За тоа колку сме и какви сме по етничка и религиска определеност, во наредниот период ќе слушаме уште многу „експертски“ мислења. Но за тоа какви сме во однос на тоа што ни се случува секојдневно и какви се општествено-политичките состојби, веќе ни е доволно познато: партиски поделени, неодговорни и апатични
Граѓаните во Македонија минатата недела повторно беа ставени во улога на „пасивни“ набљудувачи за настаните што се одвиваат на јавната сцена, на која се одвиваат паралелни претстави! Топ-тема за овој месец, за која се презентираат различни вистини, се резултатите од пописот, за кои со денови се водат целодневни дебати за тоа дали се релевантни податоците од најголемата статистичка операција во земјата, која и покрај партиските и етничките натегања, конечно се заврши по цели две децении. За тоа колку сме и какви сме по етничка и религиска определеност, во наредниот период ќе слушаме уште многу „експертски“ мислења. Но за тоа какви сме во однос на тоа што ни се случува секојдневно и какви се општествено-политичките состојби веќе ни е доволно познато. Длабоките политички поделби, ниската свест кај вршителите на јавните функции и префрлањето на одговорноста кај други се само дел од нашето однесување.
Во изминатите денови имаше неколку настани што треба да бидат предупредување до сите нас дека нешто не чини во нашата земја. Трагичната смрт на младиот хрватски ракометар е сериозен случај, кој бара целосно расчистување за тоа каде затаија институциите на системот, од каде беа давани различни информации за причините за прекинување на еден млад живот. Целосно е неприфатливо македонската јавност да добива информации од хрватските медиуми, кои веднаш излегоа со информации за тоа дека ракометарот бил жртва во физичко насилство пред еден скопски ноќен клуб. И наместо да се бараат вистинските одговори за овој настан, партиите од власта и од опозицијата се обидоа политички да профитираат, меѓусебно обвинувајќи се за тоа чиј политички симпатизер и активист бил еден од учесниците во тепачката во која настрада хрватскиот спортист.
Македонскиот воз одамна е ставен на спореден колосек, а тој повремено се протресува за да се има чувство дека се движиме напред. Борбата против организираниот криминал и корупција и градењето поефикасни институции и демократско општество се сведуваат само на општи зборови и фрази во „фингирани“ телевизиски дебати, додека во реалноста не се случуваат никакви суштински промени. Во земја во која има поделена вистина, пред граѓаните стојат две опции: да се задоволат со постојаната состојба или да заминат во странство, за да можат да почнат нов живот. За тоа колку сме помалку како население во моментот ни покажа пописот
Гледањето на проблемите во државата со очила со партиската диоптрија со децении станува главен кочничар на промените во нашето општество. Наместо да се даваат конструктивни предлози и да се наоѓаат компромиси за решенија што ќе водат кон подобар животен стандард на населението, партиите продолжуваат да дејствуваат длабоко вкопани во своите ровови, од кои со сите средства се атакува за остварување на своите тесни партиски интереси. Повторно, пописот, кој требаше да претставува основа за градење нови државни стратегии за економски развој и раст на земјата, се користи за меѓуетнички дебати за ново уставно третирање „на јазикот на кој говори само една третина од населението во Македонија“. За албанските опозициски партии уставните измени се прашање на време за кое партиите ќе седнат и ќе се договорат! Ова од досегашното искуство значи дека во наредниот период ќе бидеме сведоци на нови блокади на работата на македонскиот парламент и трошење на политичката енергија на нешто што во основа значи само задоволување на нечии лидерски суети од албанскиот политички блок.Недоволната подготвеност кај политичките елити за слабостите на функционирањето на државата да ги видат кај нив самите, се огледа и низ обидот да се наоѓаат и „надворешни фактори“ за тоа што ни се случува во државата. Од актуелните министри и експерти сѐ почесто ја слушаме тезата за „хибридните закани“ што ја загрозуваат вербата во демократијата и кои ги слабеат институциите на земјата, креираат внатрешни конфликти и тензии. Колку и да изгледаат сериозно заканите од надвор, поради глобалните прегрупирања на светската мапа, вистинските проблеми за спроведување вистински реформи зависат од внатрешната волја кај сите партии и граѓани во Македонија.
Промените во светот се неизбежни, а со тоа и нашата држава треба навремено да се приклучи во тој процес. Но наместо тоа, како што забележуваат некои македонски аналитичари, во нашата земја се забележливи обратни тенденции, во смисла на владеење целосна апатичност кај граѓаните и, особено, кај надлежните што се задолжени за водење на институциите. Целосното закочување на процесот на проширување кон Европската Унија предизвика разочарување и кај најголемите оптимисти за побрзо придвижување на Македонија кон европските вредности. Македонскиот воз одамна е ставен на спореден колосек, а тој повремено се протресува за да се има чувство дека се движиме напред. Борбата против организираниот криминал и корупција, како и градењето поефикасни институции и демократско општество, се сведува само на општи зборови и фрази во „фингирани“ телевизиски дебати, додека во реалноста не се случуваат никакви суштински промени. Во услови на длабока политичка поларизација, во земја во која има поделена вистина, пред граѓаните стојат две опции: да се задоволат со постојаната состојба или да заминат во странство, за да можат да почнат нов живот. За тоа колку сме помалку како население во моментот ни покажа пописот.