Ова не е борба за права, ова е подготовка за трагедија

  • Секојпат кога ќе слушнам повици за протести што лесно се лизгаат во националистички занес, воинствени слогани и митови за „големи држави“, не гледам храброст. Гледам реприза. Ист филм, исто сценарио, ист крај
  • Војната нема националност. Има само жртви. Кога ќе започне, нема да има време за објаснувања. Нема да има време за „ние не мислевме така“. Тогаш ќе има само бегство, плач и празни куќи. И еден страшен момент кога ќе сфатите дека оние што ве убедувале дека „вреди“ – не се никаде

„Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома“ – А.А.

Балканот не треба ништо да „замислува“. Балканот веќе видел сѐ. Секојпат кога ќе слушнам повици за протести што лесно се лизгаат во националистички занес, воинствени слогани и митови за „големи држави“, не гледам храброст. Гледам реприза. Ист филм, исто сценарио, ист крај. Сѐ почнува мирно. Со зборови, со знамиња, со младински адреналин…
Во Хрватска, исто така, почна со митинзи и патетични говори. Со уверувања дека „народот се буди“ и дека „ништо лошо нема да се случи“. Луѓето излегуваа со деца на раце, мислејќи дека се дел од историја. Неколку години подоцна, истите тие луѓе ги напуштаа домовите во колони, со трактори, со ќесиња, со фотографии во џеб и со клучеви што повеќе никогаш нема да отворат врата.
Во Босна, исто така, почна со национални собири. Со зборови за „заштита“, за „идентитет“, за „правда“. Никој не зборуваше за снајперисти. Никој не зборуваше за деца што ќе одат по вода под куршуми. Никој не зборуваше за Сребреница. А кога зборовите завршија, започнаа масовните гробници.
Таму не умираа „непријатели“. Таму умираа обични луѓе. Мајки што не знаеја зошто нивниот син е „цел“. Старци што не знаеја зошто нивната куќа е „стратешка“. Деца што не знаеја зошто не смеат да зборуваат гласно.
И секогаш, ама баш секогаш, истата формула: младите се напред, политичарите се назад, ковчезите се на крајот…
Никој од тие што повикуваа на митинзи во Сараево, Загреб или во Белград не лежеше во ровови. Нивните деца студираа надвор. Нивните семејства беа на безбедно. Нивните куќи не гореа.
Гореа куќите на народот.
Затоа денес, кога повторно се слушаат повици што ја хранат истата таа стара болест, мора јасно да се каже: Ова не е борба за права, ова е подготовка за трагедија.
И овој пат повторно, младите се оние што се туркаат напред. Млади луѓе што не знаат како изгледа град под опсада. Што не знаат како мириса изгорено човечко тело. Што не знаат како е да се брои кој недостига по секоја ноќ.
Затоа апелот оди до возрасните Албанци во Македонија – до оние што паметат, што виделе, што знаат: Ако дозволите вашите деца да бидат заведени од воинствени приказни, вие не ги штитите – ги жртвувате.
Кажете им како во Босна „кратката војна“ траеше со години. Кажете им како во Хрватска „одбраната“ значеше масовни бегалци. Кажете им дека нема војна што останува таму каде што почнала – таа ги проголтува сите.
И да, ова важи и за Македонците. И нашите политичари би направиле исто. И нашите млади би биле искористени исто. И нашите семејства би плаќале исто. Војната нема националност. Има само жртви. Кога ќе започне, нема да има време за објаснувања. Нема да има време за „ние не мислевме така“. Тогаш ќе има само бегство, плач и празни куќи. И еден страшен момент кога ќе сфатите дека оние што ве убедувале дека „вреди“ – не се никаде.
Историјата не е учител ако одбиваме да ја слушаме. А Балканот веќе плати доволно за да знае дека секој националистички занес завршува на ист начин. Со гробишта.