Познанството менува сѐ

  • Колку знаете за Иран, кој e една од најстарите светски цивилизации? На што прво ќе помислите кога ќе се спомне Венецуела, дали можеби на нејзините успеси на светските избори за убавина или, пак, на теленовелата „Касандра“, која во 1990-тите години беше хит и на овие простори? Дали ви е познато дека Гренланд, иако ѝ припаѓа на Данска, настапува самостојно со сопствена репрезентација во ракомет, која трипати била учесник на светски првенства? Овие нафрлени информации не се поврзани, ниту имам намера да ве подготвам за учество на квиз, туку ги поставувам во контекст на прашањето како се доживуваат кризи што се случуваат на места далеку од нас, со кои немаме директна поврзаност. Или, пак, како би се чувствувале кога би имале лична врска со нив?

Ако се обидувате да ги дознаете најактуелните глобални вести моментално, без разлика кон кој медиум или извор и да посегнете, со сигурност ќе наидете на наслови и информации за протестите во Иран, за расправата за контролата врз Гренланд и за тоа колку најголемиот светски остров му е потребен на американскиот претседател Доналд Трамп. Овие настани деновиве избија во преден план, пред случувањата во Венецуела по неодамнешното киднапирање на претседателот Николас Мадуро, а може да се каже и дека привремено ја тргнаа војната во Украина надвор од фокусот.
Колку знаете за Иран, кој e една од најстарите светски цивилизации? На што прво ќе помислите кога ќе се спомне Венецуела, дали можеби на нејзините успеси на светските избори за убавина или, пак, на теленовелата „Касандра“, која во 1990-тите години беше популарна и на овие простори? Дали ви е познато дека Гренланд, иако ѝ припаѓа на Данска, настапува самостојно со сопствена репрезентација во ракомет, која трипати била учесник на светски првенства?
Овие нафрлени информации не се поврзани, ниту имам намера да ве подготвам за учество на квиз, туку ги поставувам во контекст на прашањето како се доживуваат кризи што се случуваат на места далеку од нас, со кои немаме директна поврзаност. Или, пак, како би се чувствувале кога би имале лична врска со нив?
Научните објаснувања велат дека дури и кога се географски далечни, воените конфликти имаат значително психолошко влијание и тие се поврзани со цел спектар на можни реакции, од емпатија до емоционална вознемиреност и беспомошност, па, треба да се напомене, и незаинтересираност во одредени случаи. Дури и откако глобалната дигитална поврзаност на своевиден начин неизбежно ги „доближува“ и далечните конфликти, кризи и други актуелни настани.
Јас ги следам последните кризни состојби во Иран, Венецуела и во Камбоџа со особено внимание, во голема мера и поради скорашни познанства што ги остварив со колеги од овие држави во текот на неколкумесечен професионален ангажман, при кој известувавме од странство, во рамките меѓународна програма за размена на новинари од 120 земји. Преку неформални разговори со нив дознав повеќе за состојбите во овие за нас далечни краишта, за нивниот начин на живот, менталитетот на нивните народи, проблемите со кои тие се соочуваат во секојдневието… Со овие колеги развив пријателства и сѐ уште контактираме, без разлика дали станува збор за честитање празници и родендени, размена на информации или, пак, повремено јавување за да се прашаме меѓу себе како сме.
Еве и деновиве, додека во Иран има потполно помрачување на интернетот, забележувам дека не можам да пристапам до интернет-страницата на „Техеран тајмс“, медиумот за кој работи мојот познаник од Иран. Бевме дел од група новинари на иста професионална задача кога неговото семејство беше евакуирано од главниот град на Иран поради воздушни напади што се случија во јуни. Од друг колега од Венецуела дознавам дека колоритното секојдневие во јужноамериканската држава било стивнато од неодамнешната американска воена операција, по која улиците во поголемите градови останале празни додека луѓето се загрижени што ќе се случува понатаму. А 23-годишна колешка од Камбоџа минатата година храбро известуваше за оружениот конфликт со соседен Тајланд, при што ми испрати порака: „На границата сум откако избија судирите, слушам бомби секој ден“.
Ние на Балканот, не толку одамна, поминавме низ слични кризни состојби, па можеби затоа имаме разбирање за туѓите слични маки. Но, да не ги познавав овие луѓе, сигурно е дека ќе имав поинаков поглед за моменталните светски кризни состојби, па токму затоа велам дека само едно познанство е доволно да ви ги доближи случувањата во далечни земји. Јасно е дека сум загрижен и сочувствувам со познаниците поради тешкотиите низ кои поминуваат, им посакувам да останат безбедни заедно со нивните најблиски и набрзо да се смири состојбата во нивните држави. И следните разговори и јавувања да ни бидат за ведри и мирни теми.