Н.Е. г-ѓа ЏИАНГ СИАОЈАН, амбасадорка на НР Кина во Македонија
Четвртата пленарна седница на 20-от Централен комитет на Комунистичката партија на Кина ги разгледа и ги усвои предлозите за 15-от Петгодишен план, обезбедувајќи врвен дизајн и претставувајќи грандиозен нацрт за економскиот и социјалниот развој на Кина во следните пет години. Кина ќе го забрза градењето нова развојна парадигма, ќе промовира висококвалитетен и одржлив развој и сеопфатно ќе ја унапреди кинеската модернизација, со цел животите на повеќе од 1,4 милијарда Кинези да ги направи посреќни и подобри.
Што претставува кинеската модернизација? Претседателот Си Џинпинг истакна дека „во кинеската модернизација, од најголема важност е благосостојбата на народот“. Тоа е златниот клуч за разбирање на социјализмот со кинески карактеристики и декодирање на кинеската модернизација.
Сиромаштијата не е социјализам. Општиот заеднички просперитет е дефинирачка карактеристика и есенцијален услов за кинеската модернизација. Од 2012 година, Кина годишно во просек намалува повеќе од 12 милиони сиромашни луѓе – што е еквивалент на населението на земја со средна големина. Кина ја искорени апсолутната сиромаштија за 800 милиони луѓе, предвреме ги постигна целите за намалување на сиромаштијата утврдени во Агендата на ОН за одржлив развој за 2030 година и придонесе со повеќе од 70 проценти за намалување на глобалната сиромаштија. Овие достигнувања не паднаа од небо, тие беа постигнати преку здружениот труд и напорната работа на кинеската влада и кинескиот народ. Претседателот Си работел на селско, окружно, општинско, провинциско и централно ниво, а намалувањето на сиромаштијата отсекогаш било важен дел од неговата работа и главна мисија што тој решил да ја исполни. Кинеската влада свечено вети дека на патот кон умерено просперитетно општество „никој нема да изостане назад“, а на патот кон заедничкиот просперитет, „никој нема да заостане“. Кина се придржуваше кон целта за намалување на сиромаштијата, спроведувајќи политики приспособени за секое конкретно село, домаќинство и индивидуално лице. Се залагаше за намалување на сиромаштијата преку развој, активно насочувајќи ги талентите, капиталот и технологијата кон сиромашните области, подобрувајќи ја локалната инфраструктура и поттикнувајќи индустрии со одржлив и самоодржлив капацитет приспособен на локалните услови. Исто така, промовираше намалување на сиромаштијата во текот на унапредувањето на заедничкиот просперитет преку охрабрување на соработката помеѓу развиените и помалку развиените региони.
Земајќи го како пример Министерството за надворешни работи, каде што работам, би сакала да истакнам дека во изминатите повеќе од 30 години обезбедивме насочена помош за окрузите Џинпинг и Малипо во провинцијата Јунан. Во тој период, испративме стручен и способен кадар за поддршка на локалниот развој, обезбедивме финансиска помош во вкупен износ од 572 милиони кинески јуани и спроведовме 2.059 проекти за помош. Паралелно, последователно беа организирани 14 изданија на меѓународниот хуманитарен базар „Љубов без граници“, преку кои беа собрани повеќе од 60 милиони кинески јуани донации. Овие напори значително го забрзаа локалниот економски и социјален развој: стапката на медицинска заштита на ниво на округ достигна 92 проценти, опфатот со задолжително образование 98,73 проценти, а приходите од туризмот се зголемија за 15 проценти. Во 2021 година, ги придружував странските новинари со седиште во Кина во посета на Јунан и лично бев сведок на драматичните промени во порано сиромашните окрузи. Еден новинар од „Економист“ подоцна со емоции напиша дека дури и во најоддалечените планински области може јасно да се почувствува цврстата решителност на Комунистичката партија на Кина за искоренување на сиромаштијата.
Привилегиите не се социјализам. Кинеската модернизација се залага резултатите од развојот да бидат споделувани од целиот народ. Повикот на Мао Ѕетунг „да му служиме на народот со цело срце“, принципот на Денг Сјаопинг дека „фундаменталниот критериум за оценка на нашите политики е дали народот ги поддржува, ги одобрува и дали е задоволен од нив“, застапувањето на Џианг Цемин за „управување за народот“, нагласувањето на Ху Џинтао за „ставање на народот на прво место“ и инсистирањето на претседателот Си Џинпинг за „ставање на луѓето пред сè“, последователните генерални секретари на Комунистичката партија на Кина доследно го поддржуваат пристапот центриран кон луѓето. Оваа идеја е вградена и во Уставот на Комунистичката партија на Кина, како и во Уставот на Народна Република Кина.
За време на 14-от Петгодишен план, фискалните трошоци на Кина наменети за благосостојбата на луѓето се приближија до 100 трилиони кинески јуани. Кина го изгради најголемиот систем за социјално осигурување во светот, со повеќе од една милијарда луѓе опфатени со основно пензиско осигурување. Истовремено, беше воспоставен и најголемиот здравствен систем во светот, значително беа намалени цените на лековите, над 90 проценти од домаќинствата добија пристап до медицинска установа во рок од 15 минути, а просечниот животен век се зголеми на 79 години – за 5,7 години над глобалниот просек. Изградени се повеќе од 11 милиони станови субвенционирани од државата, од кои корист имаат над 30 милиони луѓе. Дополнително, се изградени 48.000 „џебни паркови“ и 128.000 километри зелени патеки, со што значително се подобри животната средина. Кина се придржува до принципот на сеопфатна „инвестиција во народот“, при што образованието има приоритет. Трошоците за образование остануваат над 4 проценти од БДП веќе 13 последователни години, а школарината на врвните кинески универзитети изнесува само 10 отсто, дури 5 отсто од онаа во споредливи странски институции. Кина доследно ја спроведува и политиката на „вработувањето на прво место“. Во изминатите пет години, вработеноста во урбаните средини се зголемуваше за повеќе од 12 милиони лица годишно, а над 190 милиони деловни субјекти станаа главни двигатели на економскиот развој. Во текот на 15-от Петгодишен план, Кина активно ќе одговори на новите очекувања на луѓето за подобар живот, со фокус на постабилни работни места, позадоволителни приходи, посигурно социјално осигурување и порамноправен пристап до основните јавни услуги, со цел придобивките од развојот да бидат пошироко и поправедно распределени меѓу целиот народ.
Поединечната одличност не е социјализам. „Една ластовичка не ја прави пролетта“. Кина е посветен учесник и практичен поддржувач на глобалниот развој. Искуството на Кина покажува дека со упорност, долгорочна визија и неуморни напори – напредувајќи чекор по чекор, следејќи цврст план – земјите во развој имаат реален пат кон забрзана ревитализација. Дури и слабите птици можат порано да полетаат и да летаат повисоко. Ако Кина може да успее, и други земји можат да успеат. На самитот на Г20 во Рио де Жанеиро, претседателот Си Џинпинг најави осум мерки од Кина за поддршка на глобалниот развој. Кина ќе го прошири увозот и ќе се отвори уште повеќе кон светот, претворајќи го својот огромен пазар во можности за целиот свет. Подготвени сме да соработуваме со Северна Македонија и со сите други земји за да постигнеме заеднички развој, споделен просперитет и да создадеме современ свет од кој сите ќе имаат придобивки.

































