Несомнено, зовриената атмосфера од двете страни на границата најдобро ќе се смири преку дијалог во кој ќе се најдат решенија за сите прашања што ги креваат тензиите, без премногу емоции, туку со еден прагматичен и рационален пристап со кој ќе се создаде атмосфера на доверба и соработка, а не како сега, на нетрпеливост и конфликти. Исклучително е важно сега, во вакви моменти, никој да не долева масло на огнот, кој повеќе од очигледно некој сака намерно да го разгори преку некакви црни сценарија, туку ситуацијата да се смири преку навремен институционален одговор, во согласност со позитивноправните прописи и процедури
Разгорувањето на тензиите меѓу Македонија
и Бугарија не е во духот на добрососедството
Последните инциденти, најпрво со скандалозното однесување на бугарските политичари во Скопје, потоа и со физичкиот напад на генералниот секретар на бугарскиот културен клуб во Охрид, дополнително ја зовреа и онака вжештената атмосфера на релацијата Скопје – Софија.
Наместо помирливи тонови и дијалог за зближување меѓу двата народа во интерес на добрососедството и европските перспективи, последните месеци се интензивира реториката во која се прокламира говор на омраза, со интенција вербалните закани да се преточат во посериозен инцидент.
Најдобра потврда дека ситуацијата е дојдена до точка на вриење е состанокот на македонскиот национален совет за безбедност, како и најавата за расправа во бугарското народно собрание за македонско-бугарските односи што подоцна беше откажана, но што во секој случај е јасен сигнал дека работите одат во погрешен правец и дека е време политичари визионери да ја преземат работата во свои раце, да седнат на заедничка маса и да почнат да ги решаваат работите низ конструктивен дијалог.
На тоа повика и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, нагласувајќи дека од критична важност е да се смират разговорите меѓу Македонија и Бугарија и лидерите од двете страни на границата да можат да дискутираат смирено и рационално.
– Луѓето во државата секој ден можат да ги видат тие конфликти, како и ескалацијата кај дел од дијалогот на која сведочиме помеѓу оние во Софија и овие овде. Мислам дека е од критична важност тие разговори да се смират, лидерите од двете страни на границата да можат да дискутираат смирено и рационално, за тоа кој е патот напред, во врска со некои од овие проблеми што ги видовме помеѓу различни индивидуи и заедници. Тоа е од критична важност – порача Агелер.
Несомнено, зовриената атмосфера од двете страни на границата најдобро ќе ја смират политичарите од двете земји низ дијалог во кој ќе се најдат решенија за сите прашања што ги креваат тензиите, без премногу емоции, туку со еден прагматичен и рационален пристап, со кој ќе се создаде атмосфера на доверба и соработка, а не како сега, на нетрпеливост и конфликти.
Исклучително е важно сега, во вакви моменти, никој да не долева масло на огнот, кој повеќе од очигледно некој сака намерно да го разгори преку некакви црни сценарија, туку ситуацијата да се смири преку навремен институционален одговор, во согласност со правната практика.
Адвокатот и бранител на правата на македонското малцинство во Бугарија Тони Менкиноски е еден од оние што повикуваат на смирување на страстите и институционален одговор во насока на превенирање на тензичните состојби.
– Дипломатијата е таа што треба во интеракција со бугарската дипломатија да си ги среди тие работи, нема зошто нас како граѓани да нè малтретираат со тоа. Имаат институти, институт да се прогласи некој „персона нон грата“, институт со кој ќе се врачат вербални ноти, едноставно кажано вака веќе не оди. Еднаш треба да се каже доста е. Има премногу политика, а премалку право. Сега е време да завладее правната држава – вели Менкиновски.
Според него, македонските институции ги имаат сите механизми да превенираат секакви инциденти, а со тоа да влијаат и врз намалување на тензиите.
– Претседателот треба да им каже на министерот за внатрешни работи, на министерот за одбрана, на министерот за надворешни, на јавниот обвинител дека треба да се преземат дејства со кои нам Македонците на наша земја ќе ни биде дозволено слободно да си присуствуваме на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари, дека нема да имаме проблеми, а сите оние што влегуваат со туѓи знамиња од туѓи држави, со туѓи навредливи транспаренти, да бидат спречени и да не им се дозволи присуство на тој настан. Тоа не е слобода на изразување, нека не прават замена на тези. Нашите институции треба јасно да ги дефинираат работите, јасно да нè заштитат, а не да ги пуштаат провокаторите и подоцна да нè тепаат и да ги апсат Македонците како нарушувачи на јавен ред и мир. Превентивно треба да си дејствуваат, оти што и да се случи вината за тој настан е на државните институции. Не може вината за инцидентот да е на народот – порачува Менкиновски.
Тој додава дека меѓу Македонците има инфилтрирано многу провокатори, кои намерно работат во насока на предизвикување инциденти, само Македонците да бидат посочени како лоши и насилни, а за возврат да поминат некои туѓи агенди.
– Ако дојде до инциденти, тоа подоцна ќе се искористи за уставни промени. Веднаш ќе се јават дипломатите, одредени новинари на некои медиуми во Европа веќе се подготвени да објават текстови на оваа тема, дека, ете, Македонците насилно не сакаат да ги внесат Бугарите во Уставот и тогаш би ја свртеле целата приказна. Ако се случат инциденти, тоа апсолутно ќе значи победа за Бугарија. Не е случајно обраќањето на бугарската потпретседателка Јотова до комесарот за човекови права во Советот на Европа. Тие очекуваат инциденти во кои Македонците ќе бидат ставени на тапет, а сето тоа ќе се користи како баланс за постојаните опомени што ги добива Бугарија од СЕ токму поради прекршувањата на малцинските права и заканата оваа земја да биде исклучена од Советот на Европа – објаснува Менкиновски.
Според него, сите оние што во овој момент повикуваат на насилство се провокатори.
– Македонскиот народ е многу паметен народ, бидејќи опстојал покрај многу душмани околу себе. Ние сме чесен и работен народ. Македонците легално и легитимно да се борат за своите права. Тоа не значи да бидат дефетисти, туку, напротив, да не наседнуваат на провокатори, истовремено државните институции да не манипулираат со чувствата на Македонците, туку да ги заштитат – категоричен е Менкиновски.
На крајот уште еднаш упатува апел до македонските граѓани да не потпаѓаат под никакви провокации и да не дозволат никакво компромитирање.
– Апелирам граѓаните да не наседнуваат на провокации. Треба многу паметно да размислуваме во нашата битка. Не смееме да дозволиме да бидеме компромитирани. До македонската јавност упатувам повик: Ние не сме дефетисти, напротив, треба да се бориме за правата, но да не бидеме компромитирани и да не ни се случува како претходно да бидеме изиграни во нашите дејства – вели Менкиновски.
Став на дел од другите соговорници со кои се консултиравме е дека Македонија мора институционално да одговори на секакви закани по нејзината безбедност, но, од друга страна, треба да се задржи и дијалогот со Бугарија врз принципите на меѓународното право.
– Државата треба да покаже дека во неа функционира владеењето на правото. Присуство на туѓи знамиња и транспаренти со навредливи содржини тоа треба да биде санкционирано за да се спречат тензии меѓу двете земји во иднина. Истовремено, со Бугарија треба да се разговара рамноправно и да се бара и од Софија да ги спречува ваквите провокативни акти, како што беше случајот со провокациите на Џамбаски и Костадинов среде Скопје. Треба сите да дејствуваат на смирување на ситуацијата, а не да се долева масло на огнот – заклучуваат соговорниците.