Поезијата на Гонџа Озмен првпат објавена на македонски јазик

„Не кажувај никому“ на Гонџа Озмен е трета објавена поетска збирка во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чиј уредник е македонскиот преведувач Звонко Димоски. Претходно беа објавени „Мајка ми знае што се случува по градовите“ и „Денови со полна месечина“ од српските авторки Радмила Петровиќ, односно Витомирка Требовац. Препевот од турски на македонски јазик го направија Наташа Забрчанец и Звонко Димоски, дизајнот на корицата е на Емилија Малезан, додека поговорот е на акад. Катица Ќулавкова.
– Поезијата на Гонџа Озмен е атрактивна на суптилен начин. Да го споиш атрактивното со суптилното, треба да бидеш вешт илузионист. Затоа таа го поттикнува љубопитството на читателот, а нејзините поетски книги доживуваат за кратко време по неколку изданија. Да се чита поезијата на Гонџа е привилегија, затоа што се доживува како перформанс, како мал спектакл – пишува академик Ќулавкова во поговорот кон оваа книга.

Гонџа Озмен е една од најпознатите и највпечатливи турски поетеси од нејзината генерација. Родена е во Бурдур, Тефени, во 1982 година. Нејзината прва песна е објавена во 1997 година, во книжевното списание „Варлик“, и веднаш е прогласена за „поетеса на која треба да се обрне внимание во иднина.
„Не кажувај никому“ е прва книга на Озмен објавена на македонски јазик, а нејзината поезија е преведувана на англиски, германски, француски, шпански, словенечки, италијански, романски, персиски, грчки и хебрејски јазик. За своето поетско творештво е добитничка на голем број награди за поезија. Изданието е реализирано со поддршка на Регионалната мрежа за културна разновидност, во соработка со „Гете-институт“ – Скопје и пет партнерски организации од балканските земји. Промоција книгата ќе биде денеска, во 18 часот, во новоотворената кафе-галерија „Лувр“ во Прилеп.

Ф.Д.