Претседателката на ЕК во својот годишен говор за состојбата во Европската Унија извлече еден интересен заклучок, во кој истакна дека „за порешителна надворешна политика на Унијата е потребно брзо и поефикасно одлучување“, напомнувајќи дека „досегашното консензуално одлучување било главната пречка ЕУ да се факторизира на надворешнополитичката сцена“…
Откако ЕУ ги пропушти шансите да стане глобален светски играч, либерален Брисел сега ќе се обиде да се реструктурира: Што претставува квалификуваното мнозинство што го најави Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред претставниците на Европскиот парламент го одржа годишниот говор за состојбата во Европската Унија, во кој се заложи за единство и борба за слободна и независна Европа, која ќе ја земе својата судбина во свои раце и ќе донесе свои одлуки за себе.
Во тој контекст, претседателката на ЕК истакна дека за тоа е потребна порешителна надворешна политика на Унијата, напомнувајќи дека досегашното консензуално одлучување било главната пречка ЕУ да се факторизира на надворешнополитичката сцена.
Она што посебно го привлече вниманието во нејзиниот говор, особено меѓу земјите во регионот, е повикот дека ЕУ мора да се ослободи од оковите на консензусот и да започне одлучување со квалификувано мнозинство во клучни области, како што е надворешната политика.
– Токму сега се исцртуваат бојните линии за новиот светски поредок заснован на моќ и Европа мора да се бори за своето место во свет каде што големите сили се амбивалентни или непријателски настроени – рече Фон дер Лајен, додавајќи дека ова е борба за слободна, независна и демократска Европа.
Договорот за ЕУ и сега предвидува гласање со квалификувано мнозинство
Актуелниот Договор за ЕУ, кој всушност е европски устав, во основа се држи до консензуалното одлучување за повеќето прашања, но во членот 31, став два, Советот на ЕУ може да одлучува и со квалификувано мнозинство во неколку случаи:
– кога донесува одлука со која се дефинира дејствување или став на Унијата врз основа на одлука на Европскиот совет што се однесува на стратешките интереси и цели на Унијата;
– кога донесува одлука со која се дефинира дејствување или став на Унијата, на предлог на високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, доставен по конкретно барање, кое Европскиот совет го повел по сопствена иницијатива или по иницијатива на високиот претставник;
– кога донесува одлука за спроведување одлука со која се утврдува дејствување или став на Унијата;
– кога се назначува специјален претставник.
Што претставува квалификувано мнозинство
Во консултација со повеќе експерти и познавачи на правото, самиот термин квалификувано мнозинство пластично објаснет би значел нешто поголем број гласови од простото мнозинство.
За просто мнозинство се потребни повеќе од 50 отсто од дадените гласови, додека, пак, апсолутно мнозинство бара повеќе од 50 отсто од сите членови, без оглед на бројот на оние што гласаат.
Во Уставот на ЕУ се предлага систем на двојно или квалификувано мнозинство, кој во својот говор го спомна претседателката на ЕК како решение за поефикасна европска надворешна политика. Ова значи дека за усвојување еден акт треба да има согласност од 55 отсто од земјите членки, кои, пак, треба да претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ. Со актуелното решение најмалку четири земји се потребни за блокирање одлука, додека најмалку 15 земји мора да ја поддржат одлуката за таа да влезе во сила. Вклучувањето на факторот население им оди во прилог на поголемите земји, додека елементот „една земја – еден глас“ на помалите земји, кои и натаму се противат на воведувањето на системот на гласање со квалификувано мнозинство бидејќи така ја губат единствената алатка да ја (зло)употребат поради свои интереси. Истражувањата покажаа дека системот со квалификувано мнозинство го олеснува донесувањето на одлуките. Потребни се 72 отсто од земјите членки и 65 отсто од населението во случаите кога за предлогот не е потребна иницијатива на комисијата.
Најавите за промена на начинот на гласање во ЕУ се првиот вистински чекор кон почитување и уважување на слободно изразената политичка волја
Се враќа ли Европа кон изворните демократски процедури?
Делот од говорот на Фон дер Лајен каде што спомнува можна промена на одлучувањето со квалификувано мнозинство предизвика посебен интерес кај земјите кандидати, вклучително и кај Македонија, со надеж дека конечно можеби ќе се одблокира евроинтегративниот процес и земјава во иднина нема да биде предмет на нови уцени
Иако повеќето констатации изнесени во говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за европратениците беа во најмала рака очекувани, сепак новитет е првата официјална најава за промена на системот на одлучување во ЕУ.
И претходно имаше најави дека ќе се менува гласањето во ЕУ, па дури имаше и тимови што работеа на моделот на гласање со квалификувано мнозинство, но сега очигледно Унијата е решена во делот на внатрешните реформи да го промени консензуалното одлучување, кое се покажа неефикасно, особено во делот на надворешната политика.
Овој дел од говорот на Фон дер Лајен предизвика посебен интерес кај земјите кандидати, вклучително и кај Македонија, со надеж дека конечно можеби ќе се одблокира евроинтегративниот процес и земјава во иднина нема да биде предмет на нови уцени.
Дел од домашните аналитичари се внимателни околу најавите на претседателката на ЕК за промена на начинот на гласање.
– Очигледно блокадите за нови санкции за Русија, за отворање преговарачки поглавја со Украина, но и маргинализацијата на Европа од сите геополитички збиднувања, беа клучни ЕУ да се разбуди и да сфати дека постојаните вета поради консензуалното одлучување не ја водат никаде. Урсула фон дер Лајен првпат проговори за промена на начинот на гласање со квалификувано мнозинство во делот на надворешната политика, така што не е јасно дали и проширувањето ќе биде опфатено со новиот начин на гласање, иако и тоа на некој начин треба да биде надворешна политика додека земјите кандидати не станат членки. Сепак, очекувам во прво време повеќе фокусот да биде на одблокирање на политиките клучни за надворешниот курс на Унијата за да не се случува во иднина Брисел да биде оставен по страна само затоа што не дејствува правовремено. Од друга страна, ако се промени и начинот на гласање и во делот на проширувањето, тогаш има некакви шанси да се очекува дека Унијата до 2030 година можеби и ќе го заокружи проширувањето со земјите од Западен Балкан – заклучуваат дел од аналитичарите. С.Т.