Деновиве од печат излезе романот за деца „Не паркирај гаража“ од Трајче Кацаров, во превод на турски јазик, а во издание на издавачката куќа „Јени Балкан“. Преводот е на м-р Рабие Рушид. Ова дело, за кое Трајче Кацаров ја доби наградата на ДПМ, за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“, доживеа меѓународна афирмација и преку преводот на украински. Имено, „Не паркирај гаража“ лани излезе на украински јазик, во издание на издавачката куќа „Тврдина“ од Луцк, Украина. Преводот е на Ана Бахрајана.

Приказната во романот нѐ води во Чушкоград, главен град на државата Чушка, која пак се наоѓа на јужната хемисфера на планетата Феферона. А планетата Феферона е една од десетте планети во галаксијата Низа од Чушки. Жителите на Феферона се именуваат како Чушкоглави. Главен протагонист во приказната е Туфе Џинката, син на Стојан Бабура и на Елена Чушка Везена.

Во романот на бајковит начин, со не мала доза на хумор, се обработува темата диктат на недоразбирањата меѓу децата и родителите. Туфе Џинката не само што бара од страна на родителите да се почитува неговата лутина, односно тврдоглавост, туку се труди да организира фестивал на кој учесници можат да бидат само лути, односно тврдоглави деца. Фестивалот треба да им послужи како стапица во која ќе го намамат змејот Огненко. Откако ќе го намамат змејот, кој живее во близината на Чушкоград и не поднесува детски џагор, ќе го стават во пранги. Ослободувањето ќе му биде условено со наукот што треба да им го даде – како лутината да ја изразуваат преку блуење оган. Се разбира, проектот на Туфе Џинката му пропаѓа, а спас од лошиот сон и лошите мисли, на крајот, бара во топлите прегратки на мама и тато.
На една од промоциите на ова дело, професорот по литература за деца Мето Спасовски ќе рече: „Долго време чекав да наидам на дело што ќе биде блиску до делата на Џани Родари. Во ова дело на Т. Кацаров наидов на очекуваното!“
Ова е единаесетта книга преведена на странски јазик (украински, турски, бугарски, српски и хрватски) на писателот Трајче Кацаров.