Нуклеарен хаос во Европа

Што е сега НАТО? Дали Америка и Европа сè уште се на истиот курс? Дали Вашингтон и Брисел се сојузници? Ова се прашањата што се наметнуваат по дискусијата меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Овалната соба на Белата куќа. Американскиот претседател му порача на гостинот од Украина дека нема карти, читај адути, да поставува услови за мир со Русија. Понатаму, Америка веќе нема намера безусловно да финансира конфликт што, според Доналд Трамп, би можел да ескалира во трета светска војна.
Зеленски, кој потоа беше исфрлен од Белата куќа, веднаш замина во Европа, која го пречека со раширени раце. Кога Америка не сака, Европа е подготвена да ѝ обезбеди поддршка на Украина за продолжување на војната. Освен тоа, Европа веќе не е сигурна во своето безусловно сојузништво со Америка, која го има главниот збор во НАТО.

’Рбетот на Европа се протега помеѓу Берлин и Париз. Низ историјата, лутите непријатели сега се обидуваат да создадат нова европска одбранбена платформа, која треба да се заснова на францускиот нуклеарен арсенал. Париз понуди, за почеток во Германија, да распореди свои авиони способни да носат нуклеарно оружје.
Франција сега има околу 290 проектили и бомби со атомски полнења. За време на Студената војна, тој број беше двојно поголем. Најголемиот дел од нуклеарниот арсенал под контрола на Париз е распореден на четири подморници од класата „триумф“, секоја вооружена со 16 проектили. Секој од овие проектили може да носи од шест до десет термонуклеарни боеви глави. Патем, овие подморници се сместени во Брест и во секој момент барем една е во патрола во Атлантски Океан.
Преостанатиот дел од францускиот нуклеарен арсенал го чуваат воздухопловните сили, кои имаат задача да напаѓаат избрани цели со нуклеарно оружје користејќи авиони „мираж 2000“ во случај на војна.
А Велика Британија е европска нуклеарна сила. Според достапните податоци, има 225 проектили со нуклеарни боеви глави. Од тој број, околу 120 се оперативни на четири подморници од класата „вангард“. Лондон има намера да ја прошири својата стратегиска подморничка флота со четири нови подморници од класата „дреднот“ за кои ќе бидат развиени нови ракетни фрлачи и боеви глави. Инаку, Лондон тврди дека неговиот нуклеарен арсенал не е насочен кон однапред одредени цели, туку повеќе чека команда да влезе во координатите на целите.

Европскиот нуклеарен арсенал секако ги вклучува американските нуклеарни бомби. Тие се распоредени во базите во Германија, Холандија, Белгија, Италија и во Турција. Пентагон има на располагање околу 100 нуклеарни бомби Б-61 во Европа. На аеродромот „Клајн Брогел“ во Белгија има 20 такви бомби. Исто толку се наоѓаат во Германија, на аеродромот „Бухел“. Италија има околу 40 А-бомби во базите „Авиано“ и „Геди“ на северот од земјата. На аеродромот „Волкел“ во Холандија и „Инџирлик“ во Турција има по 20 американски атомски бомби. Само Вашингтон може да нареди нивна употреба.
Дали е ова премногу атомско оружје за нашиот континент? Експертите заклучија дека само 100 нуклеарни бомби би биле доволни за да се стави крај на нашата цивилизација.

Марко Лакиќ
(Политика.рс)