Богдан-Александру Станеску, романски писател

Богдан-Александру Станеску (1979) е романски писател, есеист, преведувач, издавач и претседател на Меѓународниот фестивал за литература од Букурешт (ФИЛБ). Дванаесет години бил уредник на престижната преводна едиција „Полиром“. Тој е познат книжевен критичар на главните романски изданија. Во 2012-та дебитирал како поет. Со свои кратки раскази е застапен во повеќе антологии. Добитник е на наградата за проза на списанието „Атенеу“, на наградата на фестивалот за прв роман во Шамбери, Франција, номиниран е за Наградата за литература на Европската Унија. Делата му се преведени на француски, хрватски, унгарски, бугарски и на македонски јазик. Тој ги превел од англиски на романски јазик: Албeрто Мангел, Џејмс Џојс, Тенеси Вилијамс, Вилијам Фолкнер, Сандра Њуман, Едвард Хирш и Пол Остер. Докторирал романска книжевност во 2012 година и предава на Универзитетот во Букурешт, на Одделот за книжевност и креативно пишување.

Богдан-Александру Станеску ќе биде гостин на фестивалот на европска литература „Букстар“ во Скопје, од 3 до 5 октомври, во МКЦ, во организација на „Антолог“, кој го објави неговиот роман „Детството на Каспар Хаузер“. Напишан од двојна перспектива на тинејџер и на возрасен човек, тоа е роман за созревањето, но и за распаѓањето на човекот под притисок на сложениот семеен живот (во кој се вклучени отсуството на таткото и присуството на неколкуте очуви), но и општиот хаос што владее во Романија во 1980-тите и 1990-тите години.

Како координатор на „Библиотека Полиром“, најпрестижната странска едиција книги во Романија, цели 14 години, а последните три години како координатор на уште една важна едиција, „Ананси, светска фикција“, кажете ни кој е фокусот на преводната странска литература во Романија?
– Почнав да работам како уредник на странска белетристика кога имав 25 години. Оттогаш имам видено многу „моди“ што поминувале на ова поле. Она што никогаш не се смени е интересот за сигурните, етаблирани автори. Писателите како Пол Остер, Мартин Амис, Хозе Сарамаго, Орхан Памук беа и сѐ уште се „непоместливи“ од издавачката сцена. Но забележавме и одредено поместување во анатомијата на вкусот, нови имиња што навлегуваат со силно темпо: Георги Господинов, Жауме Кабре, Даниел Келман. Моето искуство е поврзано само со книжевна фантастика, затоа тука нема да дискутирам за бестселерите. Меѓутоа, она што можам да ви го кажам е дека издавачката куќа што се обложува на литература нема што да изгуби во денешно време. Ние во издавачката куќа „Пандора“ неодамна решивме да ги објавиме делата на Селин и можам да се обложам дека тоа ќе биде главен книжевен настан годинава.

Покрај сопствени книги, пишувате и рецензии за едно од најдобрите романски културни списанија „Културен опсерватор“. Што можете да кажете за современата романска литература?
– Пишував критики речиси 20 години, но се откажав од тоа пред неколку години. Н, сè уште можам да ви кажам дека романската книжевна сцена е енергична и жива, дека постои некој шум што се одразува не само во општиот литературен производ туку и во секој роман или поетска книга: постои чувство на непосредност, на итност, што сметам дека е карактеристично за литературата што се појавува.

Како основач и претседател на единствениот независен меѓународен литературен фестивал во Букурешт, ФИЛБ, ќе ни кажете ли колку е тешко да се организира еден независен културен настан во вашата земја?
– Фестивалот го водев со двајца пријатели (едниот е мојата сопруга), цели девет години, и можам да ви кажам дека не е лесна работа, особено ако не сакате да имате никаква врска со политика, политичари и државни пари. Бидејќи навистина бевме горди што сме независни, моравме да се бориме за тој статус. Имавме импресивна листа на гости во тие години, како Џонатан Коу, Вил Селф, Јан Конефке, Зеруја Шалев, Атила Бартис, Гиорги Драгоман итн., и голем број добри романски автори (вкупно 114 гости во 9 изданија), а она што останува е задоволството што го поставивме трендот на добри фестивали што се родени во последните години: ФИЛТМ (книжевниот фестивал во Темишвар) на ФИЛИТ (оној во Јаши, кој се смета за најголем фестивал на југот на Источна Европа). Но, да одговорам на вашето прашање – ако сакате да останете независни, не е лесна работа да организирате литературен фестивал.

Напишавте неколку книги, една од нив е објавена во Македонија, во издание на „Антолог“, со наслов „Детството на Каспар Хаузер“. Станува збор за историска личност, што ве инспирира да ја напишете оваа приказна?
– Напишав осум книги, три поетски книги, две книги есеи и три романи. „Детството на Каспар Хаузер“ беше моето деби како прозаист и ми донесе големо задоволство како автор. На крајот на краиштата, тоа е причината поради која доаѓам во Скопје. Насловот е инспириран од вистински лик, Каспар Хаузер, млад човек што беше пронајден на улиците на Нирнберг, тврдејќи дека е одгледан во подземна визба. Но тоа е само метафора: мојот лик расте во последните години од комунизмот и годините на „транзицијата“, во 1990-тите, во Букурешт. Тој е воспитан од самохрана мајка и неколку очуви: значи, ова е неговиот подземен подрум. Тој пораснал за да стане нестабилен млад човек, алкохоличар, а потоа и еднакво изнемоштен, возрасен човек. Но мојата цел беше да направам паралела помеѓу овој лик и земјата, што се гледа не само како заднина, туку и како лик.

Ја добивте наградата за најдобар млад писател во 2015 година, бевте номиниран за наградата за литература на Европската Унија… Дали верувате дека наградите и признанијата навистина мотивираат?
– Не, не верувам во тоа. Како што рече Кингсли Амис, наградите се „срање“, но само кога не ги добивате. Мислам дека писателот треба да пишува тотално независно од влијанието на наградите и независно од книжевната сцена. Таков треба да биде еден искрен писател.

Докториравте романска книжевност во 2012 година и предавате на Универзитетот во Букурешт, на Катедрата за литература и креативно пишување. Што сакате да добијат вашите студенти од вашето предавање?
– Престанав да предавам, денес сум само уредник, преведувач и писател. Но она на што внимавав кога предавав креативно пишување беше студентите да читаат повеќе и да го прават тоа повнимателно. Патем, тие часови ги нарекував креативно читање. Не верувам во „роден писател“!