Драги деца, денеска ви ја претставуваме новата книга за најмладите читатели на познатиот македонски писател Стојан Тарапуза, насловена „Птицата од саатот куку“. Пред вас е истоимениот расказ, а откако ќе го прочитате сигурно ќе сакате да дознаете уште за ранобудниот медо, за соништата со кои најбрзо се патува, за желбите што не се кријат и оти со лагата далеку не се стигнува. Има и раскази, сите се со рима секако, за последниот есенски лист, рибарски приказни, за тоа што ја мачи Кристина, за пријателството, веселиот Весел и многу други. Книгата е поделена во четири тематски блока: „Некогаш и некаде“, „Ветрово оро“, „Ни жешко ни ладно“ и „Сакам да пораснам“, а ја издаде „Панили“

Нова книга за деца на писателот Стојан Тарапуза

Еднаш, така по итање, по долго шетање и скитање, Стојанче молк под клепките стегнал и со него заедно во кревет легнал. Си легнал и веднаш, по неколку мига, се нашол пред чатија, пардон, пред капија… Ја отклучил со тревка, ја отворил со смевка и, со пуштен поглед низ најубав двоглед, зашетал низ предел в глетки што се редел! Одел, така, одел, со мислите бродел, со желбите вјасал – до бор еден стасал! Под борот се сведнал, во сенката му седнал и „хихаха хее“ почнал да си пее!
Од песната една птица се возбудила, крилјата ги раширила, се зачудила и „куку, куку!“, почнала да кука…
– Што ти е, птицо, да не те разбудив? – ја запрашал Стојанче.
– Ме разбуди, но ништо, не е болка тешка, гласот ти е нежен и галежлив ко смешка! Во оваа земја сѐ живо се смее, но првпат слушам некој толку убаво да пее!
– Чекај, чекај, зборуваш чисто, како мене исто… Да не си, можеби, птица волшебница, испилена во некоја небесна воденица?!
– За жал, птица волшебница не сум!
– Не си, ама, зборуваш… А, колку што знам, птиците не зборуваат, тие само црцорат и пеат.

– Зборуваат, зборуваат, само кај вас дома не зборуваат!
– А од каде знаеш дека не зборуваат, кога кај нас, во нашата вила, ти птицо драга, никогаш не си била!
– Сум била, како не, само си заборавил!
– Е, ако си била, како што велиш, кажи што правеше, што чинеше?
– Од прозорчето на еден кафез-афез, одвреме-навреме, и дење и ноќе, со главата се појавував и гласно, со кукање, времето го објавував…
– Не измислувај! Кај нас дома нема афез, ни кафез…
– Кафез ако нема, саат КУКУ има!
– Има навистина, но тој веќе одамна не работи ни во недели, ни во саботи…
– Знам дека не работи… Ти еднаш во него буричкаше, го расклопуваше, го разглобуваше!
– Јас тогаш, моја прекрасна дамо, го отворив деловите да му ги видам само…
– И ги виде ли?
– Ги видов.
– И?
– Ништо… ги зачистив, ги исчистив и, со рацеве мои, повторно ги ставив на местата свои!

– Е не е баш така, како што кажуваш! Ти тогаш деловите му ги извади и мене од него ме истера, ме испади…
– Добро, добро, знам што сакаш да кажеш… Јас тогаш бев само малку љубопитен, а многу неопитен… Нешто однатре ме тераше да се однесувам така!
– Те разбирам, дете си, но признај дека тогаш со љубопитството малку ја претера!
– Можеби, не знам. Но и покрај тоа, јас тебе, птицо, сѐ уште не можам да те препознам. Сеќавањето малкуцка ми избегало!
– И да ти избегало, обиди се! Детската меморија е крилна!
– Ќе се обидам… Но пред да го сторам тоа, кажи, те молам, со насмеана лика, од кај сама долета во оваа чудна земја СОНОВИЈА што се вика?
– Ќе ти кажам, птица сум, не лажам откога ме испади и пропади… По селбите и по разделбите, дојдов овде на крилјата на желбите! И ти дојде така!
– Можеби, не знам…
– Не знаев ни јас, но тоа сега не е ни значајно, ни важно! Овде во Соновија животот без работа веќе не ме заморува, во мрзливка ме престорува… А јас, право да ти кажам, тоа не го сакам. Затоа, најискрено те молам, кај вас дома одведи ме, за да можам пак, како некогаш, да работам, да се трудам и со моето КУКУ, КУКУ од сон да те будам!
– Штом ме замолуваш, птицо драга, ќе те одведам… Овде во оваа земја СОНОВИЈА што се вика, без работа и мене ми е здодевно…
Така рекол – пресекол и пошле… Но дали дома заедно дошле, знае еден петел, по пат што им светел и што кукуригнал денот кога стигнал!


За авторот

Стојан Тарапуза е роден на 29 декември 1933 година во Злетово. Основно образование завршил во родното место и во Штип, а Средно техничко училиште и Виша педагошка академија во Скопје, каде што живее и денес. Речиси целиот работен век го помина како новинар и уредник во редакцијата Емисии за деца на МРТ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година.
Како автор дебитира со стихозбирката за возрасни „Црвено растење“ во 1961 година, а во 1965-та ја издава и „Во каменот ден“. Потоа следуваат педесетина книги за деца, меѓу кои се и: „Грејни сонце“, „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“…
Застапен е во повеќе антологии на разни јазици, а негови песни досега се преведени на: руски, полски, чешки, словачки, романски, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво.
Застапен е во читанките и во училишната лектира, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите избрани дела во три тома.