Антиупатства за лична употреба
Минатата недела ми го украдоа велосипедот што со години ме возеше низ скопските улици, па така, одам пеш по Партизанска, не се знае дали почнала пролетта или зимата продолжила – сипи дождец, дува ветер северен – кога, кај Буњаковец, слушам некој ме довикува. Се вртам, комшијата Перо, и тој во капут со дигната јака, пошол да купи мамки за риби. Откако сум во пензија, ми вели, одам на риболов крај Вардар, на мостот кај „Жабарот“.
– Зарем и сега, по вакво време? – Не ми смета. А бе, терапија е тоа, два-три саати, дома се враќам мирен како јагне. Дијазепам е риболовот.
Перо да биде мирен како јагне, не верувам, му го знам табиетот, ама баш затоа не му противречам. Пробај и ти, ми вели, таму сум секој ден, од единаесет. Продолжуваме, тој накај продавницата, јас по Партизанска… и по неколку дена, откако купив нов велосипед, едно пладне го јавнав и право до мостот кај „Жабар“. Тој таму застанал со јадицата, крај нозете во фрлено жолто пластично ќесе се прпелкаат две рипчиња. До него уште еден рибар со потскината сламена шапка, се втренчил во движењето на пловакот што се ниша по брановите на Вардар. Кога ме виде качен на велосипедот Перо промрморе, некако мрзоволно: – Не фаќа рибата денес.
Ги гледам, него и неговиот содружник. Истрајуваат со часови стоејќи со својата долгнавеста јадица пред речната еднонасочна автострада, одвреме-навреме со кружни движења премотувајќи го молкум на своите алатки најлонскиот конец, ја вадат од реката мамката, всредоточено закачуваат нова, па повторно, како да е ласо, ја фрлаат назад. Спокојство.
Ме отпоздравија немо, со лесно замавнување на левата рака, цврсто држејќи ја јадицата со десната. Се качив на велосипедот и вртејќи ги педалите, забрзав по кејот кон паркот.
Оддолу, од реката, ме пресретна двојка пајки, едната шарена, другата сива, дозволувајќи да ги носи струјата понатаму, понатаму…