„Македокс“
Употреба на документарниот филм како едукативна алатка во формалното образование е силна мисија на здружението за промоција на документаристиката „Македокс“. Оваа децениска посветеност резултира со голем број успеси, а новитет во едукативната програма на „Македокс“ е „Некстас“, платформата за наставници што се стремат да поттикнат критичко размислување кај младите луѓе и се подготвени да иновираат со нови аудиовизуелни средства во наставата.
Во насока на претставување на платформата „Некстас“ пред професори од средните училишта во Скопје, денеска во 11 часот во просториите на Јуроп хаус во Скопје, „Македокс“ ќе одржи презентација и кратка обука проследена со дискусија. Свои обраќања ќе имаат Надица Таневска Јанева, социолог и професорка во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје, и Сашо Алушевски од „Македокс“.
Оваа образовна платформа им нуди на наставниците и на учениците бесплатен пристап до динамична дигитална средина што содржи обемна колекција на документарни филмови од целиот свет, придружени со помошни материјали во насока на наставните планови речиси на секој предмет во средното образование. „Некстас“ е достапна на неколку јазици, отсега и на македонски јазик, а користењето на оваа платформа како ново аудиовизуелно средство е одобрено од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука.
„Некстас“ е партнерски проект на асоцијации од неколку земји: Шпанија, Германија, Грција, Португалија, Италија и Македонија, а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ – потпрограма „Медија“. „Некстас“ веќе ја користат над 10.000 наставници и професори во Европа.