Фото: ЕПА Ќе заживее ли мирот меѓу Ерменија и Азербејџан

Азербејџан и Ерменија пред потпишување мировен договор

Дали конечно завршува еден од најдолгите конфликти на далечните падини на запуштениот дел на Европа?! Дали Азербејџан и Ерменија, поранешните републики на СССР, се пред потпишување мировен договор, како предуслов за воспоставување дипломатски односи, какви што тие две соседни кавкаски земји никогаш немале?

Пашинјан: Ерменија подготвена за мировен договор со Азербејџан

Имено, ерменскиот премиер Никол Пашинјан во неодамнешното обраќање во парламентот рече дека Ерменија е подготвена да потпише мировен договор со Азербејџан. Пашинјан додаде дека Ерменија е подготвена да го признае територијалниот интегритет на Азербејџан, што значи дека го прифаќа државниот суверенитет над спорната територија на покраината Нагорно Карабах, која прогласи независност и отцепување од Азербејџан по војната на почетокот на 1990-тите.
Но Пашинјан бара и Баку да го признае територијалниот интегритет на Ерменија, односно да ја прифати во нејзините граници како што беше кога беше дел од СССР. Тоа е првиот таков знак од Ереван и практично признавање на поразот во повеќенеделната војна што се водеше во 2022 година, кога Азербејџан го врати најголемиот дел од Нагорно Карабах со отворена воена и политичка помош на Турција. Во октомври 2022 година, со посредство на Русија, во Москва беше договорено примирје и доаѓање на руските мировни сили, но тоа не ги спречи конфликтите, како и практичниот „пад“ и исчезнување на ерменската парадржава Нагорно Карабах.

Азербејџан не е целосно подготвен за мировната понуда, но има позитивни сигнали

Азербејџан сѐ уште официјално не одговорил на предлогот на Пашинјан. Сепак некои кавкаски медиуми објавија дека „Баку позитивно реагирал на понудата“. Но азербејџанскиот претседател Илхан Алиев изјави дека Ерменците што остануваат да живеат на територијата на Нагорно Карабах мора да земат и азербејџанско државјанство или, како што директно рече, „во спротивно мора да најдат друго место за живеење“, односно да ја напуштат таа територија.
Доколку дојде до дефинитивен пораз на Нагорно Карабах, се претпоставува дека мнозинството Ерменци ќе ја напуштат областа, а во секој случај, за време на последните конфликти, речиси две третини од населението ја напуштиле, велат ерменски извори. Од Баку исто така побараа редовните ерменски воени сили да ја напуштат областа, а од Ереван накратко одговорија дека нивната војска не е таму и дека во областа дејствуваат само „силите на Карабах“.
Да потсетиме дека Пашинјан ја отфрли оваа можност пред неколку месеци. Но реалноста и прагматизмот очигледно преовладуваат. Додуша, се чека одговорот на Баку.

Подготвил: Mарјан Велевски