Никому не му било лесно во велешкото село Горно Врановци пред 79 години. Во темни глуви ноќи група новинарски ентузијасти, партизани, во дружба со група млади напредни графички работници го подготвуваат печатењето на првиот број на весникот „Нова Македонија“, по одлука и наредба од Заседанието на АСНОМ. Година 1944, ден 29 октомври, крај на есента, време на зимски услови под планината Јакупица. Неизбришлив датум запишан во македонската историја: заедно со деновите на ослободувањето од бугарскиот фашистички окупатор се раѓа и првиот дневен весник на македонскиот народ на негов сопствен јазик и со негово писмо. Излегува првиот примерок, сѐ на сѐ осум страници, капка вода што набрзо ќе стане непресушна река.
Сме дознале доста технички податоци за реализацијата на речиси невозможната мисија во тие услови. Напишани се еуфорични зборови, опишан е општиот излив на радост меѓу оние што биле таму и учествувале во создавањето на дел од историјата на новата држава. Од политичките комесари, до пишувачите на текстовите. Од графичарите до стражарите што ја чувале печатницата како да чуваат свое тукушто родено дете.
Во новински свечени записи забележани се изјави од дел од учесниците на тој творечки и технички подвиг. Напишани се многубројни текстови за тоа како било и што било. Но никогаш не ги дознавме интимните чувства и стравовите на луѓето пред одговорноста што ја имаа преземено, од можните последици доколку задачата не се оствари. Партизанската, комунистичката конспирација не дозволуваше да се биде премногу отворен, личните заслуги да се наметнуваат пред колективните. За жал, и на штета на историските факти и на дел од личностите чиј придонес остана анонимен или е избришан со текот на времето.
Не е точно утврдено кој е човекот што го предложил името на весникот. Познато е дека на маса биле три можни предлози: „Слободна Македонија“, „Независна Македонија“ и „Нова Македонија“. Во таа 1944-та, сѐ уште воена година, се констатирало дека првите две имиња се одлични, но не кореспондираат со реалната ситуација. Тие имиња би предизвикувале можна негативна реакција, како во македонски така и во југословенски рамки, во кои Македонија го наоѓаше своето сигурно место.
На тој што го дал името и на оние што го прифатиле мора да им се признае далековидоста – што и да се менува, што и да старее, „Нова Македонија“ секогаш останува нова. Атрибутот „Нова“ бил соодветен, не давал повод за создавање политички сомнежи, бил играње на сигурна добитна карта.
Оттогаш до денес сѐ е македонска национална, политичка и новинарска историја. Историја на една држава и еден народ објавувана во печатен весник. Во „Нова Македонија“ се објавуваат актите на партизанските власти, во 1945 година се објавува решението за македонската азбука, при што како нови букви во азбуката се воведуваат: ѓ, ќ, ѕ, љ, њ, џ. Весникот станува буквар во македонските училишта, од кој младите генерации учат да читаат и да пишуваат, а постарите се описменуваат. Тој бил и останал учебник по писменост, јазик, култура, информатор за економија, за спорт, за социјален живот на целата македонска територија, вклучувајќи ги и Егејска и Пиринска Македонија.
Тоа беа и првите никулци во развојот на македонското новинарство, оттогаш почна процесот на содржинско и писмено осовременување. „Нова Македонија“, а нешто подоцна и Радио Скопје се столбовите на кои се развиваше македонскиот журнализам. Кадрите од овие две редакции, подоцна и од телевизијата, беа и останаа „главата“ на новите медиуми што се родија по конечното освојување на независноста во 1991 година.
Што е весникот „Нова Македонија“ денес?
Бил и го држи приматот на сѐ што е обележје на идентитетот на еден народ, на целокупниот развој на една држава низ повеќе генерации. Од 29 октомври 1944 до 29 октомври 2023 г., „Нова Македонија“ остана доследна на принципите на својот прв основач – АСНОМ.
Непобитен е фактот дека беше и остана национален весник на македонскиот народ. Национален, демократски и граѓански весник еднакво приклонет кон Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и другите делови на народи што живеат во Македонија, кон сите религии и припадности.
„Нова Македонија“ е весник што нештата ги именува со вистинските имиња. Анализира, не шпекулира. Не подлегнува на страсти и лажни вести. Не трча по сензации зашто знае дека нема поголема сензација од вистината. На нејзините страници е препознатлив благиот, но нужен, македонски патриотизам. Националните и државни интереси на прво место. Оттаму произлегуваат многубројните објавувани коментари за заштита на македонскиот национален идентитет, јазик, писмо и културно наследство. Во кукавички времиња „Нова Македонија“ е на вистинската страна.
Само тие што работат или работеле во дневен весник, новинари, печатари, фоторепортери, лектори, коректори, дактилографи, дистрибутери знаат која мака е да се биде на увид на јавноста секој ден во годината, речиси без пауза. Не случајно се рекло дека новинарството е прекрасна професија ако ја напуштиш навреме.
„Нова Македонија“, со сите маки што ја следат неа, со сите финансиски проблеми какви што владеат општо во медиумите, со сите уредувачки падови и подеми, со сите критики, оправдани или злонамерни, останува еден од светилниците на македонската држава. Зашто таа е неизбришлив дел од целокупната македонска историја. Многу важен дел за тој што ја знае и ја цени историјата на сопствениот народ.