Светски ден на спомениците и археолошките локалитети

По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, вчера во сите музеи и локалитети во земјава беше бесплатен влезот за посетителите. Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, прогласен од ИКОМОС, а прифатен од УНЕСКО се одбележува во целиот свет, како и кај нас. Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на издигање на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, на заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинава, фокусот е на темата „Промените на културното наследство“, која ги опфаќа прашањата за културното наследство што се отвораат со климатските промени. Отворени беа вратите на националните установи, заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица, на Стоби и Хераклеја, Спомен-куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево, Музејот на тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија.
Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е востановен на 22-та седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1982 година. Оттогаш 18 април е ден на прославување и промоција на културното наследство и претставува можност за издигање на свеста за неговиот диверзитет, за неговата важност и повредливост, за неговите потреби и за потребата за неговата конзервација.

– Подигање на свеста за значењето и вредностите на културното наследство во Македонија, како значајна превентивна активност, системска едукација и специјализација на кадар, користење експертски совети во доменот на третманот на културното наследство, ефектуирање на мониторинг-мисијата за состојбата на културното наследство, како елемент на превентива, односно сегашна приоритетна активност во доменот на заштита на културното наследство, се едни од целите на Националната галерија – велат од НГМ.
Културното наследство е темелна вредност на Македонија. Во членот 56 од Уставот на Македонија се пропишува дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Законот за заштита на културното наследство дефинира дека културно наследство во смисла на овој закон се материјални и нематеријални добра, кои, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и поради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим во согласност со овој и друг закон.

С.Ј.