Во поморските пристаништа во ЕУ секоја година пристигнуваат и заминуваат околу 90 милиони контејнери, но властите можат да проверат само помеѓу два и десет отсто од нив. Во меѓувреме се проценува дека во последните неколку години, најмалку 200 тони кокаин биле шверцувани само низ пристаништата во Антверпен и
Ротердам

ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПОЛ ЗА ШВЕРЦУВАЊЕ ДРОГА ОД ПРИСТАНИШНИТЕ ГРАДОВИ

Наглиот пораст на шверц на дрога и порастот на убиствата во пристанишните градови Антверпен, Хамбург/Бремерхавен и Ротердам ги качи на врвот на криминалистичката „табела на вниманието“, па Европол, објави извештај во кој се анализира безбедноста на овие три европски метрополи на дрогата. Во извештајот се анализираат ризикот и предизвиците што ги претставуваат криминалните мрежи во овие пристанишни градови во ЕУ.

СЛОБОДНИ ГРАНИЦИ – ЗГОЛЕМЕН ШВЕРЦ

Критичната инфраструктура на ЕУ, особено автопатиштата, железницата и пристаништата, овозможува начин на живот во ЕУ каде што слободното движење на стоки и луѓе е основен и главен фактор за економски раст, лична слобода и просперитет. Меѓутоа, криминалните организации водени од постојаната желба за растечки црни приливи на пари и проширување на своите нелегални активности, сè повеќе работат на инфилтрација и контрола на главните логистички точки низ Стариот Континент, користејќи ги отворените граници и слободните премини. Пристаништата на ЕУ се примери за такви главни центри, поради што Управниот комитет за безбедност на пристаништата Антверпен, Хамбург/Бремерхавен и Ротердам, заедно со Европол, подготви заеднички извештај за анализа, со кој се проценува заканата од инфилтрација на организираниот криминал во пристанишната инфраструктура во ЕУ.
Па така, според извештајот, незаконски присвоените референтни кодови за контејнери (или таканаречена измама со ПИН-кодови) добива на тежина меѓу криминалните мрежи како начин на работа за извлекување недозволени стоки од пристаништата. Тие се инфилтрираат на пристаништата координирајќи ги локалните корумпирани инсајдери на пристаништата. Како придружен ефект на криминалните наркошверцерски операции во пристаништата и ривалството што се јавува меѓу различни криминални групи и поединци, насилството е логична криминална последица што често се прелева од главните транспортни центри кон улиците на околните градови, каде што организациите се натпреваруваат за дистрибуција на шверцуваната дрога.

КОИ СЛАБОСТИ СЕ ДЕТЕКТИРАНИ НА ПРИСТАНИШТАТА

Во поморските пристаништа во ЕУ секоја година пристигнуваат и заминуваат околу 90 милиони контејнери, но властите можат да проверат само помеѓу два и десет отсто од нив. Во меѓувреме се проценува дека во последните неколку години најмалку 200 тони кокаин биле шверцувани само низ пристаништата во Антверпен и Ротердам.
Трите најголеми европски пристаништа, оние во Антверпен, Ротердам и Хамбург, се меѓу најпогодените од криминалната инфилтрација.
– Главниот начин на кој криминалците го прават тоа е преку корупција на персоналот на бродските компании, пристанишните работници, увозниците, транспортните компании и претставниците на националните власти меѓу другите актери, чии активности се неопходни за да се обезбеди влез на нелегални пратки. Меѓутоа, овој пристап бара корупција на голем број соучесници и на различни нивоа – се вели во извештајот.
За да ги фокусираат своите напори и да ги минимизираат ризиците од губење на стоката, организираните криминалци бараат нов начин на работа, што бара корупција на многу помал број инволвирани, кои им помагаат да ја преземат или дистрибуираат стоката. Поединците добиваат од седум до 15 проценти од вредноста на нелегалната пратка.

НАДМИНАТ ПРАГОТ ОД ЗАПЛЕНЕТИ 100 ТОНИ КОКАИН ГОДИШНО

Европскиот центар за мониторинг за дроги и зависност од дрога, заедно со Европол, неодамна процени дека малопродажниот пазар на кокаин во Европската Унија вредел најмалку 12,8 милијарди евра (13,9 милијарди долари) во 2020 година, бројка за која експертите велат дека веројатно сѐ уште е под реалната вредност. Досега Амстердам и Ротердам важеа за најголеми престолнини на дрогата во Холандија, но, според последните истражувања, информации и статистики на надлежните служби, приматот на ова поле полека но сигурно го презема пристанишниот белгиски град Антверпен, каде што изминатиот период сѐ повеќе се забележува зголемен шверц на дрога, но и бескрупулозни убиства реализирани од наркобандите.
Во 2022 година белгиските власти заплениле речиси 110 тони кокаин во пристаништето Антверпен, кое во последно време е прв избор на криминалните организации за влез на дрогата во Европа од Латинска Америка.
Првпат е надминат прагот од 100 тони. Минатата година биле запленети точно 109,9 тони кокаин, наспроти 89,5 тони во 2021 година.
Во холандското пристаниште Ротердам во 2022 година биле запленети 52,5 тони кокаин, а претходната година околу 70 тони.