Пишувањето е жар што го чувам во себе од ученичките клупи

Од бележникот на авторката Снежана Алексоска

Драги дечиња, собирајќи информации за креирање на вашите шарени страници на додатокот „Колибри“, постојано трагаме по нови автори што творат за децата. Но дознаваме дека низ нашава убава Македонија има луѓе што долго творат за децата, а сепак малку ѝ се познати на книжевната јавност. Денеска ви ја претставуваме поетесата Снежана Алексоска од Прилеп.
Снежана завршила средно медицинско училиште во Прилеп, а Филолошки факултет во Скопје, но иако по професија е професорка по македонска книжевност, целиот работен век го минува како медицинска сестра во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“-Прилеп, во одделот Медицина на трудот. Меѓутоа, во текот на сите овие години таа наоѓа време да го негува својот талент и да создава за децата. Секако, уште поголема инспирација за тоа ѝ се нејзините внучиња.
– За мене пишувањето е жар што го чувам во себе уште од основно образование, одмор за душата, издувен вентил. Пишувам цел живот, но, ете, досега не сум објавила книга – ни раскажа Алексоска.
Сепак, неколкупати учествувале на фестивалот на литература за деца „Стихувалки“ во Скопје, во чии зборници се објавувани нејзините песни.
– Не сакам многу да се експонирам, но мило ми е кога луѓето препознаваат квалитет во она што го пишувам – вели Снежана Алексоска.
На авторката ѝ благодариме што го отвори нејзиниот бележник и ги сподели овие стихови за животинчињата со нас.

Ф.Д.


Верверичка

Опа, тропа, опа
верверичка скока,
држи лешник мал,
кој ли ѝ го дал?

Итра е и многу вредна,
се измори, малку седна
оти работа ја чека пак,
а наскоро ќе падне мрак.

И наутро, взори рани
од спиење штом ќе стане,
лешничиња пак ќе има
да ги збира за во зима.


Ешко

Ешко, ешко таралешко
зарем толку ти е тешко,
собери ги твоите боцки,
не се тие мазни коцки.

Може некој да не пази,
па ќе ми те нагази,
на ножето ќе се боцне,
па може и да те клоцне.

Па затоа, мало еже,
стуткај се на едно бреже,
таму мирно да си спиеш
нема од што да се криеш.


Штурко

Гледа штурко и се чуди,
нешто чудно го разбуди,
едно мало вредно мравче,
го почеша по главче.

Ајде штурче, доста спиеш,
почни рачиња да триеш,
за работа ти се фати,
да не тргаш в зима маки.

Не се мислам јас за зима,
уште многу време има,
сега ми е многу жешко
и за работа е тешко.

Добро штурче,
како сакаш
да си свириш, да си
штракаш
ама летото штом
ќе пројде
в зима тешко ќе ти дојде.