Проклетството на Трамп и како Македонците да ја преживеат европската апокалипса

  • Америка ѝ дава на Европа околу 20 години живот. Потоа што следува? Европска апокалипса можеби. Ние сме дел од тој казан во кој нациите ќе се сварат. Но не мора нам да ни се случи тоа. Ако ја читаме внимателно и по нашки американската Национална стратегија, ќе видиме дека суверенизмот/конзерватизмот е американската фаланга, со него ќе се освојува светот. Нам концептот за македонска држава на Филип и Александар Македонски ни е во генот, во нашата ДНК, која либерализмот, како најперверзна верзија на глобализмот, сериозно го напаѓа

Европа ваква каква што ја познаваме ќе исчезне за околу 20 години, предвидува Америка во својата најнова Национална стратегија. Како географски поим веројатно тоа нема да се случи, но како цивилизациско наследство, тимот експерти на Доналд Трамп предвидуваат крај. Апокалипса денес. Збогум Европо, добре дојде за…? Во што би се претворила Европа? Некои велат – туристичка дестинација на мртва природа – музеи, згради, празни катедрали, расцепкани народи, ограбен „Лувр“ во кој прокиснува покривот, подем на друга култура што е увезена како резултат на идејата за отворени граници за сите. Можеби токму тука, во нашиот двор ќе се случи показната вежба за немилосрдниот судир на цивилизациите на Хантингтон? Америка вели – но… може да се смени текот на историјата. Може ли или веќе е предоцна?
Разликите меѓу САД и Европа денес се поголеми отколку пред и по Втората светска година, кога Вашингтон ја решавал дилемата дали да ја остави Европа самата да се крене од пепелот на војната или да ѝ помогне. Денес ова прашање повторно е актуелно и поставено малку на поинаков начин – дали треба на ваква Европа да ѝ се помага? ЕУ е пропаднат проект (Илон Маск вели да се растури). Не барајте етика во оваа дилема, не постои етика. Ние сега сме во ерата на макијавелизмот, целта ќе ги оправда средствата. Макијавели може да биде горд на својата мисла, тој проникнал многу длабоко во човекот и неговото его, особено на човекот на 21 век, кој на цел глас вика: Јас сум најважен. Да бидеме политички коректни, со новиот јазик тоа значи „мојата држава на прво место“.
Денес Европа сѐ уште се смета за либерален бастион, а за Америка велат дека оди кон автократија. Од тој европоцентризам тешко дека овој сегашен политички естаблишмент ќе може да излезе, а со тоа ризикува Европа да ја претвори во своевиден резерват на либерализмот, кој ќе биде заобиколен со санитарен коридор. Натписот на тој санитарен бедем би изгледал приближно вака: Не ги сакаме европските вредности. Зараза! Со тоа запира извозот на продуктот наречен европски вредности.

Еден интересен и многу важен случај за европските вредности, и тоа од една од најнапредните демократии во Европа, Финска. Пред девет години, парламентарката Паиви Расанен напишала твит што ќе го промени текот на нејзиниот живот – и сè уште, до ден-денес, ја оспорува дефиницијата за верска слобода во Европа. Расанен е и членка на Евангелистичко-лутеранската црква, која во 2019 година го објави своето официјално спонзорство на ЛГБТ-парадата. Како одговор, таа напиша: „Како може доктринарната основа на Црквата, Библијата, да биде компатибилна со подигнувањето на срамот и гревот како предмет на гордост?“ Таа го објави овој коментар заедно со слика од библискиот стих Римјаните 1:27, кој ја опишува хомосексуалноста како срамна: „Мажите извршија срамни дела со други мажи и ја примија во себе заслужената казна за својата грешка“.
Следниот ден, таа го отвори својот утрински весник и откри дека полицијата ја истражува за говор на омраза. Некој навреден граѓанин ја тужел. Значи, во Финска не смее да се цитира Библијата, треба да се прескокнат Римјаните и некои други пасуси, зашто тоа не им договара на припадниците на ЛГБТ, но, замислете, и на Црквата?! Кога еден пастор на Англиканската црква го прашале зошто венчаваат геј-двојки, тој одговорил дека мораат, оти црквите им се празни. А зошто им се празни? На тоа немаат одговор или не сакаат да го видат. Еден папа, пак, токму за ова прашање за геј-популацијата, јавно кажа дека некои земји се исклучени од тоа, конкретно мислејќи на Африка. Значи во Европа црквата може да озаконува геј-бракови, во Африка не, оти таму немало услови за такво нешто. Ало, Ватикан, се слушаме ли, можеме ли да се разбереме? Лицемерството е најголемиот грев пред лицето на Исус, тоа секако на сите ни е познато. Нормално, Расанен има право на одбрана, ќе се влечка по судови, отворен ѝ е и патот кон Судот за човекови права, тужби, жалби, аргументи, пилот-пресуди… Колку е убав животот во Европа кога имаш пристап до правда! Имаме и Ден на човековите права на ОН. Затоа да не ја губиме надежта. Македонците ќе ви кажат што е тоа правда. И колективна и лична. Имаме тони и тони материјали за тоа како постои една организирана загроза против Македонците, еден процес на систематско уништување на културата, јазикот, фолклорот, историјата, артефактите, а сега следува и кибернетски геноцид, за да нема ни трага од нас во дигиталниот свет, за не бај боже во еден друг матрикс да не се појават моќните Македонци. Постои и автогеноцид, еден вирус потхрануван од нашите западни пријатели и сојузници. Понекогаш се многу успешни, а ова што денес го гледаме од Македонија е резултат на тој западен иљач што е наменет да ни ја ништи нашата ДНК. Нема да помине.

Има едно прашање на кое тие немаат одговор, едноставно не им е јасно. Ова што денес се случува на Балканот, а и што порано се случувало, во голем дел е резултат на една европска стратегија, која имаше успешен проект во освојување на новите светови, политика на колонизација. Ропство и грабеж на вредностите како што се мирудии, руди, злато… Балканот е расцепкан на семејни интереси познати под брендот Сакс-Кобург-Гота, па кога некој од братучедите ќе се скара, државите влегуваат во војна. Така тие си ги колонизираа балканските народи давајќи им држави – Бугарија има две дадени држави, една од Русија по воената победа над Османлиската Империја во 1878 г., а втората од Австроунгарија, Грција добива држава од Баварецот Отон, СХС добива крал од Лондон, Албанија добива крал и така натаму, и така натаму сѐ до Македонија. Е тука запнале. Кој да биде кралот на Македонија, која лоза ќе се замеша и ќе ја преземе круната на кралската македонска лоза. Размислувајте кралски, ројалистички и империјалистички кога зборувате за Македонија, драги мои Македонци. Никој не може да ви го забрани тоа, а размислувајќи со широко отворени очи ум и разум и потпирајќи се на твојата оставина, можете да дојдете до важни одговори.
Поинаку и поедноставено кажано, денес Европа и Америка (како две јатрви) не се разбираат по многу прашања, но главна е идеолошката некомпатибилност – Брисел сака да го држи во живот на апарати неолиберализмот, најперверзната верзија на глобализмот, а Вашингтон конзервативизмот со суверенизмот како фронтална армија, нивната американска фаланга. Ова не е гола споредба, затоа што во американската национална доктрина ќе го најдете токму тоа. И додека ЕУ е уште шарена во својот резон, Вашингтон во својата стратегија е остар, недвосмислен и јасен – таму сѐ е црно-бело и црно на бело. Тоа се тие разлики во концептите.
Ако даваме некаков совет, тоа е дека Македонија денес треба да ја има доктрината – црно-бело. Да не остава дилеми, туку да носи јасни одлуки, без простор за двосмислености и различни толкувања. Потсетете се на Александар Македонски и легендата за Гордиевиот јазол, за кој никој немал решение, освен него – тој го пронашол решението во мечот. Го пресекол и го решил. Мечот може да биде орудие разбрано и како остра мисла, јасна, разбирлива. Денес имаме право да кажеме пред светот кои сме, што сме, каде припаѓаме, каде одиме, што сакаме, а што не сакаме и не прифаќаме, и тоа јасно, без дилеми и неразбирливи метафори.
Можеби ќе ви звучи чудно или ќе се потсмевате на одлуката на Вашингтон да го врати фонтот „тајмс њуз роман“ во комуникацијата, нешто што го објави државниот секретар Марко Рубио, отфрлајќи го претходниот „демократски“ фонт „калибри“ и давајќи до знаење дека тоа е важна одлука.
Преведено на македонски јазик, ова не само што мора туку и треба да значи враќање на македонскиот јазик во комуникацијата. Враќање и бетонирање на кирилицата во комуникацијата. Денес во администрацијата секој пишува како што сака, испраќа писма како што сака, па дури и на јазик што нема статус на државен, се игнорира кирилицата, некои не ја ни познаваат (жално, жално), некои намерно ја игнорираат. Ако кирилицата потекнува од Македонија, а потекнува, ако сме можеле да ја наметнеме како панимпериско средство за описменување и комуникација, за разговор и со Бог, недозволиво е денес, тука и овде, кирилицата да ја снемува, да се брише. Не се во прашање само фирми и натписи, туку, на пример, и дресовите на репрезентациите, на репрезентативците. Црно-бело со мирис на суверенизам. И опстанок, начин да се преживее европската апокалипса.