот и да стане страна на новиот амандман.
Дека може да се променат меѓународни договори потврдува и праксата на Европската Унија. Преку меѓународните договори ЕУ настојува да ги оствари и заштити своите политички цели. Советот на Европската Унија игра важна улога во преговорите и склучувањето на договори меѓу ЕУ и земјите што не се членки на ЕУ или меѓународните организации. Советот е вклучен и во сите фази од постапката, од обезбедување на мандатот за преговори на комисијата, до овластување за потпишување на договорот, како и усвојување на конечната одлука за нејзино спроведување во правото на ЕУ. Советот на Европската Унија исто така може да донесе и одлука за суспендирање на примената на меѓународен договор или за раскинување на договор. На пример, во 2010 година Советот го суспендираше членот 96 од договорот Котону (заменет со договорот на Самоа во 2023 година) со Зимбабве, со што ја запре исплатата на развојната помош за земјата. Советот на Европската Унија одлучува во оваа насока врз основа на предлог на комисијата или на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Доколку Европската Унија настојува преку меѓународните договори да ги заштити и спроведе своите политички цели, тогаш е логично и Македонија како држава, нација и општество да настојува да ги заштити своите интереси. Преговарачката рамка со Европската Унија и т.н. Договор за добрососедство со Бугарија не ги вклучуваат барањата на македонскиот народ, нема гаранција и заштита на македонските национални особености. Затоа договорот за добрососедство со Бугарија мора да претрпи измени преку амандмани, а овие измени директно ќе се одразат и врз преговарачката рамка со Европската Унија.