Одбележана десетгодишнината од постоењето и работата на ООУ „,Борис Трајковски“ во с. Моноспитово, Струмичко

Учениците и вработените од ООУ,,Борис Трајковски“ од с. Моноспитово, Струмичко, на 15 декември го прославија својот патронен празник. Тој годинава се одбележа многу посвечено, бидејќи се совпадна со одбележувањето и на десетгодишнината од постоењето и работата на ова училиште. Покрај официјалните гости на Општина Босилово (градоначалникот Ристо Манчев и неколкуте општински советници), присуствуваа и претставници од сите други основни училишта од општината, како и голем број родители на учениците.
Во рамките на прославата беа организирани и два турнира: во мал фудбал и во шах. Беа распишани и конкурси за најдобра лична творба посветена на патронот на училиштето и ликовен конкурс, на кои учествуваа ученици од сите основни училишта, не само од оваа училиште туку и од општините Струмица, Василево и Ново Село. На наградените ученици им беа доделени пригодни награди и благодарници. За гостите и родителите беше организирана и богата приредба, на која учествуваа сите постојани секции од ова училиште: хорот, драмската секција, фолклористите, ликовната секција, а пак на младите поети, спортистите и на најдобрите ликовни творци им беа врачени и награди за нивниот постигнат успех.
За време на свеченото одржување на приредбата свое обраќање по повод овој мал јубилеј на училиштето имаа градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, и директорката Соња Дацева.
За успешната организација и прекрасниот тек на целата програма беа задолжени одговорните раководители на секциите: Ленче Велкова, Зоре Стоилкова, Елисавета Мирчева, Марија Пенева, Панче Георгиев, Јован Ристоманов и Димче Манчев.
По повод патрониот празник на училиштето беше распишан и литературен конкурс на тема „За подобро утро“. Литературниот конкурс беше распишан во две категории: категорија на ученици од прво до петто одделение и категорија на ученици од шесто до деветто одделение.
Познатиот македонски писател за деца Киро Донев им подари свои книги на наградените ученици, а учествуваше и во изборот на најдобрите творби.
Во категоријата на ученици од прво до петто одделение со прва награда беше наградена Вероника Гавровска од четврто одделение, ученичка од училиштето ООУ,,Гоце Делчев“ од Босилово, под менторство на одделенскиот наставник Аргир Зимбаков.
Во категоријата на ученици од шесто до деветто одделение со прва награда беше наградена Тамара Стојанова од деветто одделение, ученичка од училиштето ООУ,,Видое Подгорец“ од Колешино, под менторство на наставничката по македонски јазик Атина Манчева.

Елисавета Мирчева


Надеж за подобро утро

Мудрувам низ животот со чекори спори
ја вдомувам секоја прегратка взори,
ја пуштам мислата со својата тежина да збори,
го скротувам сечиј немир што задивел и гори.

Во оваа наше сурово секојдневие
каде тивко чаури стравот за идното поколение,
внеси во душа малку инспирација,
па удави ги проблемите и секоја секирација.

Зацртај правила и од нив не отстапувај,
кон секој предизвик правилно постапувај,
надеж за ново утро до бескрај имај
негативното во себе повеќе не го примај.

Извадете ги мислите на виделина,
па нека јурнат рими по ширна белина,
одгатнете ја сите вечната тајна
разбудете ја надежта, вековна, знајна.

Надежта негова и неговото дело
беше народот да се сплоти во едно цело,
големина од човек со мисли чисти
во неговите очи сите бевме исти.

За таквата надеж, Трајковски беше пример
сета добрина во него беше збрана,
делата негови останаа да вишнеат во синевината,
а ореолот ни го остави да сјае и свети
кога ненадејно замина на другата страна.

Сонувај како да вечно ќе живееш.
Живеј како дека денес ќе умреш.

Прва награда за ученици од второ
до петто одделение:
Вероника Гавровска, четврто одделение
ООУ,, Гоце Делчев“ – Босилово
Ментор: Аргир Зимбаков

Со името твое сега вишнееме

Висока планина и честар
срни во бегство што минат…
тешка магла обвила мостарско поле
облаци сини скриле сребрена кингер-птица
со мирен лет,
што залута за момент во непознат темен свет.

Крај брегот млада трева
и јато исплашено што се крева,
и ден тажен кобен,
и јазик црн и злобен… исчезна човек.

И кој сега клучиња од куќарки ќе дава?
И кој сега ќе покаже пат?
И кој сега љубов во нас ќе буди?
И кој сега ќе бара и во злобниот брат?
,,Љубете го ближниот со пој, ко што го
љубите потомокот свој…“ – велеше ти..

Натоварен ти беше ликот со злато
и ти искрено, чесно ни го покажа патот.
За себе не зеде ништо, татко на нацијата
а светулка ти беше забодена на вратот.

Не се плашеше да ја кажеш вистината
плетенка да сплетеш од разлики
– за иднината
во сите срца ти бараше љубов,
брод што се ниша.

Бранови разиграни во нашето поле
а ти вечен трагач за мирен живот
а отвори школка збрана – бисери ни даде
а народ гладен веруваше на зборови чесни
и нѐ збра сите под едно знаме
заплакавме од среќа на твоето раме.

Најтешката битка ти ја смири
ѕвездите, сонцето, облаците ги седна
на една маса
на хартија бела не веруваше многу,
ни даде надеж и иднина за лична наша татковина.

Храмови свети ти беа прв дом
во болка и немоќ таму бараше позната лика
и црташе од надеж возвишена слика.

Во месец сечко те бараме сега
но ништо тебе не те крева…
Со името твое сега вишнееме
Со име живееме… бори се…
Бори се…
Прва награда за ученици од шесто
до деветто одделение:
Тамара Стојанова, деветто одделение
ООУ,,Видое Подгорец“ – Колешино
Менторка: Атина Манчева