Во периодот 1.1.2023 до 31.3.2023 година се регистрирани 189 кривични дела оштетување туѓи предмети по членот 243 став 1 од Кривичниот законик каде што предмет на напад се моторни возила, велат од Министерството за внатрешни работи
СКОПЈАНИ СО РЕАЛНИ ПРОБЛЕМИ ПРИ ПАРКИРАЊЕТО НА СВОИТЕ ВОЗИЛА
Речиси сите во животот барем еднаш паркирале на место каде што не би требало. И тука не станува збор за место каде што има сообраќајни знаци дека паркирањето е забрането, туку за места пред дворови, пред гаражни врати и куќи, локални маалски улички, со што на некој начин предизвикале револт кај сопствениците на домовите или, пак, кај луѓето во населените места. Мотивирани од тој револт, некои немаат граници, па, така, посегнуваат по свои мерки за санкционирање на непрописно паркираните.
„Не паркирај, бушам гуми“!
Скопје е град на сообраќаен неред и тоа не е никаков новитет. Дека исто така имаме сериозен проблем со паркинг-места се докажа многупати досега, а најголем хаос владее во населбите каде што нема никаква сообраќајна регулација на паркирањето, а такви има во многу делови на Скопје.
Секогаш треба да се внимава каде се остава возилото, бидејќи многумина покрај знаците што си ги ставиле дека пред нивните порти е забрането паркирањето, ставиле и јасно предупредување „Не паркирај, бушам гуми“.
Е, токму оттука почнува сагата на непрописните паркирачи. Откога ќе ги паркираат возилата каде што ќе посакаат, само за да не платат за паркинг, „бесплатно“ добиваат и козметички сервис на возилото, составен од изгребана боја, дупнати гуми, искршени ретровизори, а потоа следуваат традиционалните нервози, бидејќи ем имаат штета ем се плашат да пријават во полиција, затоа што ќе добијат казна за непрописно паркирање, а сепак мора да ја пријават штетата ако сакаат да добијат обесштетување од осигурителната компанија.
Па, тука, ситуацијата е нож со две сечила.
– Живеам во куќите во уличките во Маџир Маало и тука имаме редовен проблем со несовесни паркирачи. Моите родители пак живеат во Кисела Вода, во близината на зградата Пегла, зад неа во куќите, и тука постојано имаат проблем со несовесни возачи што паркираат како ќе стигнат. Имаме поставено знаци и предупредувања дека не смее да се паркира пред нашите порти, ама никој не ги гледа нашите предупредувања, си паркираат како сакаат и каде ќе стигнат. Единствена опција ни е да повикаме пајак-служба – вели Татјана Стојменовска.
Ѕвонко Димитриевски, пак, вели дека во неговото соседство, во близината на градинката во Железара, има и такви соседи што не се грижат за туѓите возила, дури ни тогаш кога не се паркирани баш пред нивните влезови.
– Во непосредна близина на градинката во Железара има соседи на кои им пречат возилата што паркираат тука, и тоа само за да остават деца во градинка. Па, како последица на тоа, расфрлаат по земјата клинци, и тоа извиткани, за да влезат убаво во гумата, расфрлаат жици само за да направат некаква штета. На неколкумина досега им беа дупнати гумите поради тоа – вели Ѕвонко.
Дури 189 оштетувања на возила
Вакви инциденти се регистрирани и во статистиките на Министерството за внатрешни работи.
– Во периодот 1.1.2023 до 31.3.2023 година се регистрирани 189 кривични дела оштетување туѓи предмети по членот 243 став 1 од Кривичниот законик каде што предмет на напад се моторни возила – велат од МВР.
Ставот 1 гласи: „Тој што ќе оштети, уништи или стори неупотреблив туѓ предмет, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
– Кај кривичното дело оштетување туѓи предмети сторителите ги извршиле оштетувањата на различен начин и притоа предизвикале оштетување на гуми на возилата, оштетување во вид на гребење на возилата, оштетување на страничните стакла на возилата, оштетување ретровизор, оштетување предно и задно ветробранско стакло, оштетување на украсните лајсни од вратите на возилата, оштетување на покривот на возилото, оштетување на браниците – велат од МВР.