Утре во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје
Фестивалот на поезијата за деца „Стихувалки 2022“ оваа година се реализира јубилејно, по петти пат, како традиционална литературна манифестација, која има првенствена цел да придонесе за книжевниот и културниот развој на македонската литература за деца, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите што пишуваат поезија за најмладите.
По распишаниот конкурс, со свои творби аплицираа 142 македонски автори – (афирмирани и неафирмирани), како и автори од соседните држави. Од нив жирито избра 88 автори со нивните поетски творби, кои се објавија во заедничката збирка „Стихувалки 2022“.
На тој начин се откриени нови имиња што творат за децата, чии дела донесоа нов квалитет.
Реализиран е и мобилен патувачки поетски карван со поетски мини-фестивали во Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Општина Илинден – Скопје и Општина Аеродром – Скопје, каде што беше промовирана збирката со поетски творби, на кои настапија поетите што претендираат за некоја од трите награди, а свој настап имаа и деца творци.
Песните беа континуирано објавувани и на фејсбук-страницата „Стихувалки“, со што и публиката имаше можност да гласа за своите фаворити. Гласовите на публиката влијаат, но не се одлучувачки при изборот за награди од страна на жирито.
Завршната манифестација на петтиот фестивал на поезија за деца „Стихувалки –Скопје 2022“ ќе се одржи утре, во 18 часот, на зелениот покрив во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
На свеченоста ќе биде промовирана збирката со поетски творби „Стихувалки 2022“ и ќе им бидат поделени благодарници на сите поддржувачи, помагатели и учесници, признанија на сите 88 застапени автори во книгата, како и подарок – по еден примерок од збирката.
На свеченоста ќе бидат соопштени имињата на тројцата првонаградени автори на најдобрите поетски творби за деца, кои ќе добијат соодветни награди. Ќе му биде доделена и специјална награда на автор чија песна добила најголем број гласови од публиката.
Сите наградени автори ќе добијат подароци од мироносната градина на сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин.
Носител и организатор на проектот е издавачката куќа „ЕДУКА МАК“ – Скопје, а авторка и програмска уредничка е м-р Ели Маказлиева.
На свеченоста ќе се обратат членовите на жирито: проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Елизабета Бандиловска и Лила Арсова. Водителка и модераторка ќе биде Александра Велинова.
Свеченоста ќе биде збогатена и со музички точки.
Проектот годинава е поддржан од Министерството за култура во категоријата литературни манифестации и проекти за 2022 г., од Град Скопје и од домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.