Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во одбележувањето на денешниот ден, 8 Март, познат и признаен како Меѓународниот ден на жената, во бурната и динамична светска реалност како уште посилно да се соочуваме со предизвикот да се надминат стапиците за негово банализирање и да бидат оправдани суштината и смислата на неговото значење. Предизвикот на родовата рамноправност во сите сегменти на глобалниот поредок, како составен дел од основните човекови права и понатаму претставува главна поента во значењето на Меѓународниот ден на жената. И со тој општ предизвик, модифициран со локалните специфики се справуваат жените во секое општество, во секоја држава. Токму затоа, неколку општествено релевантни дами во Македонија ги упатија своите пораки инспирирани од Меѓународниот ден на жената.


Катица Ќулавкова – академик

Жените треба да го обединат и заштитат општеството

Осми март во денешно време претставува повеќе симбол на потребата и предизвикот за општествена ангажираност на жените, но и еден обединувачки момент во кој се изедначуваат жените од сите социјални слоеви во општеството. Осми март значи секојдневно извојување на родовата еднаквост и рамноправност на жените во „машкиот свет“, туку и барање мотив, цел, кои ќе ги обединат жените и покрај сите разлики и поделби присутни во општеството. Не можеме да побегнеме од општата констатација за македонското општество, во кое доминира поделеност врз партиска основа, која секако влијае и на филозофијата и прагмата на општественото дејствување на жените. Осмомартовскиот предизвик за жените во Македонија е да се обединат и посилно да ја манифестираат својата мајчинска, односно разумно-заштитничка природа. Жените треба да бидат обединети во идејата да го заштитат општеството со разум, од искушенијата и предизвиците на современото живеење.


Анита Ангеловска-Бежоска – гувернерка на НБРМ

Кога им е добро на жените, добро им е и на економиите

Поголемата вклученост на жените носи голем број придобивки за општеството и економијата. Дури половина од работоспособното население на планетата се жени, но само 50 отсто од нив се вклучени во работната сила. Земјите што имаат повисок степен на родова еднаквост, по правило имаат и посилни економии. Нееднаквите можности за жените, пак, доведуваат до помала продуктивност и помал раст на економиите. И до 30 отсто разлика во економскиот резултат може да покаже одредена земја во зависност од инволвираноста на жените во економијата. „Кога на жените им оди подобро и на економиите им оди подобро“, вели Кристин Лагард.
Зајакнувањето на можностите за жените се обезбедува преку еднаков и непречен пристап до образование и финансии, како и преку ослободување од социјалните и културните бариери. „Жена“ не смее да биде карактеристиката според која се оценува подобноста за работното место или висината на платата. Тоа е суштината на родовата еднаквост.


Сања Лукаревска – директорка на УЈП

Секогаш подготвени да дадат повеќе за да ги менуваат работите

Жената отсекогаш била ставена во позиции во кои од неа се очекува и повеќе и подобро. Нејзиниот влог во секоја сфера од животот треба речиси секогаш да биде поголем, повисок и потежок. Жената никогаш не може да биде само претприемачка, работничка, професорка, политичарка, туку нејзиниот успех, во очите на јавноста, секогаш е врзан и со другите нејзини животни улоги. А да се биде секогаш и секаде, давајќи го најдоброто од себе, не е лесно. Но затоа жената сѐ издржува стоички. И во овој денешен, модерен свет, имам чувство дека жената сѐ уште треба да дава многу повеќе за да исплива на површината од каде што со нејзина вештина може да ги менува работите. Сметам дека пред нас има уште многу предизвици. Се радувам на успехот на секоја жена и верувам дека на секој предизвик со искрена поддршка побрзо и полесно ќе одговориме или ќе го надминеме. Токму затоа и посакувам жените уште повеќе да си бидат поддршка една на друга, со подадена рака и сојузништво за конечно да се постигне целосна родова еднаквост.
Честит 8 Март на сите жени. И рози, но и леб!


Данела Арсовска – градоначалничка на Град Скопје

Родовата еднаквост ја гарантира слободата

Партиципативноста на жените и нивната улога од секој општествен аспект е клучна за општествениот развој. Како се третирани жените во општеството е круцијално за демократските вредности во една држава. Нееднаквиот третман на жените, лошите практики на дискриминација треба да бидат систематски отстранети, затоа што тие создаваат негативен ефект, кој преку жената се одразува на семејството и на општеството воопшто. Оттука важи пораката дека ако се обезбедат еднакви можности за кариерен напредок, да се достоинствено и еднакво платени за иста работна позиција и ист обем на работа, да се овозможат економско јакнење и финансиска независност, тогаш општеството ќе напредува. Родовата еднаквост ја гарантира слободата на поединецот и ја зајакнува неговата улога во општеството.