Новиот свет на госпоѓата Чет

Како што стареам, сè повеќе чувствувам дека сум странец во овој НОВ СВЕТ. Помладите од мене така го крстија: НОВА нормалност, НОВИ технологии, НОВА сексуалност, нови сфаќања за демократијата (на работ од анархија), значи – тоа е навистина НОВ свет. Токму јас и мојата генерација сме најуверливите сведоци дека тој нов свет навистина постои: нашата збунетост пред него говори дека тој е навистина наследник на оној стариот. Луѓето од мојата генерација (па и постарите) чувствуваат дека стариот свет ни се лизна од раката како калап сапун, а со празната рака не го приграбивме целосно новиот. Во просек сме, за стандардите на новите генерации – технолошки полуписмени: знаеме да пишуваме компјутерски текст, да отвориме мејл, да користиме Вибер или Вотсап, а некои од нас си имаат и фејсбук-профил, „најнапредните“ се дури и на Инстаграм. И тоа е тоа. На младите им изгледаме како музејски примероци на диносауруси, кои немале доволно издолжени прсти со кои би „типкале“ по „скриновите“ на електронските уреди и „паметните“ телефони. И затоа што не се приспособиле, не ни опстанале, како и диносаурусите. Свесен сум дека светот не зависи ни од мене ни од сфаќањата на мојата генерација, туку од сфаќањата на младите, и тој ќе биде каков што ќе биде (и каков што веќе е) и без нашите мрмкања, но, секако, имам(е) право и на конзервативни сфаќања. Во периоди на екстремно губење компас („Забеганиот свет“ на Ентони Гиденс), можеби токму конзервативноста може да биде авангардна. Тоа си е мое лично мислење и не принудувам никого да го усвојува.
Повеќето млади луѓе сметаат дека ние, кои сме живееле во вчерашниот, веќе изумрен свет, според поинакви (навредливо ги викаат „социјалистички“) вредности во сите области на животот, треба ДА ГО ПРИФАТИМЕ овој нов свет. Сашо Миленковски, режисер на мои театарски хитови, на последната средба ми рече: ако не држиме чекор со младите, брзо ќе бидеме фрлени во музејот на вчерашниот покоен свет. Знам дека е прав; но исто така знам дека ПРИФАЌАЊЕТО на нешто зависи од неговото РАЗБИРАЊЕ. Значи, прво треба да РАЗБЕРЕШ нешто, за да го прифатиш. Истото важи и за ОТФРЛАЊЕТО: ако не знаеш што е тоа што го отфрлаш, го отфрлаш според предрасуди. Предрасудите се чист конформистички револт кон новото само затоа што е ново, и тоа секако е најлошото постапување со „новото“.

Но ако пробате да го разберете новото и ако тоа „ново“ не се согласува со вашите елементарни вредности, не силувајте се да „останете млад“ по секоја цена.
Овој серијал колумни нема да биде кукање над новиот, суров и дехуманизиран свет, туку обид тој да се разбере: ќе се трудам, без предрасуди, да ги видам пред сè неговите предности, но нема да молчам таму каде што ќе детектирам целосна дисоцијација на личноста или целосна десоцијализација до степен на интелектуален и емотивен аутизам, форсиран од машината што го заменува човекот. Таа замена на човек со машина почна како замена на сексуалното тело со еротска кукла „на пумпање“, по секс-шоповите уште во времето кога бев млад, а сега привршува со целосна кибернетизација на човековите ум, тело и душа. Давам најблизок пример: моите синови, Видан (9) и Григор (7), на мене гледаат како на тираносаурус кој не се приспособил кон новиот, нивен свет. Тие сакаат по професија да бидат инфлуенсери, гејмери, јутјубери (добро, и годините им се тие, но и идолите им се тие), и тоа сигурно ќе се менува низ нивните животи. Но, ним им е НЕРАЗБИРЛИВ СВЕТОТ во кој јас СУМ БИЛ професор, колумнист и писател. Тие професии за нив и не треба да постојат, зашто – што ќе ни се професори кога госпоѓата Чет знае да одговори на сите прашања, што ќе ни се книги кога има филмови? Па многу подолго трае читањето на „Том Соер“ одошто гледањето на неговата преработка од филмската индустрија, небаре книгите се виршли. А колумнист – тоа е целосно ретроградна работа, кога преку постовите на социјалните мрежи СЕКОЈ што има уред може да биде колумнист. Логички и праксеолошки погледнато, тие се прави: костурот на диносаурусот не може да се вклучи во медиумскиот сообраќај на современиот свет. Тој не е соодветно сообраќајно средство.
Кога пред некој ден ја прашале госпоѓата Чет дали е нормално тие, со 9 и 7 години, да играат игрички како ГТА-5, и дека ја очекуваат со нетрпение ГТА-6 (за оние што не знаат – станува збор за извонредно насилна видеоигричка, која во некои земји и не е дозволена), добиле одговор – да, сосема е нормално. Значи, сосема е нормално дете од 9 или 7 години, наместо да се идентификува со Том Соер, да се идентификува со криминоген тип по име Тревор Филипс од предградието на Лос Сантос (хиперреалистичен симулакрум на Лос Анџелес, навистина совршено технички изведено!), и бидувајќи ТОЈ, со неговиот автомобил да гази луѓе по тротоари додека прска високореалистична крв од нивните тела, да влетува во банка за да ја ограби, да исфрла луѓе од автомобил на крстосница што застанале на црвено за да им го одземе автомобилот за неговите „итни цели“, да стрела од автомат во полициски автомобили што го бркаат и бараат да се предаде? И потоа, имало тепачки за кои секој ден пишуваат црните хроники? Но, госпоѓата Чет не застанала само на тоа, туку уште им рекла дека „тие игрички укажуваат на силни личности кај нив, на професионални гејмери што се кријат во нив, и дека благотворно влијаат врз развивање на ситната моторика, на решителноста за акција, а влијаат позитивно и на сонот и спиењето.“
Тоа е лага. Тоа е како госпоѓата Чет да ми рекла дека со секоја испушена цигара моето здравје се подобрува.

И, решив и јас да ја прашам нешто госпоѓата Чет, кралица на новиот свет. Ја прашав: „Колку сонца светат на ноќното небо?“ Добив одговор што ме шокираше: „Едно, тоа е Месечината“. Помислив дека е поет во душа, дека го читала Ацо Шопов, па знае и за „црно сонце“, или дека го слушала Ал Ди Меола и неговиот „Midnight Sun“. Решив да проверам, па ѝ реков дека на ноќното небо светат безброј сонца, зашто сите ѕвезди се всушност сонца. На тоа добив студен одговор: „Сосема си во право“. Значи, Чет сепак не е поет. Не е ни астроном, штом не знае дека ѕвездите се сонца. Но затоа е сигурно, лажго. Видеоигрите НЕ се добри за детскиот сон. Така велат психолозите.
Свесен сум за предностите на навистина енормно забрзаниот технолошки развој. Мојот дедо, Трајко, бакалин, бил пресреќен ако од Солун му донеселе „книга“ и мастилаво моливче да ги пишува вересиите; неговиот син, Верољуб, веќе користел машина за пишување како новинар, а јас, како негов внук, ја работев магистерската на еден од првите компјутери донесени во Скопје. Беше тоа во редакцијата на „Млад борец“ каде што, благодарение на дозволата на другар ми Никола Младенов, доаѓав надвор од работното време и се воодушевував што имам опции „кат“ и „пејст“, како и моментална промена на фонтот од кирилица во латиница, што значеше дека не морам постојано да вовлекувам листови хартија час во кириличната, час во латиничната машина. Веќе правнуците на Трајко ја носат „во џеб“ секаде со себе, на микрочип, Вашингтонската библиотека. Тоа се огромни предности, и само улав човек може да не ги користи.
Но, исто така, само улав човек може да го користи и дното, калта на оваа електронска галаксија. А таква кал од електрони има многу. Ќе пробам, најсовесно, да ги преиспитам уште еднаш – светлата и темната страна на таа „револуција“ што го роди новиот свет.