Неодамна во Ваташа беше организирана промоција на расите црцорка и џуџеста црцорка, со идеја оваа автохтона македонска раса на кокошки да се признае како светска раса на кокошки. Настанот се одржа во организација на здружението за одгледување украсни птици и ситни домашни животни „К’днче“ од Кавадарци и д-р Перо Пењушков, кој изминативе 20 години ги одгледува овие кокошки и посветено работи на нивната стандардизација.
Стручњаците за автохтоната македонска раса на кокошки велат дека е одраз на нашиот македонски менталитет бидејќи е скромна во нејзините барања за исхрана, грижлива мајка со добар инстинкт за квачење, жилава, истрајна и многу пргава. И што е уште поинтересно, црцорката сѐ уште успева да им пркоси на новото време и на новите хибридни раси, кои се донесени од други земји.
На овој несекојдневен настан, покрај жителите на Ваташа и Кавадарци, присуствуваа и претставници од Македонскиот сојуз на здруженија на одгледувачи на украсни птици и животни и претставници на Хрватскиот сојуз на одгледувачи на гулаби, перјести птици, зајаци и морски прасиња, кои исто така работат на промоција на тамошните автохтони раси.
– Мојата идеја е да го зачуваме богатиот растителен и животински биодиверзитет со кој располага Македонија. Моментално во Тиквешијата имаме пет јата од расата црцорка и, за жал, само 30-50 единки од џуџестата црцорка. Спаѓаат во лесната раса на кокошки што се погодни за несење на јајца. Ги има во сите можни нијанси, еребичести, златни и сребрени, бели, црни со пченична боја или во диви бои познати меѓу месното население како чеш, односно црни со кафеави дамки, сиви и црни прскани со сиви дамки, бели со црни дамки и слично. Ние неколку ентузијасти од Ваташа и од Кавадарци минатата година го основавме здружението „К’днче“ за да се обидеме со поддршка на македонскиот сојуз на здруженија да ја промовираме оваа македонска раса на кокошки да биде признаена како светска раса на кокошки преку Европскиот сојуз и сесрдната поддршка од нашите пријатели од сојузот на Хрватска. Многу години работам на нивна стандардизација, која ќе ни биде своевидна работна рамка за одгледување на овие две раси на кокошки, кои спаѓаат во групата на стари домицилни европски раси на кокошки на овие простори – вели д-р Перо Пењушков.
За претседателот на хрватскиот сојуз, Дражен Биличиќ, промоцијата во Ваташа претставува значаен момент бидејќи за првпат се претставува македонска автохтона раса на кокошки, што е важен чекор во нивно зачувување. Ова особено е важно во ова време на глобализација кога автохтоните раси се подложни на исчезнување, а со тоа се губи генетската разновидност. Предноста на автохтоните раси, кои се резултат на локалните особености и услови на живеење, е во тоа што при минимални услови може да даваат јајца и месо.
Жељко Шерепац, претседател на федерацијата на одгледувачи од Хрватска, упати јавна покана до Ванчо Илиевски, претседателот на македонскиот сојуз, да дојде во Хрватска и да ги презентира македонските автохтони раси на кокошки.
На прашањето како дојде до изборот на името црцорка, Пењушков објаснува дека оваа раса на кокошки во различни краеви се споменува под разни имиња како амбарка, грмушарка, трторка, црцорка, дрмкарка, камењарка и други вариетети од имиња. Она што било пресудно да го одбере името црцорка е токму начинот на кој се довикуваат кокошките и сметал дека црцорка е најадекватното име за оваа раса на кокошки.
– Промоцијата на овие автохтони македонски раси на кокошки за мене претставува само увертира со која би сакал да ја вратам традицијата на одгледување кокошки во нашите дворови кога наместо часовник нѐ будеше петелот. За петелот се верува дека кога кукурика ги брка лошите демони, а не случајно во минатото дури и гајдите се украсувале со нокти од кокошки. Всушност, одгледувањето кокошки и други животни е дел од моето семејство дури до денес, во што учествуваат сите членови од семејството. Мислам дека луѓето ќе бидат посреќни кога ќе се врати таа симбиоза со животните. Во Ваташа, каде што живеам, во минатото немаше куќа во која не се чуваа гулаби и кокошки, како и други животни доколку имаше услови, но, за жал, тоа не е случај сега кога се купува храна само од големите маркети, а квалитетот сѐ повеќе се занемарува – вели д-р Перо Пењушков.