Творецот на модерниот олимпизам Пјер де Кубертен верувал дека спортот може да ја воздигне политиката, но во пракса политиката е таа што вообичаено го колонизира спортот. Олимписките игри долго време беа огледало на светскиот поредок. Во 1980 и 1984 година тие ги одразуваа бојкотите од Студената војна. Во 2008 година тие го покажаа подемот на Кина. А годинава, на италијанските Алпи, спортскиот спектакл се судира со острите рабови на модерната геополитика.
Тековните Зимски олимписки игри во Милано и во Кортина д`Ампецо веќе носат неверојатни спортски постигнувања, но исто така прикажуваат и неизвесност за иднината на постојните меѓународни односи. Билансот на освоени медали ќе биде важен како и секогаш. Но суптилната конкуренција за остварување влијание може да биде исто така значајна. Па така, деновиве сѐ погласно се поставува прашањето дали кревкиот идеал на олимпизмот, според кој нациите жестоко се борат во спортот, но живеат заедно во мир – може да опстане во време каде што речиси секоја арена, дури и онаа на снег и мраз, се претвора во политичко боиште.
Присуството на потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, како шеф на американската делегација на церемонијата на отворањето во Италија, имаше цел да ги нагласи единството и прославата на спортот. Наместо тоа, дел од публиката го поздрави, а дел реагираше со негодување. Се смета дека ваквата реакција се должи и на веста дека американски федерални имиграциски агенти, поточно единици поврзани со Службата за имиграција и царина (ИЦЕ), се ангажирани на и околу олимписките настани, што предизвика протести во Милано, дури и пред почетокот на Игрите. За многу Италијанци и Европејци, ИЦЕ е симбол на тврдокорната имиграциска политика на Америка што наидува на неодобрување.
Непријатната ситуација не претставува само погрешен пиар-потег туку ја одразува реалноста дека домашните политики на САД, вклучувајќи ги масовните депортации, имаат меѓународен одзив. Дипломатските последици од самиот предлог за носење американски имиграциски агенти во Италија покажуваат колку длабоко агендата на претседателот Доналд Трамп го преобликувала начинот на кој сојузничката, западна јавност ги перципира Соединетите Американски Држави.
Олимписките игри историски инсистираат на политичка неутралност. Сепак, американските спортисти откриваат дека неутралноста исчезнува под зголеменото светско внимание. Неколкумина натпреварувачи од тимот на САД јавно се соочија со критики откако балансираа помеѓу гордоста од претставувањето на својата нација на големо спортско натпреварување и непријатноста предизвикана од реакциите на официјалната американска политика. Таа динамика открива дека спортистите не можат да се натпреваруваат во вакуум додека го носат товарот на политичките одлуки на нивните државни власти.
Олимписките игри отсекогаш биле неформален показател за меѓународните односи. На овие Игри, тој показател укажува дека трпението на Европа кон надворешната политика на САД е напрегнато поради прашања како што се заканите за наметнување царински тарифи, споровите околу соработката во рамките на НАТО и агресивните американски ставови кон Гренланд.
Обновениот апетит на претседателот Трамп за царини за европски стоки, кој се користи како лост во пошироките економски спорови, се надвиснува над овие Игри. Италија не е само домаќин таа е и производствена и извозна сила. Луксузните брендови, автомобилските делови, земјоделските производи – сите тие се наоѓаат на нишанот на трансакциската дипломатија на Вашингтон. Затоа не може да се оддели сликата за американските скијачи што ги пресекуваат снежните патеки во Италија од американските преговарачи што ги пресекуваат европските трговски биланси.
Долготрајниот скептицизам на американскиот лидер Трамп кон НАТО исто така поинаку резонира кога Игрите се на европско тло. Безбедноста за глобален меганастан зависи од тесната разузнавачка соработка, а поширокиот дијалог меѓу САД и Европа останува проткаен со недоверба.
Јавното мислење во Италија, пак, е поделено околу трошоците за организација и обемот на Зимските олимписки игри. За Италија, впрочем како и за секој друг домаќин, натпреварувањето претставува економски ризик, но и шанса за дипломатска презентација пред светот. Домаќинството на посетители од целиот свет во време на тензични односи помеѓу Вашингтон и Брисел затоа бара особена финеса.
Извесно е дека Милано и Кортина д’Ампецо ќе го испорачаат сето она што Олимписките игри секогаш го нудат: спектакл и спортска извонредност. Но се покажува дека спортот не е доволен за сосема да ги оттргне мислите на светот од трговските несогласувања, стратешката недоверба и заканите. За Соединетите Американски Држави овие Игри служат за прикажување земја уверена во својата моќ, подготвена да ја тестира еластичноста на старите партнерства. За Европа, тие го нагласуваат сознанието дека децениските односи со традиционалниот сојузник САД се длабоко нарушени.
Олимпизмот се потпира на кревок облог – дека соперништвото може да се задржи во спортски рамки и дека нациите можат жестоко да се натпреваруваат, а сепак да останат поврзани со заеднички идеали и норми. Дали тој облог сè уште важи е вистинското прашање што лебди над алпските врвови. Телевизиските светла ќе згаснат, спортските арени ќе се испразнат, а спортистите и посетителите од целиот свет ќе заминат дома. А прашањата за опстанокот на сегашниот светски поредок и трансатлански односи ќе останат неодговорени.































