Нови книги за деца: „Има ли и страна петта?“ на Васил Мукаетов

По три децении од излегувањето на првата книга за деца на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, во четвртокот беше претставено неговото најново дело наменето за најмладите читатели. Тоа е книгата „Има ли и страна петта?“, која беше промовирана во кафе-книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“.
Промотори беа Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс ламина“, и Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Свое видување имаа и наставничката Владанка Д. Урошева, како претставничка на практичарите, и писателот и публицист Мишо Китаноски. Стихови читаше актерката Снежана Конеска-Руси.

На книжевниот настан насловен „Васил Мукаетов на страната на децата“ беа претставени уште пет други, понови публикации од овој автор: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“, публикувани од оваа издавачка куќа.
Татјана Димовска-Атанасова нѐ потсети дека стихозбирката „Има ли и страна петта?“ содржи весели и духовити песни за шарениот, љубопитен и разигран свет на децата.
– Преку ведрите стихови, ова дело го носи читателот во потрага по петтата страна на светот. А каде е таа, ако не каде што има деца. Одговорот треба да го бараме во адресите (трите поглавја на кои е поделена книгата): „Сите деца се исти, за петки и игри специјалисти“. Потоа, „Денот е убав кога помагаш и кога си другар“. Потсетуваме – „Децата имаат светски права, да ли доволно се знаат?“. Во ова дело за најмладите авторот допира многу за нив блиски и интересни теми, го поттикнува нивното љубопитство да го истражуваат светот преку детските игри, да го засакаат училиштето, но и читањето. Иако веќе е во деветтата деценија, Мукаетов сѐ уште успева да ги засмејува децата и да биде во дослух со новите генерации. Тој постојано држи чекор со новото време, а во средбите со децата да биде свеж, интересен, оригинален и забавен – вели Татјана Димовска-Атанасова.
И професорката Весна Мојсова Чепишевска даде насоки каде да се бара петтата страна.

– Нашите деца растеле, растат и ќе растат со стихови Но, за да можат да научат дека растењето се случува и во душата и срцето, а не само во телото, важно е и кој им ги чита и кој ги исчитува. Како што познатата збирка на Петре М. Андреевски „Касни – порасни“ се обидува да го направи овој свет поинтересен, пошарен, но и повкусен, но притоа лека-полека, без голема мака да се порасне, како што збирката на Александар Кујунџиски „И строфите растат“ му покажува на малиот читател како преку буква по буква, како преку збор по збор, најпрвин изговорен, а потоа и прочитан, почнува да се создава мислата, а потоа како мислите почнуваат да се нижат, строфите да растат, стиховите да се бројат и пребројуваат, а приказните од мали да стануваат поголеми, од едноставни посложени, така и Васил Мукаетов со својата стихозбирка „Скокни, прескокни“ од 2017 година нанижа стихови со една единствена цел: „Да се скокне прескокне! / Што побргу да се расте, / што повеќе да се знае“. Впрочем, како во самиот живот! А треба да се расте и со оваа негова нова книга „Има ли и страна петта?“. Зашто и таа ја носи пораката како преку книгата, преку песната, игриво и ненаметливо поучно да му се помогне на нашето дете во сложениот процес на себеспознавањето и да му се покаже дека во тој процес не е само. Да му покажеме и ние, со книгата во која и има страна петта – посочи на промоцијата професорката Весна Мојсова Чепишевска.
Владанка Д. Урошева, како претставничка на практичарите, рече дека за неа е голема чест што е повикана да каже нешто за оваа збирка.
– Како наставничка бев воодушевена кога видов дека во учебниците ги има песните на Мукаетов. Тој подготвено плови во новото време, пишува модерно и современо. Се надевам дека и во иднина ќе нѐ радува со нови изданија за деца – посака Владанка Д. Урошева.

На крајот Мишо Китаноски, писател и публицист, нѐ потсети дека Васил Мукаетов, кој ѝ припаѓа на третата генерација македонски писатели за деца, се изборил за автентично и автохтоно место во македонската литература посветена на најмладите.
– Мукаетов успеа да ја реконструира строфата во нашата детска поезија, надминувајќи ги четиристишието, версот, римата и ритамот. И додека сите ние пишувавме за селото, тој на свеж и оригинален начин, низ поетскиот говор, почна да ги истражува градот и градското дете. Со тоа се издвои од поетите од третата генерација. Сите негови книги, неговото поетско творештво е насочено кон детето, кон играта и слободата. Во последната збирка песни тој прави огромен исчекор од претходните книги. Во неа донесува чудесни стихови што децата ги воведуваат во животот, како мост кон пубертетот. Мукаетов истовремено, во недостиг од вакви изданија, нѐ спојува со актуелната балканска поезија за деца. Токму затоа оваа книга топло и им ја препорачувам на сите деца, но и на оние што така се чувствуваат – вели Мишо Китаноски.

Васил Мукаетов, во негов стил ведро и со шега, со една своја песна се заблагодари на убавите зборови што за неговата нова книга беа кажани на промоцијата. Посочи дека негова голема инспирација се внуците, но и сѐ што го опкружува, а секако најмногу светот на децата.
Се надеваме дека и во иднина децата, нивното љубопитство, игра, искреност и ведрина ќе му бидат инспирација на Мукаетов да го чува будно детето во себе и да продолжи да пишува за најмалите читатели, на кои им ги посвети изминатите три децении.

М.Т.


Има ли и страна петта?

До каде што сонцето сјае
за четири светот знае:
исток, запад, север, југ
и – затворен круг.

На некои бистри глави
и овие им биле мали!
Не е работава периферна.

Се барало и компас нов,
и стрелка плус – резервна.
Страна петта?
Барале некои славни.

Ене ги и во романи,
едни малку занесени,
други, пак, во коњски драми!

Дон Кихот, со коњче кротко,
Санчо Панса,
придружник од немајкаде.

Се удира, сѐ во празно
само времето се краде.
Легенди се плетат:
– Ни ветерници, ни страна петта!

Кралот Ричард, среде битка
останал без својот коњ.
На јаве, а не на сон.
– За коњ кралство дава! Штета.
За бегање не се нашла страна петта!
Џабе храброст и без трема,
ја немало и ја нема.

И кај нас слична парада,
пред влезот на нашата зграда.
Сосетчето Петар
И за најмала штета
се бара страна петта!

Речено фер – тој е рекордер.
Во бегање
и во палци стегање.
И што сега?

Ќе бидат на цена
ако некои географијата
можат да ја сменат.

Се разбира, не ќе можат,
но ги има што ќе се согласат:
– обидете се со ново средство,
влезете во нечие детство!


За авторот

Васил Мукаетов е еден од најактивните македонски автори за деца, кој неуморно твори и во деветтата деценија од својот живот. Со своите читатели другарува уште од шеесеттите години на минатиот век, преку тогашните списанија „Титов пионер“, „Нова Македонија“ – „Колибри“, „Развигор“ и „Другарче“, сè до денешните „Ѕвезди“, „Прв детски клик“ и „Детски клик“. Објавува и во литературните ревии и списанија „Стожер“, „Слово“, „Бранување“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите.
Негови позначајни дела се: „Ти реков ми рече“ (1995), „Ние дома“ (2003), „Поглед со двоглед“ (2005), „Што е, што не е“ (2011), „Ај погоди“ (2011), „Да нацртаме другар“ (2013), „Колку да се рече – записи“ (2014), „Кој кого расте?“ (2013), „По зелени раеви – слезови и чаеви“ (2016), „Децата можат сè“ (2016), „Скокни – прескокни“ (2017), „Ние по тротоари, булевари“ (2019), „Чукни, чукни трипати“, „И да и не“ (2018), „Сè е игротека“ (2018) и други. Добитник е на наградата на ДПМ – „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“.