Под закрила на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во четвртокот, 4 април, официјално го отвори првиот инфоцентар „Еразмус+“ во Битола. Овој креативен простор, кој се наоѓа во централното градско подрачје на градот, на местото што битолчани го нарекуваат „Кафе чао“, е наменет за сите млади и сите што сакаат да се информираат за програмите или мрежите со кои раководи Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
– Оваа канцеларија ќе биде место за информирање и презентирање на можностите од програмите Еразмус+ и ЕСК, како и за сите мрежи под закрила на Националната агенција и навистина ми претставува голема чест и задоволство што го отвораме овој прв инфоцентар „Еразмус+“ во Битола. Сѐ започна од една идеја, која подоцна беше вклучена во работната програма, па одобрена од највисоки инстанци, а сега дојдовме и до денешното отворање, со кое започнува оваа нова приказна. Овој простор ќе служи за дружење и едукација на младите, но и како можност да творат и да ги искажат своите идеи. Просторот е отворен за сите што се вклучени или сакаат да се вклучат во програмата Еразмус+, која е една од најуспешните програми во Европската Унија. Сакам да им се заблагодарам на сите битолчани, кои одлично нѐ прифатија и ни помогнаа во изминатиов период во реализацијата на овој проект – рече директорот на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски.
На отворањето присуствуваа многу млади од регионот, студенти, наставници, професори и претставници на дипломатскиот кор во земјава. Сите присутни имаа можност да ја проследат изложбата од одбрани дела на младата битолска уметница Јана Танчевска и да уживаат во класична музика, за која беа одговорни учениците од музичкото училиште во Битола.
Овој инфоцентар ќе биде безбедно место за младите, за нивните идеи и креативност. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност продолжува со континуираната промоција на европските вредности и приоритети за поддршка на стручното образование, на инклузивно општество, на активности што ја промовираат зелената агенда и одржливост за постигнување долгорочно одржливи цели.